Добивај вести на Viber
Палата „Емануел Чучков“ - вака ќе се вика барокната повеќекатница на некогашна Бихаќка, каде што ќе бидат сместени две институции - Државниот завод за ревизија и Геолошкиот завод. Камен-темелникот за изградба на зградата која ќе чини седум милиони евра беше поставен денеска.
Автор на идејното решение во барок-стил е архитектот Жарко Чаушевски. Објектот ќе се гради на површина од околу 7.000 метри квадратни и ќе се состои од подрум, приземје и шест ката. Целиот објект се очекува да биде завршен за две години.
Премиерот Никола Груевски, на поставувањерто на камен-темелникот, истакна дека новата зграда по својата функционална корист ќе претставува и уникатно архитектонско здание и ќе даде нова естетска убавина на македонската метропола.
„Освен тоа, позитивните ефекти од оваа изградба се огледаат и од аспект на градежништвото кое добива уште еден крупен објект на кој ќе работат повеќе фирми и дејности“, рече Груевски, додавајќи дека ова е еден од низата административни објекти кои треба да му стават крај на одлевањето на пари за кирии од државните институции.
Главниот државен ревизор Тања Таневска посочи дека денеска почнува реализацијата на една од главните цели на Државниот завод за ревизија токму во годината кога институцијата ја слави 15-годишнината од своето функционирање.