Град ќе плати висока казна поради аерозагадувањето
Објавено во: Свет 04 Декември, 2018
Градот Њу Делхи е казнет со 3,5 милиони долари за загадување на воздухот.
Индиската агенција за животна средина му изрече казна од 3,5 милиони долари на градот Њу Делхи поради тоа што не ги спроведува прописите за намалување на загадувањето на воздухот.
Веб-страницата на американската амбасада објави дека денес концентрацијата на честичките во воздухот е 290 или речиси 12 пати поголема од границата што е обележана од Светската здравствена организација како безбедна.
Главниот град на Индија е меѓу најголемите градови во светот со најголема концентрација на смог. Националниот зелен трибунал ја казни градската управа затоа што не ги спровела предвидените мерки против индустриските постројки кои сè уште горат опасен отпад на отворено.
Трибуналот е национално тело кое има задача да донесе пресуди за прашања од животната средина. Во претходниот период ова тело ги сослуша жалбите од жителите на Њу Делхи во врска со согорувањето на отпадот во одделни фабрики.
Секоја зима главниот град е покриен со густа магла со концентрација на штетни честички што ја надминува границата повеќе од 30 пати. Се проценува дека секоја година 1,1 милион Индијци прерано умираат поради загадувањето на воздухот.
Њу Делхи денеска е трети најзагаден град во светски рамки.
фото ЕПА