08 Мај, 2024
0.0269

Интервју Елена Поцев: Халкбанк ќе продолжи со воведување иновативни производи по мерка на штедачите

Објавено во: Мои пари 25 Октомври, 2019

Добивај вести на Viber

Македонските граѓани негуваат култура на штедење. Токму затоа, особено последнава деценија, перманентно растат депозитите во банките кои се најсигурно место за чување на депозитите. И покрај раст на штедните влогови сепак, нашата земја заостанува зад просекот во централна и ЈИЕ. Од НБРМ сметаат дека банките треба да понудат на пазарот нови иновативни производи кои ќе бидат прифатливи и ќе ги мотивираат штедачите да ги остават парите во банките, со што ќе пораснат и штедните влогови, но и капиталот на банките. За важноста на штедењето и новите производи зборуваме со Елена Поцев, директор на Дирекцијата за управување со депозити на ХалкБанк која е насочена кон воведувањето нови современи технологии и создавање производи и услуги според мерката на клиентот.

1. Минатата година вкупните заштеди во државава изнесуваа 5,6 милијарди евра, а трендот на раст продолжува и годинава. Народна банка објави дека вкупните депозити во јули, на годишна основа се повисоки за 10,1%, што е над проектираниот годишен раст од 9,7% за третиот квартал од 2019 година. Дали ова значи дека македонците се штедливи?

Во нашата земја е евидентно дека постои традиција на штедење. Имаме постојан раст на депозитите кои дури и во време на економската криза растеа. Практично, во последниве 10 години имавме просечен раст на заштедите со стапка од 8%. Најголеми штедачи се граѓаните чии заштеди се проценува дека до крајот на годинава ќе изнесуваат над 4,4 милијарди евра. Домаќинствата како најзначаен депонент во домашниот банкарски систем во 2018 година ги зголемија своите средства за 22,3 милијарди денари или за 9,5%. Депозитите на корпоративниот сектор остварија сличен процентуален годишен раст (9,2%), но во апсолутен износ тој е поскромен и изнесува 8,5 милијарди денари.

Штедењето е важно за секој поединец или семејство, тоа е основниот и најважниот чекор кон обезбедување сигурна финансиска иднина на долг рок. Депозитната маса е важна и за стабилноста на финансискиот систем. Особено позитивно е што постои посилен раст на депозитите во домашна валута и забрзување на растот на штедењето на долг рок, што го јакне капацитетот на банките за повисоко ниво на кредитирање.Тоа пак влијае на раст на приватната потрошувачка и инвестициската активност на фирмите, односно дава можност за долгорочни пласмани и поддршка на инвестициски проекти.

Едноставно кажано, добро е што кај нас постои традиција на штедење. Освен што е добро за граѓаните, бидејќи им обезбедува сигурност од несакани ситуации, штедењето е добро за целата заедница бидејќи депозитите влијаат на придвижување на економијата и на економскиот раст на државата во целина.


2. Каматните стапки за штедење во домашните банки во последниве неколку години значително се намалија, поради што опаѓа и заработката на штедачите. Сепак, се покажува дека ова не е причина за граѓаните да ги извадат своите штедни влогови од банките, туку тие и понатаму растат со слично темпо како и претходните години. Од која причина граѓаните се одлучуваат парите да ги доверат на чување во банките?

Граѓаните имаат стекнато навики за штедење во банки од кои не се откажуваат. Факт е дека имаме намалување на каматите на депозитите, но тие го следат падот и на каматите на кредитите. Ако се разгледа низ годините висината на каматите на кредитите и на депозитите, ќе се забележи дека разликата меѓу нив секогаш е слична. Точно е дека поради големиот пад на каматите на депозитите можеше да се очекува намалување на стимулот кај граѓаните за депонирање на средствата во банка, односно за штедење, бидејќи заработката е помала. Искуствата од други земји зборуваат за тоа дека граѓаните се вртат кон друг тип инвестирање, поточно кон купување акции и хартии од вредност, или вложување во недвижнини. Сепак, кај нас искуството покажува дека мал дел граѓани се решаваат на таква инвестиција, бидејќи ја сметаат за поризична.

Со оглед на имплицитната гаранција за сигурноста на вложените средства во банките, депозитите на граѓаните вообичаено носат понизок принос, чија големина најчесто е однапред определена во вид на фиксни каматни стапки за одредена рочност или однапред определива во вид на каматни стапки поврзани со движењето на избрани пазарни референтни стапки. Познато е дека депозитите на граѓаните вложени во банките и штедилниците се осигурени во Фондот за осигурување депозити во износ до 30.000 евра во денарска противвредност, што за граѓаните значи дека нивните пари се сигурни. Токму и затоа и покрај пад на каматите, тие и натаму се одлучуваат да штедат во банките, поради што од година во година бележиме раст на депозитите.

Добрите економски показатели, стабилниот и здрав банкарски систем како и високата ликвидност и профитабилност, во исто време ја зголемуваат довербата и сигурноста кај клиентите кои се одлучуваат да започнат со штедење во банка.

3. Каква е состојбата со депозитната база во Халкбанк која е една од четирите најголеми банки во државата?

