12 Мај, 2024
0.0242

Бизнисот се врти кон исток, македонските студенти се повеќе учат азиски јазици!

Објавено во: Мои пари 07 Ноември, 2013

Добивај вести на Viber

Македонските студенти заинтересирани за изучување на азиските јазици! Мистиката на егзотичната традиција и култура! Расте интересот помеѓу македонските студенти за изучување на азиските јазици. Кинескиот, корејскиот, а од годинава и јапонскиот јазик привлекуваат се повеќе студенти кои сакаат да научат нешто повеќе околу традицијата, јазикот и културата на овие егзотични земји. Досега триесетина студенти на Филолошкиот факултет “Блаже Конески” го изучувале кинескиот јазик како предмет, а 15 студенти кои ја избрале тригодишната потпрограма ги добиле дипломите во кои составен дел е кинескиот јазик и култура. Корејскиот јазик започнал да се изучува како четирисеместрален предмет во 2005-тата, а како тригодишна потпрограма за корејски јазик и култура е акредитирана од 2010-тата година. Овој семестар, четворица студенти се стипендисти на Корејската федерација на универзитетот Ханкунг во Јужна Кореја, а дваесетина студенти го изучувале корејскиот јазик и култура. Јапонскиот јазик на Филолошкиот факултет започнал да се изучува промотивно како курс во 2011 година, а од годинава во новите студиски програми е акредитиран јапонскиот јазик како четирисеместрален предмет кој го посетуваат триесетина студенти. Симон Калајџиев е редовен студент во прва година, на Филолошкиот факултет “ Блаже Конески” во Скопје, кој ги одбрал јапонски, кинески и корејски јазик како изборни предмети. Воодушевен од културата на овие источни земји се одлучил своето образование да го продолжи на филолошкиот факултет, иако зад себе веќе има диплома од Факултетот за ликовни уметности. “Уште пред да дипломирам на ликовна уметност почнав да се интересирам и за јазици. Оваа година се запишав на Филолошкиот факултет и одбрав Тоа се трите главни јазици на источна Азија. Како ликовен уметник мотивацијата да ги изучувам овие јазици произлегува од фасцинација со азиските култури. Тие се неисцрпна инспирација за надоградба на моето авторско творештво и ликовен израз. Се разбира, голем број од моите колеги филолози се свесни и за економскиот подем на тие земји и се подготвуваат да се вклучат во зголемена сорабока која би била од големо значење за нашата земја. Далечниот исток секогаш ми се чинел чудесен и во извесна мера мистичен. Често посакував да умеам да ги читам оние енигматични знаци од древна Кина, кои се и денес во широка употреба во регионот, но никогаш не верував дека навистина ќе научам. Мислев дека е потребно да имаш сосема поинаков ментален склоп за да мошеж да се снајдеш со така сложени писма. Пред пет години почнав самостојно да го изучувам јапонскиот јазик и набрзо се заљубив во поимовното писмо и калиграфијата. Отпрво мислев дека тоа се само расфрлени цртки во разни облици, но со време разбрав дека станува збор за систем на стилизирани хиероглифи кои се меѓусебно поврзани и функциноираат во извесна мера како ребуси. Така почнав систематски да ги изучувам со голема преданост и занос. Кога некој ќе ме праша дали писмото е најпроблематично за учење јас сум збунет и можам само да одговорам “Не, напротив, мене ми е најинтересен дел од јазикот„. Разбрав дека во јапонскиот јазик писмото нуди можност за игра на зборови и знаци која не е можна во ниеден друг современ јазик. Многупати оттогаш жалам што западниот свет не зачувал ниедно од древните поимовни т.е. хиероглифски писма во некаков модерен облик. Не само тоа но всушност и усвојувањето на вокабуларот и граматиката бара да створиш сосема нов тип на синапси во главата. Граматиката кај тие јазици е сосема поинаква од онаа кај евроските. Таму нема род, број, лице, падежи, па во извесна смисла ни глагослко време како кај европските. Но иако е лесна за учење, граматиката не е сосема проста и нуди многу можности за изразување на поинкви начини. Сега откако добро го запознав карактерот на јапонскиот јазик а почнав да ги учам и кинескиот и корејскиот, си мислам дека навистина мојот ум се промени и се стекна со многу нови начини на поимање и размислување, и не само со проширена свест за природата и употребата на говорот туку и за многу други аспекти на животот”- вели Симон Калајџиев. Јапонскиот јазик атрактивен за студентите Азиските јазици сами по себе носат одговорност и потреба за целосна посветеност, бидејќи се спој на сликата и зборот, на мистичното, далечното, егзотичното, несекојдневното. Иако за многумина нивното изучување и откривање на тајните и спецификите на јазикот се недостижни и далечни , за дел од студентите, токму овие јазици се предизвик повеќе да се отвори нова страница во образовниот процес. Зорица Петкоска е магистрант на Филолошкиот факултет “Блаже Конески” во Скопје и стручен соработник на катедрата за превод и толкување. Јапонскиот јазик е вели нејзина најголема и неостварена желба, го учи со останатите студенти и им помага на професорите околу организацијата. Вели нејзината љубов кон јазиците секогаш била прв поттик за учење, а за јапонскиот јазик дополнителен мотив е нејзината фасцинација со јапонската традиционална и модерна култура. Мојата вели, “љубовна приказна“ со јапонскиот јазик ја преживеа долгогодишната потрага по часови и најде среќа на Филолошкиот факултет пред две години. “ Засега на Филолошкиот факултет има само часови по јапонски јазик (почетен и напреден курс), но не и по јапонска граматика, јапонска книжевност и слично, како што е случај со кинески и корејски јазик кои можат да се студираат и под Б модул. Фондот на часови е 4 часа неделно.