28 Март, 2024
0.0257

ГЛОБАЛНИОТ РАСТ НА ЕКОНОМИЈАТА ЌЕ ЗАБАВИ ОД ШЕСТ ВО 2021 НА 2,7 ОТСТО ВО 2023 ГОДИНА

Објавено во: Колумни 12 Октомври, 2022

Добивај вести на Viber

Како што вели народот, паралелно со независноста на државата, ние, како систем сме во перманентна криза. Оттука, сметам дека овој период ќе биде уште едно тешко економско искушение, кое, народот и македонската држава ќе го совладаат. Да се потсетиме дека после две тешки години на пандемија, исполнети со копнежот за нормален живот, дојде и Руско-украинската војна, како маргинална (дополнителна) мачнина на човештвото. Поточно, на почетокот на оваа година, добро паметам, беше крајот на февруари, со воведувањето на меѓусебни санкции (запад-исток), Светот влезе во трета, но сега економска светска војна, а сето тоа е поради започнувањето на конфликтот во Украина. Сега, како што и говорев во март, за една од националните телевизии, за Светот назад враќање нема да има. Преостанува живот во поделен Свет. Резултанта - сите ќе изгубиме по нешто. Некои, за жал, ќе изгубат човечки животи, домови и територија, а ние преостанатите ќе изгубиме дал од сопствените буџети како резултат на инфлацијата и времето потребно за преобразба (читај: трансформацијата на суровини, енергенси и начини на производство на енергија). Тоа е проблемот за состојбите во економијата денес.

Практично, ако сме објективни, мора да признаеме дека состојбите на нарушената понуда или т.н. тесни грла на синџирите на снабдување како резултат на кризата со пандемијата од една, и состојбата на драстично поскапување на енергенсите и храната како резултат на украинската војна од друга страна, се виновниците за состојбите на регионалната, па и македонската економија, денес. По тој основ, официјалната стручна јавност, во контекст на еврозоната, како наш главен трговски партнер, вели дека во вториот квартал на годината (април-јуни, 2022) оствари економска активност со раст од 4,1 отсто (додека, пак, 5,4 отсто во првиот квартал). Според септемвриските проекции на ЕЦБ (Европската централна банка), пак, растот на БДП во еврозоната е ревидиран нагоре и се очекува да изнесува 3,1 отсто во 2022 година, при надолни ревизии за следниот период (во 2023 година се очекува забавување на 0,9 отсто и раст од 1,9 отсто во 2024 година).   

Согласно анализите на ММФ, сега, во октомвриските проекции се предвидува дека глобалниот раст на економијата ќе забави од 6,0 отсто во 2021 година на 3,2 отсто во 2022 година, како и уште поголемо забавување на растот се очекува во 2023 година со стапка од 2,7 отсто. Имено, ова е најслабиот профил на раст на глобалната економија уште од 2001 година, ако се изземе глобалната финансика криза во 2008-та и екот на 2020-тата во акутната фаза на пандемијата со Ковид-19. Исто така, ММФ дава предвидување за глобалната стапка на инфлација. Таа ќе се зголеми од 4,7 отсто во 2021 година на 8,8 отсто во 2022 година. Но, прогнозите на ММФ говорат дека таа ќе се намали на 6,5 отсто во 2023 година и на 4,1 отсто до 2024 година. Во таа насока, монетарната политика, како што се вели од страна на ММФ, треба да остане на курсот за да ја врати стабилноста на цените, а фискалната политика треба да има за цел да ги ублажи притисоците врз трошоците за живот, а истовремено да одржува доволно цврст став усогласен со монетарната политика. Од друга страна, структурните реформи во земјите, може дополнително да ја поддржат борбата против инфлацијата преку подобрување на продуктивноста и олеснување на ограничувањата во понудата, додека, пак, мултилатералната соработка е неопходна за брзо следење на транзицијата на зелената енергија и спречување на фрагментацијата.

Инфлацијата во еврозоната и понатаму се зголемува. Оттука, според извештаите на ЕЦБ, таа во август достигна 9,1 отсто на годишна основа, во услови на посилен раст на цените на храната и на базичната инфлација. Во вакви околности, европските централни банкари  направија нагорна ревизија на проекцијата на инфлацијата за еврозоната, која во 2022 година се очекува да изнесува 8,1 отсто, а потоа да забави на 5,5 отсто во 2023 и 2,3 отсто во 2024 година. Во однос на инфлацијата во македонската економија, поточно промените кај потрошувачките цени во периодот јануари – август 2022 година допринесуваат, таа да изнесува 11,6отсто или инфлацијата е повисока во однос на официјалните претходи проекции.  

