24 Јуни, 2019
0.0175

Во светло на најавените даночни реформи

БИЛЕТ ВО ЕДЕН ПРАВЕЦ ЗА МЛАДИТЕ ПРЕTПРИЕМАЧИ

Објавено во: Колумни 10 Ноември, 2018

Целиот овој концепт не е нималку функционален за иден значаен развој на пазарната економија, за просперитет на малите и средни бизниси и за промовирање на претприемништвото

Не можејќи да ја претпоставиме комплексноста на параметрите и аналитичката платформа кои, во суштина, се основа за најавените даночни реформи, несоодветно би било да носиме брзи заклучоци во насока на остварување на нејзините цели или очекуван резултат. Но, гледано од аспект на толкување на еден просечен даночен обврзник во Македонија, а според она што е најавено, лесно се заклучува дека тие лежат на маргините на нешто што може да се нарече вистинска РЕФОРМА.

Во пазарни услови на работење, каде функционалноста и успешноста на реалниот сектор се темелат на остварување на што поголема разлика помеѓу реалните приходи и расходи, во основа, стопанските субјекти континуирано настојуваат да остварат зголемен приход или да ги рационализираат трошоците. Ако низ оваа призма, се толкуваат елементите на најавената даночна реформа, во суштина истата има за цел, „прибирање” на и онака ситниот позитивен ефект од „зголемениот” оперативен резултат на одреден број деловни субјекти, кои во услови на кршлива и фрагментирана внатрешна економија, нелојална конкуренција, увезени енергенси и високо конкурентни пазари во Европа и регионот, релативно тешко остваруваат позитивен биланс во финансиските резултати и реалните парични текови.

Од друга страна, на овој сегмент од реалниот сектор, единствена алтернатива во контекст на сопствено подобро делување е финансиски да ги мотивира вработените во насока на зголемена ефикасност, континуирана одржливост и деловна конкурентност. Оваа група на млади професионалци значаен дел од една загрозена категорија, заради несоодветни системски решенија масовно ја напушташе земјата, во надеж дека во државите не ЕУ ќе може да очекува некаква подобра перспектива за лична благосостојба или подобра егзистенција.

Од овој аспект, а гледано на долг рок, младите професионалци и претприемачи, кои во овој период од животниот циклус треба да стекнат нешто поголеми примања кои би ги вложиле во развој на сопствен бизнис, купување на сопствен имот или понатамошен личен развој, ќе бидат соочени со зголемени расходи во сопствениот даночен биланс, што на долг рок повторно ќе ги поттикне да бараат други алтернативи на кои сите ние сме сведоци во минатото. Со тоа, целиот овој концепт, не е нималку функционален во насока на иден значаен развој на пазарната економија, малите и средните бизниси и претприемништвото, а кои во суштина, се основа за развојот на пазарот во Република Македонија кој е мал и подложен на нелојална конкуренција.

Во светло на елаборираните аспекти, лесно може да се заклучи дека најавената реформа не би требала да се фокусира кон еден помалку значаен приходен сегмент, туку нејзина основа треба да бидат пазарните законитости со кои немилосрдно се соочени деловните субјекти, а пред сè младите професионални кадри, кои се определени да развиваат сопствен бизнис.  Оттаму, произлегува и неопходната потреба Република Македонија, компонентите на расходите или трошоците значајно да ги рационализира, да ги контролира и, пред сè, суштински да ги РЕФОРМИРА кон функционален пазарен модел, којшто, на долг рок, ќе овозможи подобра конкурентност, транспарентност и ефикасност на функционирањето на реалниот сектор во националната економија.

Моментот кога планот на даночните реформи ќе ги земе во предвид сите укажувања во оваа насока, ќе можеме да очекуваме позитивни резултати на подолг рок.

Тихомир Петрески
”Петрески & Партнери” Консалтинг

Можеби ќе ве интересира

Трки-па и со точаци

Трки-па и со точаци

„Директна линија“ за кревање на рејтингот на Путин

„Директна линија“ за кревање на рејтингот на Путин

Емиграција на медицинскиот кадар од Република Македонија

Емиграција на медицинскиот кадар од Република Македонија

Со хеликоптер на свадба

Со хеликоптер на свадба

Украинскиот патријарх го отфрла томосот за автокефалност!

Украинскиот патријарх го отфрла томосот за автокефалност!