ХалкБанк перманентно, од година во година, ја зголемува својата депозитна база. И оваа година продолжува растот на депозитите, со што Банката го зголеми својот пазарен удел кој достигна 8,04% заклучно со септември 2019 година. Вкупните депозити во месец септември достигнаа 627,2 милиони евра. Во делот на населението, успеавме да го зголемиме портфолиото на депозитите за 23 милиони евра и тие достигнаа 260 милиони евра, додека кај корпоративниот сектор успеавме да достигнеме депозитна база од 256,6 милиони евра и да го зголемиме портфолиото за 41 милиони евра во однос на 2018 година. Депозитите од финансиските институции достигнаа 67 милиони евра.

За нас како банка која е ориентирана кон клиентите, депозитите остануваат многу важен извор на финансирање. Затоа и во иднина планираме да продолжиме со одржување на стабилна и широка структура на депозити. Ефективното управување со заштедите служи како основа за проширување на финансирањето и овозможува ХалкБанк и во иднина да може да испорачува иновативни производи. Всушност, политиката на Банката е да се фокусира на барањата на клиентот нудејќи различни и флексибилни депозитни производи прилагодени на пазарните услови, со одржување високи стандарди за услуги кон клиентите.

4. Колку портфолиото на депозитни производи кои ги нуди Халкбанк влијаеше на големиот раст на депозитната база на банката?

Наш фокус и до сега, а и во иднина останува подобрување на квалитетот на производите, воведување на промотивни производи и развој на производи за депозити преку алтернативни канали на дистрибуција, за да можат да бидат поблиски до клиентите и да ги задоволат нивните потреби и барања. Она што е секако важно, што дава сигурност на клиентите е што нашите производи имаат фиксни каматни стапки за целиот период на орочување на паричниот депозит. Халкбанк во својата палета на производи нуди различни депозитни производи од кои секој има одредени карактеристики, па клиентот може да одбере она што најмногу му одговара. На пример, нашиот производ „Мој депозит“ е наменет за физички лица кои имаат прилив по основ на плата, пензија или дополнителни примања во Халкбанк, и истиот дава можност доколку клиентот има потреба од повлекување на средства, да не ја изгуби договорната каматна стапка.

Кај производот „Генерално штедење со фиксна каматна стапка“ постои можност за исплата на каматата месечно или на крајот на периодот на орочувањето, а валути во кои се орочуваат средствата се: денари, евра и американски долари. Депозити по видување за физички лица може да се отворат во сите валути објавени на официјалната курсна листа на Халкбанк АД Скопје.

Постои и производ „Evolve депозит“каде каматната стапка е прогресивна и расте на секои 6 месеци. Овој депозит се склучува на 24 месеци и клиентот има можност за дополнителни вложувања или предвремено раскинување. Каматната стапка во последниот период достигнува до 3,1% за денари и 1,9% за евра.

Дополнителни и повеќекратни уплати во текот на едногодишниот договор за орочување нуди и „Отворениот депозит“ кој е идеален за оние кои штедат секојдневно. Клиентот покрај уплати на депозитот на шалтерите во филијалите, има опција да го надополнува истиот преку електронско и мобилно банкарство или со траен налог, и истиве начини важат за сите производи кои имаат можност за дополнителни уплати.

Халкбанк не го заборава и штедењето за најмладите за кои е креиран Халки како дел од „Детското штедење“.  Кај овој производ се нуди штедење со фиксни каматни стапки на рок и до 5 години.За корисниците на MasterCard Debit Contactless картичката на ХалкБанк, пак, е креиран производот Е-Касичка“ со кој може да се штеди при секое плаќање. Секоја година во октомври – месецот на штедење, банката го активира промотивниот производ “Промо Депозит” кој на нашите штедачи им нуди поатрактивни каматни стапки. Овој октомври го лансиравме нашиот иновативен производ “Online Депозит” каде покрај најдобрите каматни стапки, клиентот електронски може да склучи Договор со банката притоа да не ја посети истата.

Халкбанк како општествено одговорна компанија овој месец ја активираше својата мобилна апликација HalkEco каде клиентите за подарок ќе добиваат и финансиски поволности, па во делот на депозитите е креиран “Еко Депозитот” каде клиентот своите собрани Халк коини ќе има можност да ги замени со отворање на Еко депозит со зголемени каматни стапки над редовните.


5. Овој октомври, кој е месец на штедење, воведовте нов производ „онлајн депозит“. По што тој се разликува од другите депозитни производи кои ги нудите?

Халкбанк е лидер во воведување нови, современи технологии и создавање производи и услуги според мерката на клиентот. Токму затоа за своите сегашни и идни клиенти подготвивме нов иновативен производ  со кој едноставно, со еден клик може да почне да се штеди.

