22 Април, 2025
0.1282

ИНТЕРВЈУ СО ТОНИ СТОЈАНОВСКИ, ДИРЕКТОР НА НЛБ БАНКА: Стратешки приоритет на НЛБ Банка е до 2030 година да биде целосно дигитална банка

Објавено во: Економија, Финансии 14 Април, 2025 12:36

Добивај вести на Viber

Континуирано вложуваме во нови технологии кои овозможуваат сигурен, лесен и брз пристап до нашите производи и услуги од каде било и во кое било време. Со тоа, не само што им го олеснуваме секојдневното работење и функционирањето на нашите клиенти, туку им помагаме да го трансформираат и поедностават начинот на кој управуваат со своите средства, вели  Тони Стојановски, Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје. Во своето ексклузивно интервју по стапувањето на челната позиција на една од системски најзначајните банки во земјава, Стојановски и со оптимистички прогнози за перспективите на македонската економија, доколку, како што нагласува, се има верба и посветеност од сите општествени чинители за клучните приоритети на земјата. Вели дека НЛБ Банка Скопје, заедно со НЛБ Групацијата, е целосно подготвена да ги поддржи инвестициите во земјава со сиот финансиски и експертски капацитет, истовремено поддржувајќи ја зелената транзиција и искористувајќи ги предностите на одржливиот бизнис.

Господине Стојановски, летото минатата година домашната финансиска и бизнис јавност беше пријатно изненадена кога дозна дека Вие преминувате на челната позиција на НЛБ Банка, една од трите најголеми и најмоќни банки во земјава, што се смета како еден од најголемите банкарски трансфери. Дали, по неколку месеци откако и официјално сте на таа позиција, сметате дека го направивте вистинскиот потег?

Стојановски: Оваа одлука дојде сосема природно, како нов предизвик на личен и на професионален план.Ќе бидам искрен и ќе кажам дека заминувањето од тим и луѓе со кои со години тесно соработувате, никогаш не е лесно. Низ годините градиме релации со своите колеги кои стануваат нераскинлив дел од нас. Но, позитивниот прием на новите колеги, вработените во НЛБ Банка, и подготвеноста на целиот тим за напредок, потенцијалот со кој се сретнав, како и силната амбиција и јасната визија на НЛБ Групацијата, само ми потврдија дека ја донесов вистинската одлука.

Сето ова овозможи, уште од првиот работен ден од преземањето на новата функција да ја насочам целата енергија, стекнатото знаење и повеќегодишното искуство кон дефинирање, фокус и реализација на приоритетите и стратегиите за натамошен развој на Банката.

Би сакал уште еднаш да се заблагодарам на Надзорниот одбор на НЛБ Банка Скопје како и на НЛБ Групацијата за дадената доверба да го водам Управниот одбор на Банката во еден клучен период на модернизација и трансформација во согласност со целите на трансформацијата на НЛБ Групацијата во целина. Посебно би сакал да им се заблагодарам на вработените во НЛБ Банка Скопје за топлиот прием и атмосферата на творечка енергија која заеднички веќе ја воспоставивме.

Ќе ја искористам оваа прилика да споменам дека годинава НЛБ Банка Скопје одбележува 40 години од своето постоење. Тоа е многу повеќе од јубилеј – тоа е потврда за отпорност, доверба и постојан раст и четири децении успешна навигација низ економските, социолошките промени и технолошкиот напредок. Заедно со целиот тим продолжуваме да чекориме кон градење на банка на иднината, поврзувајќи ги одличните фундаменти изградени во досегашниот период и амбицииите за освојување на нови хоризонти.

Како врвен економист, можете ли да ни кажете какви се Вашите размислувања за перспективите на македонската економија, кои се областите кои можат да донесат развој и што е клучно за тоа?

Стојановски: По природа сум оптимист и верувам дека можеме да креираме подобри перспективи за македонската економија. Тоа бара верба и посветеност од сите општествени чинители кои треба да ги дефинираат и да дојдат до конзензус околу клучните приоритети на земјата. Kако мала и отворена економија, треба да се справиме со предизвиците на глобалната сцена, да си ја заштитиме популацијата и да ги задржиме младите луѓе, да ја зголемиме продуктивноста, конкурентноста и извозот на странските пазари. Сведоци сме на промени кои се одвиваат со брзина која досега не е забележана во историјата на човештвото. За да го фатиме чекорот со светот и економски да бидеме конкурентни, потребно е сериозно инвестирање во знaeња и нови технологии.

