19 Мај, 2024
0.0291

Целиот говор на Црвенковски пред МАНУ: Кој живее од кредит, умира на рати

Објавено во: Македонија 27 Септември, 2021

Добивај вести на Viber

Канцеларијата на поранешниот претседател Бранко Црвенковски го испрати неговото целосно обраќање на Свечениот научен собир во МАНУ на тема „Современата македонска држава-две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој:1941-1991/1991-2021 година“.

Црвенковски ги критикуваше задолжувањата, неединството на партиите, неефикасната и преобемна администрација и јавен сектор, Договорот за добрососедство со Бугарија, а во продолжение следува неговиот целосен говор:


„Почитувани Претседатели, почитувани дами и господа,

  Одбележувањето на 30 годишнината од создавањето на самостојна и суверена Република Македонија е извонреден повод за една сериозна, објективна, ослободена од било какви предрасуди и стереотипи анализа за тоа што е постигнато, а што пропуштено, кои се успесите, а кои грешките во изминативе 30 години и кои се поуките кои, врз основа на тие искуства, можеме како држава и општество да ги извлечеме.

Истовремено овој значаен јубилеј, што е уште и поважно, претставува обврска да се соочиме со реалноста каде се наоѓаме денес, кои се нашите стратешки цели за иднината и кои се политиките за нивно остварување.

Почитувани, на 8ми септември 1991ва година македонскиот народ  и граѓаните на Република Македонија, плебисцитарно се одлучија за сопствена независна држава.Но тоа беше само почеток на еден долг и трнлив пат со многу ризици и предизвици. Таа независна држава требаше допрва да се гради. Да се создаде сопствен безбедносен систем, своја македонска армија, сопствен монетарен систем, своја Централна банка, сопствена дипломатија, сопствена Царина и уште цела серија институции, чии функции до тогаш беа под надлежност на поранешната Југословенска федерација.

Во истиот период требаше да се менува целокупниот политички систем.Повеќепартизмот беше воведен претходно, но допрва требаше да се менува скоро целокупното законодавство, да се создаваат институционални структури иманентни за едно демократско општество, да се либерализира медиумската сфера, да се создаде основа за развој на граѓанскиот сектор.

Како држава и како општество се решивме да ја напуштиме самоуправната и да градиме пазарна економија, вклучително и со трансформација на општествениот капитал.

Значи сето тоа истовремено и сето тоа со исклучително лоша стартна основа и со екстремно негативно опкружување.

Југословенската федерација се распадна на најлошиот можен начин, со крвави, повеќегодишни меѓуетнички и меѓурелигиски војни со огромен ризик да се прелеат и на наша територија.

Најголемите наши индустриски комбинати и претпријатија беа директно зависни од југословенскиот пазар кој повеќе не постоеше, што предизвика затворање на дел од капацитетите и сериозни штети на вкупното стопанство.

За да полесно се разбере која ни беше почетната база ќе дадам еден податок: одлуката за монетарно осамостојување ја донесовме со само 3 милиони долари девизни резерви и со наследен долг кон странство од 1 милијарда и 140 милиони долари и внатрешен долг кон девизните штедачи од 1,082 милиони долари! Заради спорот со Грција околу уставното име на нашата земја, Република Македонија влезе во подолг период на меѓународна изолација.

Европскиот совет на тогаш Европската заедница, денес Европската унија, на 27 јуни 1992 година ја донесе така наречената Лисабонска декларација според која нашата држава нема да биде признаена се додека во нејзиното име биде вклучен терминот „Македонија“.

На 16ти февруари 1994та година, со цел да се предизвика прво економска, апотоа и политичка капитулација на Македонија, Република Грција воведе целосно ембарго на нашата јужна граница кое траеше се до 13 септември 1995та година.За да ситуацијата биде уште полоша,Советот за безбедност на ООН, на 30ти мај 1992 година воведе санкции против Сојузна Република Југославија кои траеја се до 14ти септември 1996та  година.

