Добивај вести на Viber
Со најновите измени кои ги предлага Владата на РМ се предвидува од јануари 2013 година во наредните три години да се укине данок на капитална добивка. Тоа би значело дека тие што имаат пари ќе имаат поголем мотив да купат хартии од вредност, затоа што од нивната продажба потоа ќе остварат добивка која нема да се оданочува. Тоа ќе го направи поисплатливо инвестирањето, ќе стимулира поголемо тргување, а со тоа ќе се зголеми и побарувачката за акции. Сето тоа би требало да ги стимулира и компаниите да го користат пазарот на капитал за финансирање на нови проекти.
А како беше до сега, од како во 2006 – та кога се воведе овој данок ? Согласно Законските одредби, клиентот кој продава акции во Брокерската куќа, во рок од 15 дена, остварената капитална добивка или загуба треба да ја пријави во Управа за јавни приходи. Самото пополнување на пријавата бара физичко присуство во брокерската куќа за обезбедување на извештаите за купување и продавање, како и одделување на 15-30 мин за пополнување на образецот за секоја поединечна трансакција. Оваа обврска кон Управата за приходи во голема мера ги одвраќа клиентите од купување и продавање на акции, посебно кога се остварува мала маргина.
Да напоменам дека во исто време како предлог постоеше предлогот за воведување на данок на камата од депозити. Како што знаеме овој данок до денес не се воведе и секоја година се одложуваше неговото воведување (за наредната година), за да деновиве конечно министерството за финансии излезе со конечен став дека нема да се воведе додека Македонија не стане земја членка на ЕУ. Што тоа значеше (или сеуште значи) за финансискиот пазар во Македонија? Нееднаков третман на инвеститорите каде ќе ги инвестираат своите слободни парични средства? Се разбира. Конечно пристигнаа физички лица во просториите на брокерските куќи (меѓутоа срамежливо) да се распрашаат детално што се случува со пазарот на капитал, акциите и приносот што го носат, дивидендите....А знаете ли зошто? Банките драстично ги намалиле каматите кои ги исплатуваат на орочените депозити ( некои банки сега одобруваат каматни стапки од ,,само,, 7% на депозити орочени на една година ) така да потенцијалните инвеститори почнале да бараат места каде би можеле да добијат поголеми приноси за своите вложени средства. Нивното досегашно размислување се темелеше на фактот дека за своите орочени депозити добиваа камата од најмалку 10% без никаков ризик. На што се должеше ова? На моќното банкарско лоби? Веројатно да. Но сега што се случува банките се полни со пари, се преполнија со депозити а се правдаат дека нема издржани проекти каде би кредитирале. Од друга страна и загрижува изјавата на претседателот на Здружението на банките при Стопанската комора дека...,, Банките не можат да наплатат половина милијарда евра. Станува збор не само за нефункционалните кредити, туку и средствата што банките ги презеле, поради тоа што не можеле да ги наплатат.
Секоја чест на ревносните и чесни инвеститори, но реално, кој од инвеститорите го плаќаше данокот на капитална добивка остварен од продажба на акции во оваа држава? Беше оставено на поединецот сам да пополни пријава за аконтација на данок и да ја достави до УЈП и да почека по пошта да му стигне изготвено решение за плаќање на данокот. Но дали секој поединец тоа го стори? Секојдневното среќавање со клиенти потврдува дека процентот на оние кои ја исполниле оваа законска обврска е многу мал. Кој има увид дали се плаќа данок од капитална добивка? Се плашам дека не е далеку од вистината еден клиент на нашата брокерска куќа кој вели ....,,само да не влезеш во системот на УЈП, кој еднаш ќе пријави данок влегува во компјутерската евиденција на УЈП од каде после не се излегува. ,, .УЈП не успеа да се поврзе зо Берзата или Депозитарот и да ги добива сите склучени трансакции, така да нема директен увид во пазарот со хартии од вредност.
А како воведувањето на овој данок дестимулативно делува на инвеститорите доволно ќе биде да Ви го објаснам примерот со една клиентка која имаше итна потреба од средства, продаде акции со капитална загуба. Клиентката направи трансакција во износ од 30.000,00 денари и согласно Законот пријави капитална загуба од продажба на акции, но задоцни два дена со пријавувањето, што значи седумнаесетиот ден по реализирањето на трансакцијата Поради ова експресно доби решение од УЈП да уплати казна за задоцнето пријавување во износ од 500 евра или половина од таа сума ако ја плати веднаш. Ја изгубивме како клиент дефинитивно. Веке не помислува на Берза.
Кога веќе беше воведен данокот барем да се спроведеше на начин кој нема да претставува тешкотија во пресметување и наплата за клиентот и УЈП. И пред неговото воведување брокерската заедница преку своето Здружение предлагаше начини за наплата со кои ќе бидат опфатени сите тргувачи со хартии од вредност, но ништо од тоа не беше прифатено. Најлошото од ова е што многу странски инвеститори тргуваа направија капитални добивки и не платија данок за ова. Сега откако се увиде се ставивме во една незавидна ситуација : не се дозволува трансфер на пари преку банка добиени од продажба на акции без доказ за платен данок по тој основ. Практично ова е неизводливо.
Како и да е, сите овие негативности од данокот на капитална добивка ќе го заборавиме во наредните три години и покрај трагите што ги остави. Инвеститорите на Берзата се изедначуваат со штедачите. Во наредните три години нема да плаќаат данок на остварената капитална добивка. Од брокерската фела сметаат дека мерката е добредојдена во време кога состојбата на пазарот не е розова. Ова е силен импулс за инвеститорите. Се разбира тоа не е сè и можеби не е доволно, но да пробаме!
М-р Ѓорѓи Палевски – извршен директор на Поштел Брокер
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.