Добивај вести на Viber
„Фротирка Делчево“ е приватизирана во 2000 година и во периодот 2007-2011 година изврши комплетна замена на машинскиот парк во процесот на ткаење. Компанијата денес располага со најсовремена опрема и во чекор ги следи сите светски трендови, вели Дејан Станков, извршниот директор на компанијата. Неговата реакција доаѓа по објавувањето на вчерашната вест дека Владата со браунфилд инвестиции најавува заживување на пропаднатите фирми меѓу кои беше спомената и делчевска „Фротирка“.
„Компанијата го носи името ФРОТИРКА КОМПАНИ АД - Делчево и таа е правен следбеник на ФРОТИРКА - Делчево. Објавата на називот на компанијата во вест, во која се информира за 400 пропаднати фирми кој повторно ќе заживеат, не кореспондира со реалноста и штетно влијае на реномето на компанијата“, вели директорот Станков.
Тој објаснува дека со новите инвестиции и модернизацијата на производството, во Фротирка Компани АД, се ослободиле погонски хали што компанијата сака да ги изнајми.
„За да го оствариме тоа, се обративме до Агенцијата за странски инвестиции и Владата на Република Македонија, со цел да нè вклучи во проектот за „браунфилд“-инвестиции. Информацијата објавена на сајтот на Владата на РМ јасно укажува дека базата на податоци е направена и во соработка со Стопанските комори, а не само во соработка на Комората на извршители и Комора на стечајни управници“, вели во демантот извршниот директор на Фротирка Компани.
На сајтот на делчевската компанија пишува дека
е приватизирана на 19 декември 2000 година и спаѓа во рангот од средни претпријатија, со вкупно 400 работници. Оваа компанија со своите квалитетни производи е присутна на повеќе европски пазари - Германија, Хрватска, Србија и Црна Гора, Австрија, Украина, Унгарија, Босна и Херцеговина, Швајцарија, Грција и други земји. Годишниот капацитет на фабриката е преработка на 1.000 тони памучно предиво во ткаени и плетени фротир-производи.
Им се извинуваме на читателите и на компанијата
„Фротирка“ поради настанатата ненамерна грешка во објавената информација.