Значи двете од четирите наши граници,ни беа целосно затворени и тоа токму оние преку кои бевме единствено железнички поврзани со светот.Последиците врз нашата економија беа катастрофални. Повозрасните добро се сеќаваат дека во тој период на бензинските  пумпи не се чекаше со автомобили туку со канти и шишиња во рацете. Имаше денови кога немаше гориво ниту за болничките и полициските возила, а камоли за граѓаните или стопанските субјекти.

И сето тоа го издржавме. И не само што го издржавме туку истовремено изградивме држава со сите атрибути. Го сочувавме мирот, ја пробивме меѓународната изолација (да потсетам, во еден момент дојдовме до тоа да 2/3ни од земјите членки на ООН и 3 од 5те постојани членки на Советот за безбедност: САД, Русија, Кина не признаа под уставното име Република Македонија), ја победивме хиперинфлацијата, и создадовме стабилна валута,создадовме македонска армија, македонска дипломатија, македонски институции во сите сфери од општествениот живот.

Почитувани, посебно се задржав на случувањата од деведесеттите години, затоа што кога денес се говори за тој период вообичаено се користи терминот „транзиција“ во негативна смисла, сведувајќи ги сите тие процеси што во тоа време се одвиваа на еден единствен -приватизацијата.

Во Југославија уште пред нејзиниот распад (како впрочем и во цела Источна и Централна Европа) се донесе одлука да се напушти социјализмот и да се гради капитализам.Соодветно на тоа отпочна и приватизацијата на општествената сопственост според таканаречениот закон на Анте Марковиќ. Еден добар дел од македонските претпријатија го отпочнаа процесот, а некои успеаја и мнозински да се приватизираат според тој закон уште  додека бевме во рамките на Југословенската федерација.

По осамостојувањето во Македонија се донесе закон за приватизација кој во основа беше продолжување на законот на Анте Марковиќ.Клучното решение во тој закон беше дека сите вработени во општествените претпријатија можат, со големи попусти во зависност од должината на работниот стаж и со можност на плаќање на повеќе рати да станат сопственици на акции во своите фирми.

И тоа во тој момент, во тие околности изгледаше праведно.Јас денес можам да набројам  низа фирми во кои вработените се стекнаа со акции кои вредеа и вредат значајни суми пари и кои им претставуваа значајна финансиска сигурност и потпора.

За жал, многу често тоа не беше случај. Големите аномалии настанаа вопост-приватизациониот период. Во многу претпријатија вработените под притисок и уцена, во страв да не ги изгубат работните места ги отстапуваа своите акции по минимална вредност па дури и без пари на менаџерските структури.

Едноставно, не создадовме ефикасен механизам за заштита на интересите на малите акционери и тоа беше голема грешка. Губењето на работните места во многу поголема мера се должеше на бројните стечаи отколку на приватизацијата. А стечаи имаше и заради субјективни слабости , но и поради објективни околности (изгубените пазари, блокадите, немањето на кредитна поддршка да се одржи производството и сл.).

Во секој случај, се направија крупни грешки. Со денешниве сознанија и искуства, со оваа памет, сигурно дека многу работи јас лично би ги направил сосема поинаку. Но за жал,како во приватниот живот така и во политиката времеплов непостои. Без разлика што ниедна од тогашните одлуки не беше донесена со лоши намери,туку верувајќи во тие и такви тогашни околности, дека се правилни, од денешен аспект гледано негативните последици мора да се признаат.  И за успесите кои беа постигнати но и за грешките кои беа направени во периодот додека бев Премиер носам целосна одговорност.

Почитувани претседатели, почитувани учесници на овој собир,

Сметам дека како поранешен Премиер и Претседател на Република Македонија имам право но и обврска  да проговорам, барем во кратки црти, за тоа каде според мои согледувања се наоѓаме денес како држава и кои се политиките кои што треба да ги спроведуваме во иднина.