Предавањата по јапонски јазик ги одржуваат родени говорители кои доаѓаат од Јапонија, веќе трета академска година по ред. Контактот со нив е бесценет за нас, но верувам дека за поинтензивно да се совлада јазикот потребни се повеќе часови и повеќе предмети. Предизвикот е најпрво ментално да се премине огромниот културолошки јаз кој е отсликан во самиот јазик и неговата граматичка и синтактичка структура, зборовите кои се означители на кај нас непостоечки концепти и обратно, наши концепти за кои не постои ни сознание ни збор на јапонски јазик, а она што е најтешко за најголемиот број студенти е писмото кое е најтешко и меѓу останатите азиски писма. Јапонскиот јазик се пишува со три различни писма : модифицирани кинески знаци канџи (漢字) и две слоговни писма хирагана (平仮名) и катакана (片仮名). Покрај овие три стандардни писма, јапонскиот јазик користи и модифицирана латинска азбука наречена рома џи, која се користи за полесно претставување и читање на јапонски имиња и компании. Денес, најчесто се користат основните арапски броеви но се користат и традиционалните сино-јапонски броеви.На крај, потешкотија е да се студира јапонски како изборен предмет бидејќи бара многу труд и посветеност, а сеуште не може да се избере како посебен факултетски модул”-вели Зорица Петкоска. Најценет сертификат за познавање на јапонски јазик е JLPT (Japanese Language Proficiency Test) кој има 5 нивоа, а Зорица моментално се подготвува за второто ниво (4то според овој тест, каде 1 е највисоко ниво, а 5 најниско). Како група студенти сакаат да организираат и мал културен фестивал или 文化祭(bunkasai) каков што традиционално одржуваат сите поголеми универзитети кои имаат катедра за јапонски јазик. Во регионот, Софискиот Универзитет во Република Бугарија веќе две години одржува летен камп по јапонски јазик на кој гостуваат студенти по јапонски јазик од Бугарија, Србија, Турција, Романија и Македонија. Благодарение на нивното гостопримство студентите контактираат меѓу себе и со поголем број професори и лектори од Јапонија, учат јазик но и многу култура – икебана, кендо боречки вештини, вештина на облекување кимоно, оригами, калиграфија, церемонија на пиење чај, традиционален танц и песна, калиграфија. “Интересот за изучување на јапонски јазик е многу голем, и секоја година доаѓаат барем 40-тина ученици, но секогаш брзо се откажуваат поради немање време, па засега има само 7-8 ученици на напредно ниво, и 15тина на почетно ниво.Предавањата првите две години се реализираа во 2 семестри и беа само факултативни и не носеа кредити. Од оваа академска година се планира да се предава јапонски јазик како изборен јазик под Ц кој ќе носи кредити и ќе се предава 4 семестри.Размените се најдобар начин за усовршување на јазикот, но за жал студентите кои слушаат јапонски јазик сеуште ја немаат таа можност. За среќа, студентите на кинески јазик и корејски јазик на Филолошкиот факултет имаат шанса за стипендија – едногодишна и двегодишна во Кина и едносеместрална во Кореја. За во целост да се пренесе овој јазик, а и кој било друг странски јазик, потребни се минимум четиригодишни студии, односно неопходна ни е катедра за јапонски јазик и студии по јапонски јазик, доколку сакаме од нашиот факултет да излезе подготвен и соодветен кадар”-додава Зорица. Развој на бизнисот, расте интересот за изучување јазици Дека интересот за изучување на азиските јазици е во пораст поврдува и деканот на Филолошкиот факултет “Блаже Конески” -Славица Велева. Неколку годишниот труд да се истражуваат и учат овие јазици кои имаат навистина специфично и тешко писмо, култура и традиција, според неа, резултирал со успешни студенти кои денес работат на превод од кинески на македонски . Многу брзо од овие катедри треба да излезат уште кадри по кинески, корејски и јапонски јазик кои подготвено ќе конкурираат на домашниот и странскиот пазар на труд, што отвора можности за идни вработувања, токму поради помалата конкуренција. “Изучувањето на кинескиот јазик започна на ниво на четирисеместрален предмет во 2002 година, а во 2005 веќе се воведе тригодишна потпрограма за изучување на кинескиот јазик и култура. Како резултат на овие студии и интересот на студентите, неодамна на УКИМ се отвори Кинескиот културен центар „Конфуциј’ со кој се подигна нивото на интерес на изучување на кинескиот јазик и култура .Во текот на досегашните години . Јапонскиот јазик започна да се изучува промотивно како курс во 2011 година, најпрво со 20-тина студенти, минатата година имаше 40 студенти, а од оваа година во новите студиски програми е акредитиран јапонскиот јазик како четирисеместрален предмет кој го посетуваат 30-тина студенти. За афирмација на овие предмети голем удел и влог имаат лекторите по кинески, корејски и јапонски јазик, кои со голем ентузијазам работат со заинтересираните студенти и се обидуваат да им пренесат дел од далечните култури. Големата поддршка во афирмацијата на овие јазици и култури се согледува и во постојаните донации на учебници, книги, филмови и списанија на соодветните јазици. Токму пред два дена повторно добивме извонредна литература како донација од Корејската фондација со што се збогати фондот на вакви изданија на Филолошкиот факултет”-завршува деканот на Филолошкиот факултет “Блаже Конески”- Славица Велева. Со оглед на брзиот развој на бизнисот во азиски земји, доброто познавање на овие јазици и култури со себе носи голем финансиски бенефит. Изучувањето на јапонскиот јазик, според многу истражувања е прогласено за економски најисплатливо изучување на некој јазик. Студентите кои се одлучуваат за проучување на јапонскиот јазик и јапонската култура имаат добро платена работа во текот на целиот живот. Нивната просечна плата според пресметките изнесува 36 473 фунти. С.Б.

