Ципрас прв грчки премиер со билатерална средба на македонско тло
Објавено во: Македонија 17 Јуни, 2018
Алексис Ципрас е првиот грчки премиер во историјата што стапна на македонско тло со договорена билатерална средба, откако со македонскиот колега Зоран Заев пристигнаа во преспанско Отешево по потпишаниот договор на грчката страна од езерото.
Во Отешево треба да се одржи свечениот ручек на македонската, грчката и меѓународната делегација.
Ципрас е првиот грчки премиер што ќе одржи официјална билатерална средба во Македонија. Досега се сретнаа Никола Груевски и Јоргос Папандреу во Преспа, но во грчкото место викано Пили. Костас Караманлис само протоколарно испи кафе со поранешниот македонски претседател Бранко Црвенковски. За време на самитот на лидерите од Југоисточна Европа, Костас Симитис се сретна насамо со Љубчо Георгиевски во неофицијална средба.