Многу малку македонски производи се со поголема додадена вредност, имаме мал извоз и стапки на економски раст кои немаат потенцијал да генерираат значителна промена на нашиот животен стандард. Затоа, мораме да инвестираме во јавната инфраструктура и енергетиката, како и во образованието и развојот на вештините за примена на најновите технологии. Заедно со тоа, треба да се направат сериозни реформи за јакнење на институциите кои треба да обезбедат  владеење на правото и функционална пазарна економија. Само така ќе се поттикнат домашните и странските инвестиции  кои треба да донесат и поголемо производство и извоз, а со тоа и повисоки стапки на раст на економијата, како предуслов за повисоки плати и повисок животен стандард.

НЛБ Банка Скопје заедно со НЛБ Групацијата е целосно подготвена да ги поддржи инвестициите во земјава со целиот капацитет со кој раполага од финансиски и експертски аспект. Една од целите во нашата економија треба да биде заложбата што е можно поголем дел од домашното штедење алоцирано во форма на депозитен потенцијал кај банките да биде насочено во финансирање на инвестициите во земјава, како приватните, така и јавните инвестиции во инфрастуктурата и енергетиката.

Како се планира да се зголемува депозитната база, во услови кога каматната стапка почнува да се намалува, а стануваат сè поактуелни и други вложувaња, на пример берза, инвестициски фондови?

Стојановски: Минатата година НЛБ Банка Скопје оствари висок раст на депозитите од 15,5 отсто, додека на ниво на банкарскиот сектор растот на депозитите изнесуваше 11,0 отсто. Овој тренд на раст на депозитите планираме да го продолжиме и во наредниот период. Високото ниво на доверба кон НЛБ Банка придонесува да имаме голема клиентска база. Истовремено тоа нè поттикнува да имплементираме амбициозни планови и проекти за унапредување на нашите производи и услуги со цел да понудиме дополнителни придобивки за нашите клиенти.

Континуирано вложуваме во нови технологии кои овозможуваат сигурен, лесен и брз пристап до нашите производи и услуги од каде било и во кое било време. Со тоа, не само што им го олеснуваме секојдневното работење и функционирањето на нашите клиенти, туку им помагаме да го трансформираат и поедностават начинот на кој управуваат со своите средства.

Исто така, НЛБ Банка нуди и широка палета на небанкарски производи во доменот на инвестициските фондови, осигурувањето и лизингот. Наша цел е Банката да биде едно место од каде ќе се добијат сите финансиски услуги во согласност со потребите и склоноста за вложување на своите средства на сите категории наши клиенти. За сите нив сакаме да бидеме и советници и бизнис партнери и максимално да ја оправдаме довербата која ни ја укажуваат.

Дигитализацијата на банкарскиот сектор е една од топ темите на речиси сите банкарски собири и конференции, но редиците на банкарските шалтери сѐ уште можат да се забележат, во период на исплата на пензиите. Можете ли да ни откриете какви се Вашите планови околу дигитализацијата на НЛБ Банка?

Стојановски: Забрзаниот развој на дигитализацијата и фактот дека, би рекол, нашите животи сè повеќе се одвиваат  во дигиталниот простор, драстично ја забрзаа дигитална трансформација на банките, менувајќи ги суштински деловните модели и нивните стратешки приоритети. Стратешки приоритет на НЛБ Банка е до 2030 година да биде 100 отсто дигитална банка. Тоа значи можност за дигитален пристап и користење на сите производи и услуги на Банката преку мобилниот апарат или персоналниот компјутер на нашиот клиент. Истовремено,се дигитализираат и внатрешните процеси во Банката заради зголемување на продуктивноста и оперативната ефикасност. Тоа е неминовен процес, на кој во континуитет работиме, паралелно со обезбедување највисоки безбедносни стандарди. Нема да застанеме и со едукацијата на нашите клиенти за што помасовно користење на дигиталните канали и промена на нивните навики.

