ДУИ не сака одложување на изборите - тоа би било крај на Пржинскиот договор
Објавено во: Македонија 09 Октомври, 2016
Демократската унија за интеграција предупреди дека повторното одложување на датумот е почеток на крајот за Пржинскиот договорот, објави Алсат М.
„За нас е важен ставот на меѓународниот фактор, во интерес на граѓаните. Ние не
сакаме одложување на изборите. Ако уште еднаш отстапиме од консензуалниот датум
тогаш се доведува во прашање договорот. Одложување на датумот е почеток на крајот на договорот“ - рече Бујар Османи од ДУИ.
Во емисијата 360 степени, портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов рече дека никој не треба да има илузии дека на 11 декември нема да има избори.
ДПА верува во гаранциите од меѓународниот фактор за фер избори , но не ја исклучува можноста власта да направи сценарија за повторно одлагање на изборите.
„Не знам какви пресметки прават партиите на власт, но она што го знам е дека партиите на власт се мајстори на различни сценарија. Изборите мора да бидат слободни и демократски“ - кажа Луан Треси од ДПА.
Иако биле поканети претставници на ВМРО-ДПМНЕ не учествуваа во емисијата 360
степени.