20 Декември, 2025
0.0464

Иднина спакувана во куфер!

Објавено во: Економија 01 Февруари, 2016 08:12

Добивај вести на Viber

Не е тајна ниту непознаница   дека младите се почесто размислуваат својата иднина да ја градат надвор од земјава. Сиромаштијата се продлабочува, вработување нема или ако го има е за многу ниски плати, а дополнително младите немаат услови и избор за самостоен живот и  сигурни финансии кои ќе им обезбедат не само гола егзистенција туку и културно-општествено живеење растеретено од партиско-политички влијанија.  Младите во Македонија  се исправени пред многубројни  предизвици и проблеми со кои се соочуваат секојдневно и кои се од различен карактер, пред  се од економска природа, неквалитетното образование, недостаток на културно- забавни содржини, предрасуди кон различности и загаденост на животната средина-вели за Фактор, Нита Старова од фондацијата Фридрих Еберт. Нивната неодамнешна Студија за млади,  покажала дека младите не им веруваат на домашните институции. Загрижувачки е  според Старова што во последните години покрај иселувањето на младите во потрага по поквалитетно образование или работно место, односно веќе познатите причини за миграција, се јавува тренд на иселување на доброситуирани и високообразовани млади луѓе или семејства, кои и покрај добрите услови за живеење и соодветни работни места, решаваат да ја напуштат земјата поради тоа што не се согласуваат со актуелните политики и насоки во кои оди државата, ниту пак  ја гледаат својата иднина и иднината на своите деца во корумпирано општество со според нив погрешен вредносен систем. “Проблемите со кои се соочуваат младите секојдневно се истовремено и причините поради кои се иселуваат. Mладите кои имаат план да заминат од земјата, а тоа се повеќе од половина од испитаниците во Студијата за млади, како главна ја  наведуваат финансиската причина – подобрување на економскиот стандард на живеење и поголеми можности за вработување. Тоа се јавува како резултат на тоа што 71% ја оценуваат економската состојба како лоша и не веруваат дека истата ќе се подобри во брзо време. Потоа како втора главна причина за иселување е стекнување со поквалитетно образование па најчесто младите  би одбрале студии во странство и тоа пред се во земјите од ЕУ. Понатаму се наведени и личните причини за заминување, најчесто дискриманција по различен основ, и поразновидни културни содржини”-објаснува Нита Старова. ПОЛИТИКИТЕ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НЕ ВРОДИЈА ПЛОД Владините политики за вработување на младите, како што вели не вродија со плод, бидејќи програмата за самовработување ги подржува финансиски младите невработени лица да започнат сопствен бизнис, при што треба да достават одржливи и иновативни бизнис планови кои имаат потенцијал за раст, што веќе само по себе претставува проблем, доколку се земе предвид фактот дека поголем процент на младите не се чувствуваат доволно спремни да започнат сопствен бизнис, ниту пак во текот на образованието се стекнуваат со претприемнички вештини. “Затоа решението треба да се бара во градење на претприемнички дух, креативност и самодоверба кај младите во текот на целиот образовен процес, преку стекнување и унапредување на деловните вештини и процеси  и подобро осмислување на процесот за практична настава, кој во најголем број случаи се спроведува чисто формално. Во тој контекст постои Стратегија за претприемачко учење во Република Македонија 2014-2020, но како и во случајот со Национална стратегија за спречување на одлив на мозоци не може да се најдат оценувањата за напредок ниту пак е видливо она што е реализирано до сега”-додава Старова. КОРУПЦИЈАТА ГИ БРКА НАДВОР Младите како што вели  сметаат дека образованието во Македонија е корумпирано, не им нуди никакви практични знаења, и не игра голема улога во процесот на наоѓање работно место, каде според нив пресудни се личните и партиските врски. Сепак, додава, немајќи работно место често се решаваат да го продолжат своето образование, што доведува до хипер продукација на високообразовен кадар. Перцепцијата според Старова се измени  по минатогодишните студентските протести  со кои покажаа дека знаат да се изборат за одлуките кои ги засегаат нив и идните генерации на студенти,покажаа дека се уште постои солидарност, истрајност и храброст да се искаже сопствен став. “Реформи во образовниот систем се неопходни и тука треба сериозно да се разгледаат низа прашања, почнувајќи од наставните програми, дисперзираните студии, екстерното оценување, автономноста на универзитетите и ред други прашања кои беа отворени во изминатиот период. Младите се маргинализирани во сите сфери на