Бугарија ќе ги казнува жените кои носат бурки
Објавено во: Балкан 30 Септември, 2016
Бугарскиот парламент денеска даде зелено светло за забраната за носење бурка на јавно место.
Според усвоениот закон, никој не смее да го прекрива лицето на јавно место, а во случај на кршење на законот, предвидена е казна од 100 евра за првиот прекршок, до 750 евра за секој следен.
Казните ќе се избегнат ако е неопходно таквата облека да се носи, во случај на здравствени проблеми, вршење професии, во рамки на спортски, културни, образовни и слични настани, во верски објекти и кога тоа законски е одлучено поинаку.
Пред почетокот на дебатата за законот, пратениците од партијата на бугарските Турци, Движење за права и слободи, предложија законот да не се разгледува во парламентот затоа што велат остава можност за реваншизам, односно за радикалните сили да бараат повод за одмазда.
Пратениците од ДПС, демонстративно ја напуштија седницата на Парламентот.
Во повеќе европски земји веќе е забрането носење бурка за да се спречи ширење на радикален ислам.
Во Бугарија околу 13% од граѓаните се муслимани.