Можеби ќе ве интересира

БРАКО ЌЕ ПРОМОВИРА НОВО ЕЛЕКТРИЧНО ВОЗИЛО НА САЕМ ВО МИНХЕН

БРАКО ЌЕ ПРОМОВИРА НОВО ЕЛЕКТРИЧНО ВОЗИЛО НА САЕМ ВО МИНХЕН

Реализирани 200 бесплатни дермоскопски прегледи на бенки со Mole mah HD

Реализирани 200 бесплатни дермоскопски прегледи на бенки со Mole mah HD

Децата е најважно да ги научиме да размислуваат

Децата е најважно да ги научиме да размислуваат

НАЈПОСАКУВАНИОТ СУПЕР МИЛИОНЕР ВРЕДЕН СКОРО 21 МИЛИОН ДЕНАРИ ГО ОСВОИ ИГРАЧ НА ВЛТ ВО ТЕТОВО

НАЈПОСАКУВАНИОТ СУПЕР МИЛИОНЕР ВРЕДЕН СКОРО 21 МИЛИОН ДЕНАРИ ГО ОСВОИ ИГРАЧ НА ВЛТ ВО ТЕТОВО

Халкбанк и Литера: Заедно за културен процут и креативна инспирација

Халкбанк и Литера: Заедно за културен процут и креативна инспирација

„АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ДОДЕЛИ БЛАГОДАРНИЦИ И НАГРАДИ ЗА НАЈХУМАНИТЕ МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ

„АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ДОДЕЛИ БЛАГОДАРНИЦИ И НАГРАДИ ЗА НАЈХУМАНИТЕ МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ

Истражување од Шведска: Високата употреба на никотин не е клучен фактор во развојот на болести поврзани со пушењето

Истражување од Шведска: Високата употреба на никотин не е клучен фактор во развојот на болести поврзани со пушењето

А1 Македонија ја дополнува понудата со услуги за помош во домот во соработка со „ORYX Assistance“

А1 Македонија ја дополнува понудата со услуги за помош во домот во соработка со „ORYX Assistance“

Кога последен пат сте ја играле оваа игра?

Кога последен пат сте ја играле оваа игра?