До сега пријави од полицијата и инспекторите, ќе се огласи ли и Обвинителството за журките на Градиште
Објавено во: Македонија 01 Октомври, 2020
Охридската полиција и Државниот пазарен инспекторат до сега поднесоа кривични пријави против организаторите на забавата на плажата Градиште за време на продолжениот викенд кој го опфати празникот Илинден, а следниот чекор се очекува од ОЈО да реагира со обвинителен акт.
„СВР Охрид поднесе кривична пријава против И.И.(33), Г.Ј.(34), С.Ј.(34), сите од Скопје и против фирма од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 02.08.2020 пријавените организирале музички настан во Градиште и на плажата, без почитување на мерките за спречување и ширење на заразна болест Ковид-19 и протоколите за отварање и работа со кафетерии, односно пријавените не постапиле според владините уредби,“ информираа вчера од СВР Охрид.
Претходно, за време на туристичката сезона од Пазарниот инспекторат – одделение Охрид изјавија дека поднесени се две кривични пријави по членот 206 од Кривичниот Законик конкретно за журки во Градиште, на плажите 2 и 3.
Охрид за време на продолжениот викенд беше преполн со туристи. Како што можеше да се забележи од видеата кои се објавуваа на социјалните мрежи, посетителите ниту носеа маски, ниту одржуваа дистанца за заштита од коронавирусот.