Ќе почнам со едно од прашањата од стратешки интерес за нашата земја, Евро-атлантските интеграции. Веднаш по стекнувањето на независноста во Македонија се постигна широк општествен консензус дека нашата иднина е во НАТО и ЕУ.

За жал и покрај исполнатите услови уште пред 13 години, заради спорот со Грција ниту станавме членка на НАТО ниту ги отпочнаме преговорите со ЕУ.Ни беше најавено, па дури и гарантирано дека Преспанскиот договор е клучот што ќе ги отвори 2те врати.

За жал испадна дека не е така. Станавме членка на НАТО, но заради позициите  на Бугарија не можеме да ги отпочнеме преговорите со ЕУ.

Во секој случај јас не би ставил знак на еднаквост помеѓу Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство и соработка со Бугарија од најмалку една причина. Преспанскиот договор со Грција, кој јас не го сметам за добар, уште помалку за идеален, туку за избор на помалото зло, сепак затвори едно тешко отворено прашање. Договорот со Бугарија, не само што не затвори ниту едно прашање, туку напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја што компромис едноставно не е можен.

Јас би сакал да ја искористам оваа прилика и да отворам уште една тема околу нашето европско интегрирање. Мантра која постојано ја слушаме од страна на актуелните политичари во нашата земја е: „Полноправното членство во ЕУ е нашата единствена опција за која не постои алтернатива. Не постои и воопшто не размислуваме за план Б.“ Го поставувам прашањето, а што ако не заради нас, не затоа што ние не сакаме или не сме спремни да ги спроведуваме неопходните реформи и да ги исполнуваме неопходните критериуми, туку затоа што самата ЕУ реши да нема понатамошно проширување, на пример затоа што ваква каква што е со постојните членки е недоволно функционална и ефикасна, дека евентуално нови членки дополнително ќе го усложнат и онака премногу компликуваниот начин на одлучување и креирање на заеднички политики? А такви размислувања во рамки на Унијата веќе има.

Што во тој случај ќе правиме ние за кои не постои друга алтернатива? Ќе се самоукинеме, ќе се самораспуштиме како држава? Или мора да најдеме алтернатива!

И веднаш да појаснам за да не биде погрешно разбрано. Јас алтернатива не гледам ни на исток ни на далекиот исток. Моето прашање е дали во тој случај имаме сопствен општествен капацитет, политичка волја и јасна визија да се одржиме и развиваме како суверена држава и без полноправно членство во ЕУ?

Дали сме способни и волни да ги спроведуваме неопходните реформи во сите области, не затоа што тоа Брисел ни го наметнува, туку затоа што тоа ни е потребно нам, на нашите граѓани, за да живееме подобро, во подемократска, економски поуспешна, во правно посигурна, поправедна држава?

Зарем некој од Брисел треба да ни каже дека законот треба да важи подеднакво за сите, судството да биде независно, медиумите слободни, дека корупцијата е зло кое ако не го совладаме ќе не уништи?

Ако нашата главна идеја водилка е: „НАТО ќе не брани, ЕУ ќе не храни“, тврдам дека ниту ќе се одбраниме, ниту ќе се нахраниме. Зарем не е логично дека никој од надвор не може да биде повеќе заинтересиран од нас самите во каква држава ќе живееме и каква држава ќе оставиме на нашите деца и внуци.

Па ако е логично што не попречува така да се однесуваме кон сопствената земја? Има повеќе причини, но заради ограниченото време, јас ќе се задржам само на неколку, според мое мислење, клучни:

1.Македонија е корумпирана држава.

Во корумпирана држава нема еднаквост пред законот, нема правда, нема доверба во судството. Во корумпирана држава нема фер пазарна економија каде ќе одлучува квалитетот, а не „подмачкувањето онаму каде што треба“. Во корумпирана држава нема квалитетно образование каде што дипломите ќе се заслужуваат, а нема да се купуваат. Во корумпирана држава нема ниту квалитетно здравство, ниту ефикасна администрација, ниту елементарна доверба во институциите.

