20 Декември, 2025
0.1744

ИНТЕРВЈУ АДВОКАТ РИСТОВА: Текстилните работници се најчести жртви на мобинг, но молчат за проблемот!

Објавено во: Економија 27 Јануари, 2016 08:30

Добивај вести на Viber

Во последните неколку години најмногу вознемирување на работното место-мобинг  е забележано во образованието, здравството и полицијата. Но сеуште на врвот на “пиедесталот” се текстилните работници. Најмногу се вознемирувани лица од 40 до 52 години, под еднакво од машки и женски пол, а жртвите истакнуваат дека истиот е со времетраење од 6 месеци до 2 години- вели во интервјуто за Фактор, адвокатката  Маја Ристова која  е магистер по правни науки, специјализирана во областа на работните односи, особено во делот на заштита од вознемирување на работното место –мобинг. Во оваа област била правен советник во Канцеларијата за помош и едукација на жртвите на мобинг при Сојузот на синдикатите на Р.Македонија, тренер и обучувач на национални и меѓународни работилници, , учесник на бројни тренинзи , како и дел од работната група за изработка на посебниот Закон за заштита од вознемирување на работното место. Фактор: Што всушност претставува мобингот и колку е тешко истиот да се докаже? М. Ристова: Мобингот е психичко или полово вознемирување на работното место како начин за стратешки, континуирано, систематски и софистицирано да се загрози честа, угледот и достоинството на еден работник или група на работници. Психичко вознемирување на работно место е секое негативно однесување што се врши од поединец или од група, спрема поединец или спрема група, кое се повторува континуирано и систематски и претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на поединецот или групата и предизвикува чувство на страв или создава непријатност и пониженост, чија крајна цел може да биде повреда на физичкото и менталното здравје, компромитирање на професионална иднина, престанок на работниот однос или напуштање на работното место, додека, пак, половото вознемирување е секое вербално, невербално или физичко однесување од полов карактер, кое има за цел или претставува повреда на достоинството на кандидатот за вработување или на вработените, кое предизвикува чувство на страв или создава непријатност и пониженост. Фактор: Какви форми на мобинг постојат? М. Ристова: Мобингот се јавува како хоризонтален и вертикален. Хоризонталниот мобинг се врши према работник кој е на иста работна позиција со оној кој вознемирува. Чувство на загрозеност и завист се најчести причини за овој тип на мобинг, поради што жртви најчесто се вработените кои особено се истакнуваат по квалитетот на својата работа. Вертикалниот мобинг е насочен кон подредениот (bossing) или надредениот работник (staffing), во хиерархиската организација во работната средина. Во Македонија најмногу е застапен “босингот” како облик на вертикален мобинг, односно, се вознемирува од повисока работна позиција кон пониска. ДА НЕ СЕ МОЛЧИ ЗА МОБИНГОТ Фактор: Трката по егзистенција и сигурен прилив на средства во домашниот буџет  честопати ги става вработените во незавидна состојба да не  реагираат  и да не  го пријават мобингот. Стравуваат не само за своето работно место туку и за дополнителниот притисок кој може да им го направи работодавецот, па да  станат   жртви кои неможат да ја докажат правдата? Што во вакви случаи? М. Ристова:  Секој кој се чувствува како жртва на мобинг, не смее да молчи и да го трпи истото. Впрочем затоа и се случува мобингот, затоа што оние кои што вознемируваат се повеќе од сигурни дека жртвата нема да превземе мерки во нејзина заштита или ќе се откаже “на половина пат”. Но, дали платата од 250 евра е поважна од психофизичкото здравје на еден човек? Се разбира дека НЕ. Во контекст на поголема заштита поради високиот степен на ризик, и самиот lex specialis закон предвидува дека поведувањето на постапка за заштита од вознемирување на работно место, како и учеството во таа постапка како сведок, не може да биде основ за ставање на вработениот во понеповолна положба во поглед на остварување на правата и обврските од работен однос, поведување на постапка за утврдување на дисциплинска, материјална и друга одговорност на вработениот, откажување на договорот за вработување, односно престанок на работниот однос на вработениот од деловни причини, во рок од две години од денот кога е поведена постапка за заштита од вознемирување или од денот кога учествувал како сведок во постапка за заштита од вознемирување на работно место. Освен тоа, законски се предвидени и привремени мерки пред започнување или во текот на постапката што судот може на предлог на странката да ги одреди, а заради спречување на насилничко однесување или заради отстранување на ненадоместлива штета. Приврмени мерки кои може да се изречат се: забрана за приближување до работното место на вработениот и забрана на телефонирање и комуницирање (вербално или електронски). Фактор: Кои се последиците од мобингот и дали како форма на насилство и притисок е почесто забележана во приватниот или јавниот сектор? [caption id="attachment_198244" align="alignright" width="486"]мр1 Многу е важно жртвата да обезбедува докази како дописи, мејлови, смс пораки, медицинска белешка, мобинг дневник и сл.