Дали целосната инклузија повторно ќе ги „исклучи“ децата со попреченост?

Објавено во: Интервјуа 26 Јули, 2019 08:10
Тотална инклузија или тотална контузија на системот. Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозовксиот факулет како и голем број на дефектолози, но и здруженија и родители, се загрижени дека новиот Закон за основно образование ќе предизвика огромни проблеми со предложената целосна инклузија на децата со попреченост во редовните училишта. Според институтот потребно е да се работи силно на поголема инклузија, но дека целосна инклузија речиси и да не постои во ниту една друга држава. На тој начин би се спречил изборот на родителот дали сака неговото дете да оди во редовно или специјално училиште за деца со посебни потреби. Исто така проблематично ќе биде за децата со потешки форми на попреченост кои имаат потреба од лекарска терапија и специјален третман. Професорот Горан Ајдински вели дека Институтот за специјална едукација и рехабилитација не бил вклучен во претходните фази на изработката на новиот Закон за основно образование кој го предложи министерството, а вчера добиле покана за учество во јавната расправа која ќе се одржи во Собранието, како и повик забелешките да ги достават и по писмен пат.
Фактор: Кои се вашите ставови во поглед на предложената целосна инклузијата на децата со попреченост во редовните училишта, и кое според вас е најдобро решение?
Нашето милење е дека треба да се примени КВАЛИТЕТНА ИНКЛУЗИЈА, да се подобрат можностите на тоа што недостасува, и да се издвојат повеќе средства за да функционира многу подобро веќе постоечката иинклузија.
Затоа инсистираме на нашата клучна забелешка во новиот Закон, а тоа е посебните училишта кои ќе бидат и ресурсни центри да ја задржат образовната дејност и ЗАДОЛЖИТЕЛНО ДА СЕ ДРЖИ НАСТАВА НА УЧЕНИЦИТЕ СО ПОТЕШКИ ПРЕЧКИ. Значи и понатаму да има запишување на учениците во овие училишта, во посебни паралелки и сл.
Фактор: Колку кадри излегуваат од Институтот, што конкретно се нивните квалификации, дали училиштата имаат доволно дефектолози, колкава треба да биде нивната бројка за да се покријат потребите и како функционира едно редовно училиште со ваков кадар и како едно специјално училиште. И како новиот закон ќе се одрази врз овие состојби?
Ајдински:Институтот за специјална едукација и рехабилитација постои од 1993 година. Во неговиот развој посебно последниве 15 години студиската програма е прилагодена на концептот на инклузивно образование и е ПРИЗНАТА од релевантните европски образовни институции. Тоа значи дека на нашите студиски програми се оспособуваат студентите на сите 3 циклуси за сите попречености и се разбира за инклузивното образование, каде не само што има предмети туку и задолжителна пракса во редовните училишта.
Точна бројка на дипломираните може да ја даде нашата служба на факултет, а потребата од специјални едукатори е повеќе од неопходна денес. Да не зборуваме пак за тотална инклузија каде што за реализација на тој концепт се потребни години подготовка и огромни финансиски средства.
Во училиштата недостасуваат специјални едукатори (дефектолози) како што кажав претходно, но недостасуваат и многу други нешта на кои мора да работиме а не да носиме непромислени решенија.
Х.С.