Добивај вести на Viber
Министерството за транспорт и врски, ги додели дозволите за транспортерите. По електронски пат 1310 дозволи се дадени на возила со Еуро 5 стандард за 2014, како и 84 дозволи за возилата со Еуро 6 стандард, што за првпат се случува годинава. Според прелиминарната распределба, со ЦЕМТ-от се покриени 45 проценти од возилата на превозниците со еуро 5 стандард, а целосна покриеност има за возилата со еуро 6 стандард.
Како што укажа министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, превозниците што не добиле ЦЕМТ дозвола не треба да се разочаруваат бидејќи има голем број спогодби за либерален транспорт, па ретко се случува транспортери да не можат да однесат стока кон некоја земја поради немање дозвола.
„Ние имаме одлична соработка со голем број земји и пред да има состојба со недостаток на дозволи одржуваме средби со министрите и состаноци на техничко ниво, така што превозниците генерално се задоволни од дозволите што ги добиваат во текот на годината од Министерството за транспорт и врски“, изјави Јанакиески.
Тој појасни дека на годишната конференција во Париз се добиваме контингент дозволи кои кај нас само се распределуваат и нема многу простор за маневар. Ако некој транспортер е незадоволен, додаде министерот, може да поднесе жалба на распределбата. Оние возила кои немаат Еуростандард 5, нема да добиваат ЦЕМТ дозволи, а понатаму ќе расте бројот на дозволи за возилата кои запазуваат повисоки еколошки стандарди.