[/caption] М. Ристова: Долготрајната изложеност на мобинг секогаш води до сериозни здравствени последици кај жртвата, вклучувајќи и зголемен ризик од развој на телесни и психички болести, како и нарушувања во однесувањето. Здравствените последици водат до боледувања (апстентизам), напуштање на работното место или добивање на отказ, што од друга страна значи дека настануваат и економски последици од мобинг случаите. Колку за ориентација во Германија годишно мобингот предизвикува загуби од две милијарди евра. Македонија со 45 пати помалку вработени, според истата пресметка, по основ на нарушено здравје, отсуства, лекување и други интервенции, годишно трпи штета од 12,9 милиони евра, додека ако се сметаат сите последици, односно реалната штета (вклучително здравствени услуги, лекови, рехабилитација, замена на работник, намалена продуктивност) вкупната штета може да изнесува 39 милиони евра. Фактор: За какво дело станува збор кога говориме за мобингот и што предвидува законската регулатива? М. Ристова: Овие спорови имаат карактер на работни спорови и се применуваат одредбите од Законот за парнична постапка. Споровите се иницираат со тужба, со која може да се бара: утврдување дека вработениот претрпел вознемирување на работното место, забрана за вршење и повторување на вознемирување на работното место, преземање дејствија за отстранување на последиците од вознемирување на работното место, како и надомест на материјална и нематеријална штета причинета со вознемирување на работното место. Законот за заштита од вознемирување на работното место, во однос на постапката за заштита од мобинг, предвидува да секој што мисли дека е вознемируван на работното место писмено да се обрати до оној што го вознемирува со  предупредување со кое ќе му укаже дека неговото однесување е несоодветно, неприфатливо и несакано, со цел да се реши спорната состојба, односно случајот, без поведување постапка за заштита од вознемирување на работно место, како и да го предупреди вршителот дека ќе побара законска заштита ако не престане веднаш таквото однесување. Освен тоа, жртвата пред поднесување на тужба пред надлежен суд може да поднесе до работодавачот и барање за заштита од вознемирување на работното место, во кое ќе ги наведе своите податоци и податоците за оној кој вознемирувал, како и нивните работни позиции, краток опис на однесувањето за кое оправдано се смета дека претставува вознемирување на работно место,  траење и зачестеност на однесувањата кои се сметаат за вознемирување на работно место, како и датумот кога последен пат е извршено тоа однесување, со наведување на факти и докази. Оваа постапка е позната како Постапка на посредување, која е интерна и која има за цел брзо, економично, мирно и вонсудско решавање на спорот. КАКО МАКЕДОНЦИТЕ СЕ СПРАВУВААТ СО МОБИНГОТ Фактор: Дали има случаи на злоупотреба на мобингот? М. Ристова: Во праксата постојат ситуации на злоупотреба на мобингот, како и погрешно толкување на терминот мобинг, каде и во двата случаи се врши непосредна штета на работодавецот. Злоупотребата значи одредени дејствија да бидат целно и тенденциозно презентирани како мобинг, додека пак погрешното толкување е ненамерно, но лекомислено донесување заклучок за постоење на мобинг. Злоупотреба може да се случи, на пример, со презентирање на нецелосна меил или смс комуникација, додека пак погрешното толкување може да биде, како пример, периодично поставени прекумерни работни задачи да бидат протолкувани како вознемирување на работното место. Фактор: Дали имате компаративни анализи за оваа проблематика? Kако Македонците се справуваат со мобингот и дали знаат да го препознаат? М. Ристова: Се повеќе постојат држави во кои се докажало психичко и полово вознемирување на работното место, независно од тоа дали постои lex specialis закон или не, што е уште еден индикатор дека е ирелевантно постоењето на посебен закон за заштита од мобинг. Р.Македонија од мај 2013 година има посебен закон за мобинг, но нема правосилна позитивна пресуда, а од друга страна пак, Хрватска која нема посебен закон за мобинг, има позитивна судска пресуда. И Србија, како земја од соседството има седум позитивни судски пресуди или случаи каде мобингот се докажал. Ако говориме генерално и на европско ниво, Германија и Шведска бележат најголем успех во позитивна судска пракса во оваа област. Во Р.Македонија низок е степенот на информираност на работниците, и покрај законската обврска на работодавците, па од тие причини тешко или доцна се препознава мобингот. Најчест проблем е неправењето динстинкција помеѓу класична повреда на одредбите од Законот за работните односи и повреда на одредбите од Законот за вознемирување на работното место се работи за две различни постапки и проблемот при погрешно толкување на терминот мобингот, односно третирање дека секој стрес на работното место е мобинг, што е апсолутно погрешно. Фактор: Правна порака и поука за потенцијалните но и жртвите кои поминале низ вакво искуство на работното место? М. Ристова: Последиците од мобинг се рефлектираат врз социјалната, работната средина и поединецот, затоа треба да се посочи на значајноста на овој проблем од различни аспекти. Така, би ги посеветувала сите работници да се информираат за оваа појава, како би знаеле одделен случај да го идентификуваат како мобинг. Секој кој мисли дека е подложен на мобинг би можел да побара помош од Секторот за управување со човечки ресурси во работната организација или до Синдикатот каде членува. Понатаму, значајно би било писмено да му се обрати на моберот објаснувајќи како се чувствува и усно да поразговара со него, доколку е тоа можно. Ако моберот има претпоставен, жртвата може да достави до него писмен допис, како би го запознал и/или детализирал случајот. Да се избегнува влегување во конфликтни ситуациии со моберот и возвраќање на провокациите, навредливото и понижувачко однесување, како би било полесно во понатамошна постапка да се докаже кој кого малтретира. За целото ова време, многу е важно жртвата да обезбедува докази како дописи, мејлови, смс пораки, медицинска белешка, мобинг дневник и сл. И најважно од се е да верува во позитвниот исход на постапката затоа што правдата секогаш ги следи храбрите и истрајните. С.Б.

