ФАКТОР НА ДЕНОТ: Бојмацалиев и Тошковски се конфронтираа за доцнењето на пасошите, граѓаните чекаат
Објавено во: Македонија 20 Април, 2024
БОЈМАЦАЛИЕВ И ТОШКОВСКИ СЕ КОНФРОНТИРАА ЗА ДОЦНЕЊЕТО НА ПАСОШИТЕ
Teхничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски реагира на денешната изјава на дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев, кој изјави дека благодарение на „реформите“ на техничкиот министер издавањето на лични документи го проби законскиот рок за над 100.000 граѓани. Тој рече дека пред техничката влада на документи се чекало 15 денови.
„Доколку претходниот менаџмент на МВР обезбедел најмалку уште две-три машини, кои ќе можеа да принтаат, не по 3 илјади, туку по 6 илјади патни исправи на ден, во тој случај немаше да се чека по два месеци, туку ќе се чекаше многу пократко. Но, фактот е таков каков што е. Би ги замолил сите политичари во наредниот период да не расфрлаат пердуви и да не ја манипулираат јавноста“, реагираше министерот
Тошковски вели дека 30.000 обрасци за пасоши вчера стигнале во Македонија, но за застојот вината ја насочи кон претходното раководство на МВР.
ПОЛИЦИСКИОТ СИНДИКАТ МУ ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВА НА ОЛИВЕР СПАСОВСКИСиндикатот на полицијата поднесе пријава за несовесно работење против поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Синдикат на Полиција во Македонија до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе кривична пријава против поранешниот министер за внатрешни работи и против други три лица членови на дисциплинска комисија за утврдување на дисциплинска одговорност при СВР Штип заради основано сомнение дека сите заедно сториле кривично дело „несовесно работење во службата“ предвидено по член 353-в став 5 од Кривичен законик.
ОД УНГАРИЈА СО ХЕЛИКОПТЕР Е ДОНЕСЕН МАЖ КОЈ ДОБИЛ МОЗОЧЕН УДАР
Македонски државјанин кој доживел мозочен удар пред два дена за време на службен пат во Унгарија денеска е превезен со полициски хеликоптер на скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК ).
„Конкретно, на 18 април преку Единствениот број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи, а подоцна и преку официјалната електронска пошта на ЦУК и до директорот Стојанче Ангелов, пристигна барање за воздухопловен транспорт од Унгарија до Македонија на болно лице, македонски државјанин, којшто во Унгарија доживеал мозочен удар, па повеќе денови бил во болница во Унгарија, во градот Сегед. Притоа, на барањето е одговорено веднаш и по создавањето услови за безбеден транспорт, тоа е реализирано од страна на Хеликоптерската единица на МВР со хеликоптерот „бел“ 412, во содејство со Министерството за здравство денеска. Инаку, лицето било на службен пат во Унгарија и доживеало мозочен удар, по што веднаш било сместено и оперирано на Универзитетската клиника во Сегед, по што од таму денеска е транспортиран и е сместен на Универзитетската клиника во Скопје“, појаснува ЦУК.