Емиратите ја спасуваат Венецуела со купување на 15 тони злато
Објавено во: Економија 01 Февруари, 2019
Венецуела има намера да продаде 15 тони злато на Обединетите Арапски Емирати во наредните денови од резервите на Централната банка, кои ќе бидат платени во евра.
Ова го објави агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на неименуван службеник кој е запознаен со планот.
Продажбата на резерви на злато оваа година започна на 26 јануари, кога три тони злато беа испратени кај Емиратите, соопшти официјален претставник.
Како што рече тој, минатата година Венецуела извезла злато во Турција во вредност од 900 милиони долари.
Планот е да продаде 29 тони злато до Обединетите Арапски Емирати до февруари за да обезбеди ликвидност за увоз на основни производи, додава изворот.
Според Централната банка, резервите на злато во Венецуела изнесуваат 132 тони и се поделени помеѓу Централната банка и Банката на Англија.