Добивај вести на Viber
Вкупно девет нови бронзени фигури ќе бидат поставени на левиот Кеј на Вардар, покрај оградата од новиот Археолошки музеј до Министерството за надворешни работи.
Четворица скулптори се нафатиле да ги донираат скулптурите на Партенија Зографски, Кирил Пејчиновиќ, Јоаким Крчовски и Христофер Жефаровиќ. За скулптурите на книжевникот Висарион Дебарски, охридскиот архиепископ Доротеј, монасите Евтихиј и Михаил, како и на светите Георги Kратовски и Св. Прохор допрва ќе се бараат автори.
За одржувањето на скулптурите ќе се грижи Градот Скопје, од каде сметаат дека на овој начин шеталиштето по Кејот на Вардар ќе добие поубав изглед.
„Со нивното поставување, од едната страна Кејот на реката Вардар ќе добие поубав изглед, а од друга страна ќе го збогатат и надополнат културното наследство на Градот Скопје со што би се добила една целина, и фигурите ќе се распоредат согласно одговорот на НУ Археолошки музеј на Македонија“, информираат од Градот.
Веќе се избрани и локациите каде што ќе се постават петте нови спомен-обележја за кои Советот на Град Скопје даде „зелено светло“ на минатата седница.
Споменикот на генерал Михајло Апостолски ќе се издигне на кружниот тек кај хотелот Континентал, на Никола Русински ќе биде поставен на аголот меѓу Универзитетската библиотека и МОБ, на другиот дел од аголот кон Судска палата ќе се смести споменикот на Пере Тошев, отспротива кај Судот ќе биде поставено спомен-обележјето на Андон Ќосето, а на Ѓорѓи Сугарев ќе се наоѓа кај Универзитетскиот комплекс. Највисок од нив ќе биде споменикот на генерал Апостолски - 10 метри, додека останатите ќе бидат високи по 8,5 метри.
Како донатор на овие споменици фигурира малку познатото „Здружение за духовно обединување на Сетинци – Попадинци и Крушоради од Лерин во Македонија – Скопје“.