Факт е дека во моментов сите платежни услуги и голем дел од останатите услуги и производи кои ги нуди Банката можат да се обезбедат без да се доаѓа на шалтер или воопшто да се посетат просториите на Банката, меѓутоа, некои навики и преференци на клиентите потешко се менуваат. И тоа не е случај само кај нас, туку и во многу други земји, економски поразвиени од Македонија. На тоа влијаат повеќе фактори, вклучително и високото ниво на готовина во економските канали.

Во време кога се актуелни профитите на македонските банки, неодминливо е прашањето за добивката на Банката со која раководите. Имено, за минатата година НЛБ Банка оствари профит од 54 милиони евра, што е солиден раст во однос на една година претходно. Дали сте задоволен од овој финансиски резултат?

Стојановски: НЛБ Банка Скопје е системски значајна банка која со својата силна капитална и ликвидносна позиција значајно придонесува за макроекономската стабилност во земјава и финансирањето на растот на економијата.

Минатогодишните финансиски резултати се солидни, тие се резултат на добрата долгорочна стратегија на Банката, на нејзината посветеност кон клиентите, имплементираните иновации во работењето, процесите на дигитализација кои продолжуваат и понатаму, поддршката што ја обезбедува за постигнување на одржлив развој и транзиција кон „зелена економија“, како и резултат на реализацијата на општествено одговорните проекти значајни за пошироката заедница.

Јас лично сум задоволен од резултатот, тој испраќа порака до сите засегнати страни дека НЛБ Банка Скопје е вистинскиот избор на Банка, независно за какви финансиски услуги се работи.Тоа значи дека Банката е добра како за своите акционери, така и за вработените, економијата но и за општеството во целина.

На банките, не само во земјава, туку и во светот, им се забележува дека имаат високи каматни маргини, дека наплатуваат високи трошоци, и дека токму затоа секогаш се високо профитабилни. Како ги коментирате ваквите наводи, a oд друга страна зошто е важно банките да бидат финансиски стабилни?

Стојановски: Банките се многу транспарентни институции и редовно во поединости ги објавуваат сите информации за своите активности и финансиски резултати. За жал, погрешната перцепција за нивните профити, покрај другото, доаѓа од фактот што најчесто дел од јавноста се насочува кон коментари за апсолутни износи на профити без притоа да се отиде чекор понатаму и врз основа на транспарентно објавените детални информации во јавноста да се види со кој обем на активности се остварени тие резултати, колку капитал е ангажиран за нивното остварување, каква е оперативната ефикасност и продуктивноста на банките, колку вложувања се направени и низа други аспекти.

Понатаму, треба да се има предвид дека растот на кредитирањето и воопшто поддршката на банките на економијата и населението не се можни без дополнителен капитал кој треба да се обезбеди, со цел банките да останат сигурни и стабилни во согласност со барањата на прудентната регулатива. Основен извор на новиот капитал кај банките, што значи и извор на можноста за натамошен кредитен раст и поддршка на компаниите и домаќинствата е токму остварената добивка.

Истовремено, мора да се потсетиме дека како и кај сите останати акционерски друштва, така и акционерите во банките имаат право на принос на својот капитал. Во спротивно, кој би бил интересот за вложување во акции кај банките од страна на приватните акционери?

Во секоја пазарна економија, за ефикасно функционирање на банките со целосно запазување на јавниот интерес важни се две работи. Како прво, соодветна регулација и силна супервизија, и второ, поттикнување на здравата конкуренција. Сè останато е работа на пазарот.

Во услови кога тоа е едно од клучните прашања за банкарска одговорност и имиџ, можете ли да ни кажете колку НЛБ е зелена банка?  И колку ЕСГ сегментот е важен за НЛБ Банка Скопје?

Стојановски: Ние сме дел од Групација која е рангирана меѓу најдобрите компании за ЕСГ во рамките на индустријата и регионот. По значително подобрениот ЕСГ рејтинг за ризици за 10,5 од реномираната агенција  „Morningstar Sustainalytics“ кон крајот на 2024 година, на почетокот на годинава, НЛБ доби и две признанија од истата водечка компанија за истражување, рејтинг и податоци за ЕСГ.

