Единствениот пункт за брисеви за Ковид во Струмица преместен по поплаките на станари
Објавено во: Македонија 28 Август, 2020
Единствениот пункт за земање на брисеви за Ковид во Струмица денеска е преместен по интервенција на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, откако станари се жалеа дека се наоѓа во нивната зграда за колективно домување и доаѓаат во контакт со пациентите.
Пунктот е дислоциран во Здравствениот дом и се наоѓа во просторија со посебен влез која ги исполнува условите пропишани со протоколот, откако таму денеска биле инспектори кои извршиле вонреден инспекциски надзор.
„Во тек на денешниот ден ДСЗИ изврши вонреден инспекциски надзор во просториите каде што е дислоциран пунктот за земање на брисеви за Sars Cov 2 на Центарот за јавно здравје во Струмица. Истиот е сместен во просторија на ЈЗУ Здравствен дом и ги исполнува условите пропишани со протоколот.Пунктот е сместен во посебен објект, со посебен влез, без можност за контакт со други пациенти и вработени. Со ова продолжува земањето на брисеви на пациенти закажани преку матичните лекари, без прекин“, соопштија од ДСЗИ.
Инспекторатот вчера на Центарот за јавно здравје му наложи да престане со работа, бидејќи се наоѓа на фрекфентна улица во близина на центарот во станбена зграда.