ГУЖВИ НА ГРАНИЦАТА СО ГРЦИЈА - нашите граѓани кои заминаа на шопинг во Солун мораа да чекаат и по два часа
Објавено во: Македонија 08 Декември, 2021
Македонците кои решија денешниот неработен ден да го искористат и поминат во еднодневна прошетка низ Солун, соседна Грција, се соочија со голем метеж на граничниот премин Богородица.
Колони од возила чекаа за влез во Грција, а евидентно е дека на граничниот премин се формирал своевиден голем застој.
За тоа говорат и фотографиите кои ни ги испратија читатели.
Нашите соговорници велат дека за влез во Грција се чека повеќе од два часа.
Според нивниот впечаток, причина за тоа е неорганизираноста на нашите гранични служби.
Нашите граѓани јавуваат и дека на автопатот Пријателство на пат кон соседна Грција, има и по неколку полициски екипи, кои ја контролираат брзината на возење или евентуални други сообраќајни неправилности.
Како што е познато, поради близината, Солун е омилена дестинација на голем број македонски граѓани, кои го користат речиси секој слободен ден да заминат таму или на шопинг во некоја од познатите модни брендови, или, пак, на омилените морски специјалитети во некоја од грчките таверни.