На почетокот на конфликтот, тогаш, кога сите бевме во грч, на 24-ти февруари, а еве и ден денес, може да се забележи дека за македонската економија, јавно достапните показатели говореа дека директните трговски и финансиски врски со Русија и Украина се мали, па оттука, ефектите од конфликтот ќе бидат индиректни, преку понискиот раст на Германија, како наш главен трговски партнер, со особен осврт на покачувањето на цените на примарните производи, нафтата и енергенсите. Но, сега, гледаме дека таквите влијанија, кои навидум беа индиректни и мали, денес имаат силен негативен одраз во економијата. Токму затоа, состојбите се вакви. На крајот, ваквиот неповолен економски амбиент ќе се алоцира во потиснување на инвестициите надолу, а како резултат на повисоката стапка на инфлацијата (ќе се намали потрошувачката кај домаќинствата и корпоративниот сектор). Имено, во согласност со објавените податоци од ДЗС (Државниот завод за статистика), во вториот квартал од 2022 година македонската економија, преку набљудување на БДП оствари реален раст од 2,8% на годишна основа (2,4% во претходниот квартал), што претставува натамошен раст на домашната економија, во линија со проекцијата за овој квартал при априлскиот циклус.

Анализирав по компоненти, од каде се виде дека растот во целост се должи на домашната побарувачка, која, пак, беше поткрепена од високиот раст на бруто-инвестициите. Како?

Високиот раст на бруто-инвестициите, од извештаите, се гледа дека е поврзан со силниот раст на увозот и натрупувањето (кумулирање) на количества залихи на суровини и енергенси, во квартал два од 2022 година, а се тоа поради високите ризици од идни непредвидливи настани поради војната во Украина и влошување на веќе нарушените глобални синџири на снабдување и пазарот на енергија. Друго, бројките во личната потрошувачка се добри за втор квартал, бидејќи влегувавме во летен период. Но, јавната потрошувачка бележеше реален пад. Сега, во кварталот три, состојбите ќе бидат со надолни трендови и со полоши предвидувања. Имено, македонската економија, преку набљудување на БДП за трет и четврт квартал од 2022 година ќе покажува состојба со високофреквентни податоци, за кои, како што вели стручната јавност се делумни и недоволни за да се направат, од страна на институциите, извештаи со една целина. Но, од она што јас можев да извлечам заклучок, ете субјективен нека е, податоците за јули покажуваат значително забавување на реалниот годишен раст на прометот во вкупната трговија, додека индустриското производство бележи пад на годишна основа. Проекциите за растот остануваат надолни, во услови кога војната во Украина нема никакви изгледи да забави, туку напротив, таа се разгорува засилено.

Тоа, од страна на економистите ќе биде коментирано како високофреквентни состојби на ризици во макроекономијата, проследени со појава на рецесиони движења во БДП, особено во последниот квартал од годината, како и подолготрајно опстојување на високи нивоа на инфлација, дури до крајот на 2023 година. Вака, имам впечаток дека се делува на голема променливост и непредвидливост на надворешните економски и финансиски услови, а еве и неколку факти од ММФ извештаите, објавени на 11 октомври, 2022 година, во таа насока.

Имено, ваквиот тек на говорење може да ја окарактеризира денешнава колумна како загрижувачка, во погледа на идните домашни и глобални економски текови.Секако, ако продолжам со мислите дека чашата е полупразна. Затоа, си велам, како економист, ајде, вака да ја поставиме тезата за иднината:  

Дали, неповолните состојби на Истокот, тука мислам за фабриките - филијалите на големите компании од ЕУ и САД, тамо во жариштата на фронтот или во економиите каде е супер-скапо, можеме преку нашата убедувачка моќ кон управите во матичните корпорации, да ги убедиме да се поместат во македонската економија, а ако се има во предвид дека Србија успешно го прави тоа? 

P.S. Во насока на оваа теза, може да се коментира, вака: „Ние, во македонската економија и така немаме доволно работници за постоечките капацитети, не па за нови...“ За таа цел, дел од ваквите коментари ги демантирам со информацијата од една српска национална телевизија. Имено, петок чинам беше, неделата што измина, иако не гледам телевизија, случајно на една од националните српски телевизии, кои често ги прати татко ми, го затекнав претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ. На прилогот, го гледам претседателот како пушта во функција нова фабрика од Германија за производство и сервисирање на авионски мотори. Најголема од таков вид во ЕУ. Туку што се отвори во Србија, а Вучиќ, по тој основ, на присутните и српските граѓани им вели:Во наредната година размислувам да отвориме ново Министерство за дуално образование. Тоа е иднината на Србија. Особено во делот на високото образование, многу е важно дуалното германско образование…Оттука, овој телевизиски извадок за мене беше мотивација за наредната колумна, во која, сакам да наметнам една важна тема, за која се борам уште до 2014 година, а се вика: ДУАЛНО ВИСКО ОБРАЗОВАНИЕ.  

проф. д-рСиниша Наумоски,

Претседател на Академски совет во АБИТ и професор за контролинг на германската високообразовна установа - Хајделберг Институтво Скопје  

Можеби ќе ве интересира

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?