Електронските рецепти – „здравје“ од први август
Објавено во: Мои пари 02 Јули, 2013
По проблематичниот старт на употребата на електронските рецепти, од Министертвото за здравство излегоа со писмената реакција дека вчерашниот ден ќе го сметат како пилот фаза, а повторно во функција системот ќе биде ставен на први август откако ќе заврши тест периодот. Според нивното соопштение вчерашниот ден поминал со маргинални проблеми.
Оваа одлука доаѓа по итниот состанок со сите програмерски куќи синоќа во министерството за здравство, поради блокирање на системот што доведе до тоа лекарите да не можат да ги упатуваат пациентите на специјалист, а не функционира ниту електронското препишување на рецепти.
Од министерството потенцираат дека денеска биле разменти над 1.500.000 податоци, а детектираните проблеми се должеле на неусогаласеноста и неоптимизираноста на програмските пакети на лекарите со софтверот на министерството за здравство.
Спроведувањето на реформата за електронско здравство е избрзана сметаат дел од лекарите. Тие велат дека проблемот е во тоа што секаде нема соодветни и еднакви услови за спроведување на таа реформа.
Поранешниот претседател на лекарската комора, доктор Владимир Борозанов вели дека не може да се очекува дека електронската картичка ќе се користи во рурални средини каде што нема стабилна интернет конекција, пренесува „Радио Слободна Европа“.
Поранешниот заменик министер за здравство Владимир Лазаревик вели дека секогаш кога се спроведува голем проект се појавуваат проблеми, а сега тоа е случајот електронскиот рецепт. „Најчесто проблемите настануваат како резултат на тоа дека очекувањата на луѓето кои што ја креираат политиката се едни, додека тие кои што треба да ја имплементираат новата политика немаат доволно информации или не се доволно спремни за да ги спроведат таквите одлуки во пракса и потребно е одреден период на адаптација, од неколку недели или месеци за работите си дојдат на место“, вели Лазаревик. Тој додава дека не е невообичаено да има проблеми при едни вакви крупни реформски процеси. Треба да им се остави време, да се даде шанса, да се најде начин да се моделираат проблемите со кои се соочуваат и да се види како ќе се спроведе целиот проект во пракса а при тоа да се покаже и толеранција, објаснува Лазаревик. До сега до Фондот за здравствено осигурување пристигнале над милион барања за издавање на електронска здравствена картичка.