Богоевски: Убаво е да се укинат патните трошоци на пратениците, но има директори со по три секретарки и пет коли
Објавено во: Македонија 06 Март, 2020
Целосното укинување на патните трошоци за пратениците е мошне благородна и нужна идеја, иако можеби малку непрактична.
Ова го напиша на својот фејсбук профил поранешниот пратеник од редовите на власта Павле Богоевски, откако вчера лидерот на СДСМ Зоран Заев објави дека доколку неговата партија ја добие довербата од граѓаните на изборите, ќе предложи за наредниот мандат укинување на патните трошоци за пратениците.
„Но, вистинските непотребни трошоци не се само кај пратениците. Треба да се направи темелна анализа на оправданоста за сите привилегии на јавните функционери. Ако земеме предвид дека законодавната е посебен столб на власта, подеднакво важен како извршната и судската и дека сегашните патни трошоци на пратениците се дефинитивно превисоки и неоправдани - тогаш дали секое јавно државно или локално претпријатие треба да има и заменици директори со голем помошен персонал и којзнае колку службени возила? Особено ако знаеме дека во државава има многу повеќе директори, заменици, раководители и сл. од што има пратеници“, пишува Богоевски.
Натаму, додава дека не е во ред пратеници да наплаќаат илјадници евра за патни трошоци. Но, нагласува, дефинитивно и не е во ред да имаме три секретарки и пет коли по глава на директор!
„Ако овие трошоци се помалку видливи од оние на пратениците, не значи дека не треба да бидат адресирани“, пишува Богоевски.
И во п.с. потенцира дека сновната претпоставка за силно Собрание е пратеници кои ги имаат потребните услови за да можат слободно, независно и ефикасно да ја вршат својата функција, а тој тврди дека сегашните услови не го овозможуваат тоа.