Новиот депозитен производ е наменет за физички лица и претставува уште еден чекор во дигитализацијата на финансиските услуги во земјава. Со него, секој кој одлучил да штеди, нема потреба да оди во некоја филијала и да склучи и потпишува Договор за депозит, туку потврдувањето и потпишувањето на Договорот за депозит се прави електронски и штедењето може да почне од кое било место.  Ова е производ кој е Eco Friendly, без печатење хартија и со осврт кон поголем придонес во зачувување на животната средина. Потребно е само да е корисник на електронското банкарство на ХалкБанк. Отворање „онлајн депозит“ може да се направи единствено преку платформата за електронско банкарство, а средствата може да се орочат на 6, 12 и 24 месеци. Износот кој се уплаќа е еднократен, односно нема можност за дополнителни уплати. Банката за овој производ подготви атрактивни камати, кои се фиксни за периодот на орочување - од 0,70% ако се штеди во денари, односно 0,40% за 6 месечно орочување на девизи, кај орочувањето на година дена каматата за штедење во денари е 1,40% и 0,70% за девизно штедење, додека за депозит орочен на две години ќе се пресметува 2,10% камата за денарско, односно 1,30% за девизно штедење.

Сметаме дека со овој нов производ на многу наши клиенти ќе им заштедиме време и ќе им овозможиме на едноставен начин да креираат свој депозит. Истовремено се надеваме дека „онлајн депозитот“ токму поради едноставната процедура, за многу наши клиенти ќе биде поттик да почнат да штедат.

6. Во нашата земја свесноста кај населението за користењето на дигитални трендови, како електронско банкарство, мобилно банкарство, онлајн аплицирање и друго, сè уште е на скромно ниво. Дали сметате дека вакви иновативни производи ќе бидат широко прифатени?

Точно е дека во нашата земја свесноста кај населението за користењето на дигиталните трендови сè уште е на скромно ниво. Но сепак, имаме млада популација која брзо се приспособува на дигитализацијата и на новите производи. Токму тие и во нашата банка се оние кои лесно ги прифаќаат и користат новите технолошки решенија бидејќи знаат дека тие се креирани за да им заштедат време и да им ги олеснат сите банкарски процедури.

Ние како банка истовремено сметаме дека за зголемување на нивото на користење дигитални услуги огромна улога имаат и институциите, меѓу кои и банките, со креирање и промовирање услуги до кои може да се пристапи едноставно и за кои е потребно да се има само интернет врска. Само така во блиска иднина и нашата земја ќе може да го достигне европскиот процент во користење на дигиталните услуги. ХалкБанк и досега била, а и во иднина ќе биде промотор на технолошки промени во банкарското работење.


Можеби ќе ве интересира

Одбројуваме уште 15 дена до Конференцијата за комерцијални недвижности

Одбројуваме уште 15 дена до Конференцијата за комерцијални недвижности

БИМИЛК во Битола го носи д-р Ранко Рајовиќ за да го одбележи Светскиот ден на семејството

БИМИЛК во Битола го носи д-р Ранко Рајовиќ за да го одбележи Светскиот ден на семејството

Караванот „Не е до нив, до тебе е“ денеска патува до својата крајна станица – Drunken Monkeys

Караванот „Не е до нив, до тебе е“ денеска патува до својата крајна станица – Drunken Monkeys

АПРИЛ ВОЗБУДЛИВ ЗА ИГРАЧИТЕ НА ВЛТ: ВИДЕОЛОТАРИЈА КАСИНОС АВСТРИЈА ИМ ИСПЛАТИ НА ИГРАЧИТЕ ФАНТАСТИЧНИ 46.238.549 ДЕНАРИ

АПРИЛ ВОЗБУДЛИВ ЗА ИГРАЧИТЕ НА ВЛТ: ВИДЕОЛОТАРИЈА КАСИНОС АВСТРИЈА ИМ ИСПЛАТИ НА ИГРАЧИТЕ ФАНТАСТИЧНИ 46.238.549 ДЕНАРИ

Регионална кампања „Вистината е важна“ за опасностите кои ги носат дезинформациите и говорот на омраза

Регионална кампања „Вистината е важна“ за опасностите кои ги носат дезинформациите и говорот на омраза

Дали се сеќавате на оваа игра? Би ја играле и денес?

Дали се сеќавате на оваа игра? Би ја играле и денес?

Осум каратисти на „Макпетрол“ ќе учествуваат на Европскиот Шампионат во Хрватска

Осум каратисти на „Макпетрол“ ќе учествуваат на Европскиот Шампионат во Хрватска

Посакувам да бидеме дел од трите регионални финалисти на „Рамка за помош“ на НЛБ Групацијата и токму нашиот проект да стане реалност: Сашко Јованов од Здружението за поддршка и развој „Хуманост“

Посакувам да бидеме дел од трите регионални финалисти на „Рамка за помош“ на НЛБ Групацијата и токму нашиот проект да стане реалност: Сашко Јованов од Здружението за поддршка и развој „Хуманост“

Мило ми е што НЛБ ја препознаа и поддржаа нашата идеја, средствата ќе бидат наменети во нудење и промоција на бесплатна хипотерапијата низ цела држава: Мариа Дуда за „Кантрисајт Ретрит“

Мило ми е што НЛБ ја препознаа и поддржаа нашата идеја, средствата ќе бидат наменети во нудење и промоција на бесплатна хипотерапијата низ цела држава: Мариа Дуда за „Кантрисајт Ретрит“