И ПОВИСОКИТЕ ПЛАТИ И ПЕНЗИИ УДРИЈА ПО ИНФЛАЦИЈАТА: Поскапувањата нема да запрат
Објавено во: Економија 05 Април, 2022 07:28
Не само што ќе се високи годинава, туку трошоците за живот значајно ќе растат и следната година. Анкетата за инфлациските очекувања која ја креира Народната банка а е базирана на искази на економските аналитичари, од март годинава покажува нагорна ревизија на нивните очекувања за просечната стапка на инфлација и годинава, но и следната 2023 година. Економските аналитичари ги поврзуваат ваквите очекувања пред сѐ со воениот конфликт во Украина, но и со постепеното стабилизирање на состојбата предизвикана од пандемијата на ковид-19, како во земјата, така и во странство, при што нагласуваат дека постои висока неизвесност околу текот на идните случувања.
„Во однос на инфлацијата, просечните очекувања за 2022 година се повисоки во однос на претходната анкета и упатуваат на просечна стапка од 6,5 проценти од 2,8 отсто во претходната анкета, а повисоки се и очекувањата за 2023 година, при што испитаниците очекуваат дека стапката на инфлација ќе изнесува 4,2 проценти, а беше 2,4 отсто во претходната анкета. На среден рок, за 2024 година испитаниците очекуваат постепено стабилизирање и просечна стапка на инфлација од 3,3 отсто, стои во анкетата.
Од Народната банка велат дека овие очекувања во голема мера се одраз на тековните случувања на пазарите на примарните производи, односно повисоките цени на увезените добра, како што се цените на храната и енергијата, проблемите во синџирите на снабдување, пренесените ефекти од веќе започнатите трендови на раст на инфлацијата кон крајот на минатата година и на почетокот на оваа година, како и неизвесноста околу разрешувањето на воениот конфликт меѓу Русија и Украина.
„Како фактори за повисока инфлација се наведуваат и растот на платите и пензиите, како и трошењето на заштедите заради зголемената потрошувачка и складирање залихи, што беше предизвикано од неизвесноста околу идните цени на основните продукти. Испитаниците и натаму сметаат дека постепеното стабилизирање на состојбата предизвикана од пандемијата на ковид-19 би довело до зголемена домашна побарувачка и повисока инфлација. Од друга страна, се смета дека мерките за заштита на животниот стандард на граѓаните и за ликвидноста на компаниите коишто ги донесе Владата би можеле да го ублажат високиот раст на цените, стои во анкетата.
На терен ситуацијата ги потврдува очекувањата на аналитичарите. Во услови на постојан раст на цените, без оглед на некои од ограничувачките мерки, граѓаните постојано купуваат залихи и ја забрзуваат побарувачката, но и потрошувачката.
Од месецов се исплатува повисока минимална плата, а се усогласија и пензиите. Поскапува речиси се, а нема најави за скоро олабавување. Во месеците што следуваат ударот ќе биде уште поголем.
А.Т.
Можеби ќе ве интересира
Компанија од Емиратите најблиску да ја купи Нафтена индустрија на Србија (НИС)
Синдикалната минимална кошница во декември зголемена на 65 492 денари
ЕСМ бара од Владата да прогласи кризна состојба, опозицијата смета дека тоа е поради рекордните загуби
Истражување: Европските компании во работниот процес се повеќе ангажираат „аутсорсинг“
Заменик-министерот Јанкуловски: Македонија ќе ја заврши 2025 година со јавен долг од 10,2 милијарди евра
Европа половина од природниот гас го купува од Норвешка
Побарувачката за сребро ќе расте - кои земји имаат најголеми резерви?
ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?




