ДАЧИЌ ДО ОСМАНИ: Изјавата е „дрска“
Објавено во: Балкан 15 Април, 2024
Српскиот шеф на дипломатијата, Ивица Дачиќ ја оцени како „дрска“ изјавата на македонскиот колега Бујар Османи дека Македонија ќе биде коспонзор на резолуцијата за Сребреница за геноцид. Дачиќ го праша дали сака да поднесе резолуција за геноцидот на Србите во Јасеновац, заедно со Србија.
Османи денеска рече дека земјава ќе биде еден од коспонзорите на резолуцијата за геноцидот во Сребреница.
„Тоа е цинизмот што постои на нашите простори, дека е важно да се води антисрпска политика и уште на сето тоа повикуваат да учествуваме во тоа. Дали треба да бидеме на страната на нацистите за да бидеме почитувани“, рече Дачиќ.
Се бара 11 јули да се прогласи за Меѓународен ден на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница. Османи ги повика земјите членки на ОН, а особено Србија да ја поддржат таа резолуција.
За резолуцијата која треба да се најде пред Генералното собрание на ОН на 2 мај, Дачиќ изјави дека документот ќе го предложат „најголемите геноцидни земји“.
„Зошто нема резолуција за германскиот геноцид врз Србите или турскиот врз Ерменците или врз Србите во Независната Држава Хрватска“, рече Дачиќ, наведувајќи дека „Германија, Холандија и Белгија извршија геноцид врз милиони луѓе во Африка“.
Дачиќ рече дека оние кои го извршиле „злосторството во Сребреница“ треба да одговараат за тоа, но дека за Србија е „неприфатливо муслиманите да се единствените жртви на војната“.
Претходно, со реакција се јави српскиот политичар Александар Вулин.
Поранешниот лидер на српските радикали, Војислав Шешељ вели дека има јасна разлика меѓу геноцид и криминал и оти немало намера да се изврши геноцид во Сребреница.
Во четвртокот вечерта, по состанокот со политичкото раководство на босанско-херцеговскиот ентитет Република Српска, српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека Србија ќе ги искористи сите политички средства за да им се спротивстави на земјите на НАТО „од Турција до Германија“ во врска со најавената резолуција, оценувајќи дека „мали се шансите за успех“, но дека ќе се бори за секој глас во ОН.
Во јули 1995 година, во Сребреница е извршен геноцид врз Бошњаците, што се смета за едно од најтешките злосторства извршени во Европа од Втората светска војна. Се проценува дека силите на Армијата на Република Српска убиле повеќе од 8.000 бошњачки мажи и момчиња во и околу градот за само неколку дена. Повеќе од 40.000 луѓе беа протерани.
Досега во Меморијалниот центар Сребреница-Поточари се погребани над 6.650 жртви, а на други локации над 230 жртви. Според податоците на Институтот за исчезнати лица на БиХ, уште се трага по околу 1.200 жртви.