ИМАЛО И ИСТРЕЛИ: Што барал турски авион над грчки остров?
Објавено во: Балкан 10 Април, 2018
Извори од Кабинетот на грчкиот премиер, Алексис Ципрас денеска соопштија дека турскиот хеликоптер што синоќа прелетал ниско кај островот Ро, не го нарушил воздушниот простор на Грција.
Истиот извор додава дека отворањето оган од грчката армија било „предупредувaчко“.
Извори од грчкото Министерство за одбрана за телевизијата Скај потврдија дека инцидентот се случил синоќа во 22.30 часот.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, според истите извори, не станува збор за „голем настан“, иако турскиот хеликоптер за време на ноќниот лет во близина на островите имал изгасени светла и претставувал ризик за несреќа.
„Реагиравме предупредувачки и случајот заврши“- - соопштија изворите од Кабинетот на грчкиот премиер за агенцијата АНА-МПА.
Грчките медиуми претходно јавија дека хеликоптер на турската Крајбрежна служба летал ниско над островот Ро, што се наоѓа во близина на брегот на Турција. Кога грчките граничари слушнале бучава од хеликоптерски мотор во непосредна близина од околу 100 до 200 метри, веднаш реагирале со истрели со цел турскиот хеликоптер да се оддалечи.