БЛОКАДА НА КОСОВО: Србите спречени да дојдат до манастирот во Ѓаковица
Објавено во: Балкан 06 Јануари, 2018
Косовски Албанци денеска го блокираа пристапот до манастирот „Пресвета Богородица“ во Ѓаковица.
Претходно српските верници ја откажаа најавената посета поради закани и безбедносната ситуација, напиша отецот Сава Јањиќ на својот Фејсбук профил.
Четири монахињи останале заклучени во манастирот, литургија не била служена, ниту можел некој да донесе бадникови гранчиња.
„Наводните мирни протести се само продолжување на етничкото чистење на Ѓаковица од Срби, кое се случува по 1999 година, со уништување на српските цркви и куќи“ - наведува Јањиќ.
Тој тврди дека „Србите долги години се соочуваат со негирање на основните верски и човекови права, а овој пример покажува дека христијаните во Косово не можат да го прослават слободно ниту Божик“.
Отецот прашува дали меѓународните претставници во меѓувреме ќе успеат да ја гарантираат безбедноста. Спомнатиот верски објект бил запален и изгорел до темел во 2004 година.
Ова не е прв ваков случај. Многу пати досега Србите биле спречени да дојдат во своите светилишта на Косово.