И што е најважно, во корумпирана држава нема и не може да има доминантно прифатен систем на морални вредности кој ни е неопходен за да се активира целокупниот општествен потенцијал за да се пробуди надеж, да се искористи расположливото знаење и енергија да исчекориме напред.

2.Македонија е внатрешно длабоко поделена и конфронтирана држава. Во Македонија не е можно да се изгради консензус околу ниту едно стратешки важно прашање. Политичките партии меѓусебно не се гледаат како конкуренти, туку како непријатели кои треба да се уништат не бирајќи средства.

Изборите, без разлика од кој вид, не се третираат како фер натпревар кој е подобар, туку како гладијаторска борба во која победникот добива се, а поразениот ништо.

Јас сум длабоко уверен дека вака внатрешно конфронтирани, раскарани и замразени, неспособни ниту да седнеме на иста маса, а камоли за нешто да се договориме, немаме никакви шансида ја направиме Македонија поуспешна, попросперитетна, посакувана во неа да се живее и во неа да се верува.

3.Македонија е држава која живее на кредити. А постои една изрека „кој живее на кредит, умира на рати“. Еве неколку податоци:

-Во 2001ва година бруто надворешниот долг (значи вкупниот долг, и на државата и на приватниот сектор) изнесувал 1 милијарда и 494 милиони долари. Во 2011та година бруто надворешниот долг пораснал на 6 милијарди и 271 милион долари. Денес, во 2021 година тој изнесува фантастични 11 милијарди и 545 милиони долари. За 20 години, бруто надворешниот долг пораснал за повеќе од 10 милијарди долари.

Па каде завршија тие пари и што е уште поважно, како ќе се враќаат тие пари? Дали овие кредити се искористија за пропорционален раст на бруто домашниот производ? Не!

Дали завршија во развиена патна, железнича, енергетска инфраструктура? Сосема мал дел!

Дали се искористија во подигање на квалитетот на јавното здравство, на образованието? Прашајте ги граѓаните и ќе ви одговорат дека состојбите на овој план се дури и полоши отколку пред 10 или 20 години. За жал, голем дел од овие средства завршија во апсолутно непродуктивни трошоци и проекти.

Каде може да се евидентира забележителен раст?

Кај буџетот на РМ:

Во 2004та година тој изнесувал 1 милијарда и 100 милиони евра.

Во 2010та година тој изнесувал 2 милијарди и 400 милиони евра.

Во 2016та година тој изнесувал 3 милијарди евра.

Денес, во 2021 година тој изнесува 4 милијарди и 300 милиони евра.

Има значителен раст уште во една област- во бројот на вработени во јавниот сектор.

Во 2010 година тој изнесувал 173.469, а денес, последниот податок за 2021ва година е 197.530 лица или за повеќе од 24.000 вработени.

Да скратам, вака понатаму не може. Овој балон еден ден, порано или подоцна, ќе пукне, со сите катастрофални последици што од тоа ќе произлезат.

Почитувани Претседатели, почитувани дами и господа,

На Македонија и е ургентно потребна една национална платформа околу која ќе се постигне широк општествен консензус и ќе биде задолжителна за спроведување за сите, без разлика кој ќе биде власт а кој опозиција, се додека клучните работи не бидат доведени во ред.

Платформа со која ќе се дефинираат начините и средствата за справување со корупцијата. Според мене, треба да се почне со елиминирање на коруптивното финансирање на партиите. Ако со помош на корупција се освојува или сочувува власта, немаме никакви шанси да ја победиме корупцијата во државата.

Под итно ни е потребен еден строг ригорозен Закон за потекло на имотот кој ефикасно и неселективно ќе се применува за секого без исклучок.

Платформа во која ќе се дефинира план и временската рамка за  спроведување за рационализација на администрацијата и јавниот сектор во државата.

Платформа во која ќе се дефинира политика и рокови за намалување на вкупниот надворешен долг на државата на подносливо ниво.