Можеби ќе ве интересира

Компанија од Емиратите најблиску да ја купи Нафтена индустрија на Србија (НИС)

Компанија од Емиратите најблиску да ја купи Нафтена индустрија на Србија (НИС)

Синдикалната минимална кошница во декември зголемена на 65 492 денари

Синдикалната минимална кошница во декември зголемена на 65 492 денари

ЕСМ бара од Владата да прогласи кризна состојба, опозицијата смета дека тоа е поради рекордните загуби

ЕСМ бара од Владата да прогласи кризна состојба, опозицијата смета дека тоа е поради рекордните загуби

Истражување: Европските компании во работниот процес се повеќе ангажираат „аутсорсинг“

Истражување: Европските компании во работниот процес се повеќе ангажираат „аутсорсинг“

Заменик-министерот Јанкуловски: Македонија ќе ја заврши 2025 година со јавен долг од 10,2 милијарди евра

Заменик-министерот Јанкуловски: Македонија ќе ја заврши 2025 година со јавен долг од 10,2 милијарди евра

Европа половина од природниот гас го купува од Норвешка

Европа половина од природниот гас го купува од Норвешка

Побарувачката за сребро ќе расте - кои земји имаат најголеми резерви?

Побарувачката за сребро ќе расте - кои земји имаат најголеми резерви?

Koи европски држави ќе имаат раст до 2027 година?

Koи европски држави ќе имаат раст до 2027 година?

ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?

ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?