Во конкуренција на повеќе од 15.000 компании во 42 индустрии, НЛБ е препознаена како „Top regional and Top industry“ компанија, што е значајна потврда за посветеноста на Групацијата и сите нејзини членки кон одржливи практики и одговорно работење. Ова е показател дека компанијата ефикасно управува со ЕСГ ризиците, истовремено искористувајќи ги предностите на одржливиот бизнис.

Одржливоста повеќе не е избор, таа е основа за долгорочен раст и позитивно влијание во заедницата. За илустрација, преку подобрување на сопствената енергетска ефикасност, набавка на електрична енергија од обновливи извори, како и преку намалување на потрошувачката на хартија и вода, селектирање на отпад, промовирање на патувањата на вработените со превозни средства кои имаат ниски CO2 емисии, во периодот од 2021 до 2024 оперативниот јаглероден отпечаток на НЛБ Банка е намален за 61 отсто.

Истовремено, Банката интензивно продолжува со финансирање на проекти насочени кон производство на електрична енергија од обновливи извори, како и станбени и деловни објекти со А или Б сертификати за енергетска ефикасност.

На крајот би сакал да ги споменам и нашите вложувања во заедницата, помошта на ранливите категории и поддршката во областа на културата, уметноста, музиката, спортот и сите наши проекти под слоганот „Создаваме подобар свет“.

Сето ова е потврда дека одржливоста за нас не е  само „празно слово на хартија“, туку системски пристап во сите наши операции и нашето секојдневно делување, и дека едноставно чувствуваме обврска да оставиме подобри траги ида придонесеме за подобар свет за генерациите кои доаѓаат.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ПРОГНОЗА НА ММФ: Колкав раст ќе има Македонија?

ПРОГНОЗА НА ММФ: Колкав раст ќе има Македонија?

СЕ ЗГОЛЕМИЈА ПЛАТИТЕ ВО ХРВАТСКА: Највисоката плата е исплатена во секторот основни фармацевтски производи

СЕ ЗГОЛЕМИЈА ПЛАТИТЕ ВО ХРВАТСКА: Највисоката плата е исплатена во секторот основни фармацевтски производи

ПОРАДИ ЦАРИНИТЕ НА ТРАМП: ММФ објави дека светската економија ќе забави

ПОРАДИ ЦАРИНИТЕ НА ТРАМП: ММФ објави дека светската економија ќе забави

МИНИМАЛНАТА КОШНИЧКА ПОСКАПЕ: Потребни се повеќе пари за живот

МИНИМАЛНАТА КОШНИЧКА ПОСКАПЕ: Потребни се повеќе пари за живот

ИНВЕСТИТОРИТЕ БАРААТ СИГУРНИ СРЕДСТВА: Цената на златото проби нова граница

ИНВЕСТИТОРИТЕ БАРААТ СИГУРНИ СРЕДСТВА: Цената на златото проби нова граница

ЦЕНИТЕ НА ГОРИВАТА ОСТАНУВААТ ИСТИ: Ова се максималните цени

ЦЕНИТЕ НА ГОРИВАТА ОСТАНУВААТ ИСТИ: Ова се максималните цени

ВО СТРАНСТВО ПРИМАТЕ ГЕРМАНСКА ПЕНЗИЈА? ОВА МОРА ДА ГО ЗНАЕТЕ ЗА ДАНОЦИТЕ - еве каде ќе бидат оданочени вашите приходи

ВО СТРАНСТВО ПРИМАТЕ ГЕРМАНСКА ПЕНЗИЈА? ОВА МОРА ДА ГО ЗНАЕТЕ ЗА ДАНОЦИТЕ - еве каде ќе бидат оданочени вашите приходи

Се разгледуваат можности за изградба на нов саемски комплекс во Скопје

Се разгледуваат можности за изградба на нов саемски комплекс во Скопје

ПОЧНА ПОСТАПКАТА ЗА ТРЕТ МОБИЛЕН ОПЕРАТОР: Прво ќе има јавна расправа за спроведување тендер за трет мобилен оператор

ПОЧНА ПОСТАПКАТА ЗА ТРЕТ МОБИЛЕН ОПЕРАТОР: Прво ќе има јавна расправа за спроведување тендер за трет мобилен оператор