И, што е можеби и најважно бидејќи се однесува на генералната стратегија на државата: да работиме упорно и посветено, да направиме се во рамките на нашите можности да ја постигнеме нашата стратешка цел-полноправно членство во ЕУ.

Но, истовремено како одговорни луѓе да работиме и да имаме план кој ќе биде дел од оваа платформа со кој ќе и обезбедиме сигурна и просперитетна иднина на државата и ако членството во ЕУ не е можно.

Кој да ја подготви таа платформа, тој документ, тој нов општествен договор? Дали се тоа релевантните политички партии? Тоа би било идеално, но реално гледано мислам дека со ваквите нивни меѓусебни односи тоа не е можно. Дали таков документ може да биде подготвен и наметнат од надвор? Ниту сме таков приоритет, ниту кај нив постои интерес за такво нешто.  А би било и понижувачки.

Ја користам оваа прилика да апелирам до МАНУ, до Универзитетот, до Стопанската комора, до Вас Претседателе Пендаровски, како натпартиска и обединувачка институција-покренете таква иницијатива! Откако ќе се заокружи документот треба да им се понуди на политичките партии кои доколку го прифатат ќе стане задолжителен за нив во нивното делување.

Каков ќе биде нивниот одговор јас не знам. Но знам дека вреди да се обидеме и дека такво нешто и е потребно на Македонија.

Почитувани, има една реченица која многу често ја слушам во последно време и која многу тешко ми паѓа. А тоа е: „не нé бива ниту ќе нé биде како држава“. Уште повеќе ме погодува затоа што знам дека нé бива и дека можеме. Клучно прашање е дали сакаме. Ако искрено, ама навистина искрено сакаме и целосно се вложиме за остварување на таа цел, тогаш и ќе нé биде. Крајно време е тоа и да го направиме“


Можеби ќе ве интересира

„Ќе одговараш, страшно ќе одговараш”: 57 годишен маж од Богданци вербално ѝ се заканувал на Кацарска во сред Центар, доби кривична

„Ќе одговараш, страшно ќе одговараш”: 57 годишен маж од Богданци вербално ѝ се заканувал на Кацарска во сред Центар, доби кривична

Трагедија во Штип: Едно лице почина, а друго се бори за живот по повреди добиени во лифт во угостителски објект

Трагедија во Штип: Едно лице почина, а друго се бори за живот по повреди добиени во лифт во угостителски објект

По три часа состанчење ДУИ одлучи: Еве со кој ќе го формираат ставот за прегласувањетo на одредени избирачки места

По три часа состанчење ДУИ одлучи: Еве со кој ќе го формираат ставот за прегласувањетo на одредени избирачки места

Каде ќе се прегласува во среда, а кој колку мандати освои: ДИК официјално

Каде ќе се прегласува во среда, а кој колку мандати освои: ДИК официјално

Градоначалник доби кривична: Незаконски располагал со буџетски средства за време на избори

Градоначалник доби кривична: Незаконски располагал со буџетски средства за време на избори

ШТО ЛИ ЌЕ СЕ ДИСКУТИРА: Претседателството на ДУИ ќе состанчи попладнево

ШТО ЛИ ЌЕ СЕ ДИСКУТИРА: Претседателството на ДУИ ќе состанчи попладнево

Се вози без возачка, се „лета“ на црвено, се зборува на мобилен: МВР казнува низ Скопје

Се вози без возачка, се „лета“ на црвено, се зборува на мобилен: МВР казнува низ Скопје

Тошковски: Лишен од слобода виш аналитичар во СВР Скопје, фатен со над 10 илјади евра од сторена измама

Тошковски: Лишен од слобода виш аналитичар во СВР Скопје, фатен со над 10 илјади евра од сторена измама

Управен суд ги одби како неосновани сите седум тужби од „Европски фронт“

Управен суд ги одби како неосновани сите седум тужби од „Европски фронт“