Еврото сее загриженост поради јачината која ја има
Објавено во: Економија 26 Септември, 2017
Шефот на Европската централна банка Марио Драги изразил загриженост поради јакнењето на еврото.
Драги во ЕП рекол дека „неодамнешната променливост во курсот претставува извор на неизвесност поради што е потребен надзор“.
Еврото од 1,05 долари во почетокот на годината пораснало на околу 1,19 долари. Понатамошното растење на еврото би имало последици на извозот од еврозоната и ќе го заузда економското опоравување во нејзините членки.
„Економскиот раст сега е стабилен и широко распространет во сите земји на еврозоната и секторите. Реалниот раст на БДП бил подобар од очекуваниот во првата половина на 2017 година, а во вториот квартал, на годишно ниво, изнесувал 2,3 отсто“, изјавил Драги.
Економијата на еврозоната, како што додал, забележала 17 последователни квартали на раст, а најновите податоци укажуваат на продолжување на замаецот во нареден период. „Тековното опоравување е пред се засновано на домашни фактори, а пазарот на труд значајно се подобрил“, изјавил првиот човек на ЕЦБ.
Невработеноста е моментално на осумгодишен минимум, а инвестициите се поправуваат .