живеењето. Тие тешко ги остваруваат своите права пред се во домот, а уште потешко на текот на образованието и на работното место. За себе чувствуваат дека не се доволно застапени во политиката, но мислам дека перцепцијата за влијанието на младите во носење на битни политички одлуки значително се  измени по протестите”-нагласува Старова. МИГРАНТИ ПРИМАМЕ, А САМИТЕ СМЕ МИГРАНТИ Иако официјално нема домашна статистика колкав е бројот на младите кои се иселуваат од земјава, истражувањата  и анализите на меѓународните институци покажуваат поразителни резултати. Апсурдно е вели што Македонија која сега се справува со бранот бегалци и економски мигранти и самата  е една од земјите чии граѓани бараат азил во ЕУ заедно со уште три балкански држави. Официјалните податоци доаѓаат од Еуростат, Светска банка но не и од Државниот завод за статистика. Според статистичката служба на Европската унија - Еуростат, во периодот од 1998 до 2011 година, нашата држава ја напуштиле околу 230.000 граѓани, од кои најголемиот дел се млади луѓе. Извештајот на Светска банка е уште попоразителен: заклучно со 2010 година од државава се иселиле 447.000 граѓани, односно 22% од вкупното население во Македонија. Дополнителен удар е вели и информацијата од Државната изборна комисија дека во 2015-та година се иселиле 78 илјади лица од Македонија кои привремено или засекогаш мигрирале во странство. “Лично не верувам дека државата нема бројки и статистики за оваа проблематика, но веројатно не се објавуваат од повеќе причини. Доколку се објават би биле поразителни и би биле јасен показател за неуспешните владини политики во изминатите години, како и на што се должи намалената стапка на невработеност, и воедно би отвориле многу прашања на кои оваа влада не е спремна да одговори. Затоа единствените податоци со кои располагаме во поглед на иселувањето се од меѓународните организации, како на пример податокот од Светска Банка дека до сега се иселени скоро половина милион граѓани или четвртина од севкупното население во Македонија”-потенцира Старова. Студијата  за млади на фондацијата Фридрих Еберт   покажала дека младите не им веруваат на домашните институции. Најголема доверба имаат во меѓународните институции, ЕУ и НАТО, а најнизок степен на доверба имаат во политичките партии и Парламентот, што е лош показател за состојбата на демократијата во земјава погледната од перспектива на младиот човек. КОЈ Е ИДНИНАТА НА ЗЕМЈАВА? Надлежните порачува веднаш треба да  почнат  да  работат на подобрување на условите кои младите ги посочуваат како причина за иселување, додека  по одредени прашања треба да се направат подлабински истражувања и анализи и согласно на резултатите да се превземат конкретни мерки. Дополнително вели треба самите млади луѓе да бидат вклучени активно во процесот на изнаоѓање на решенија по овие прашања, а не да се развиваат државни стратегии кои не даваат резултати. “Треба да им се овозможи на младите да ги остваруваат своите цели и амбиции во сопствената земја во услови на  нормален и квалитетен живот.Во спротивно, доколку овој тренд на иселување продолжи, ќе треба да си го поставиме прашањето кои се идните работници, работодавачи и лидери во земјата? И во чии раце е иднината на Македонија?”- завршува Нита Старова од Фондацијата Фридрих Еберт. С.Б.

Можеби ќе ве интересира

Синдикалната минимална кошница во декември зголемена на 65 492 денари

Синдикалната минимална кошница во декември зголемена на 65 492 денари

ЕСМ бара од Владата да прогласи кризна состојба, опозицијата смета дека тоа е поради рекордните загуби

ЕСМ бара од Владата да прогласи кризна состојба, опозицијата смета дека тоа е поради рекордните загуби

Истражување: Европските компании во работниот процес се повеќе ангажираат „аутсорсинг“

Истражување: Европските компании во работниот процес се повеќе ангажираат „аутсорсинг“

Заменик-министерот Јанкуловски: Македонија ќе ја заврши 2025 година со јавен долг од 10,2 милијарди евра

Заменик-министерот Јанкуловски: Македонија ќе ја заврши 2025 година со јавен долг од 10,2 милијарди евра

Европа половина од природниот гас го купува од Норвешка

Европа половина од природниот гас го купува од Норвешка

Побарувачката за сребро ќе расте - кои земји имаат најголеми резерви?

Побарувачката за сребро ќе расте - кои земји имаат најголеми резерви?

Koи европски држави ќе имаат раст до 2027 година?

Koи европски држави ќе имаат раст до 2027 година?

ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?

ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?

Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?

Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?