26 Април, 2024
0.0322

ИНТЕРВЈУ БОГОЈЕСКИ: И по цена да се повторат изборите, нема да влеземе во влада ако не се прифатат нашите услови

Објавено во: Македонија 11 Јули, 2020

Добивај вести на Viber

Секогаш сме избрале меѓу двете зла, но сега нема потреба тоа да го правиме, туку да избереме меѓу доброто и лошото. Двата големи политички блока на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се контролирани од еден исти центар, и секогаш наоѓаат начин претходната гарнитура да не одговара за стореното во својот мандат. Ни требаат минимум тројца пратеници, за политичките партии да не можат да состават влада без наша согласност. Ова во интервју за Фактор го порачува пред гласачите Петар Богојески, првиот човек на Македонски концепт. Како услов да влезат во новата влада ќе го постават носењето на нужните закони за длабока демократизација на политичкиот систем, антикорупциски пакет, како и одлука за отворање на Уставот, со цел воспоставување систем на управна и контролна власт во земјава. Програмата на Македонски концепт, вели во интервјуто Богојоски, се заснива на три С, слобода, спокој и солидарност, наспроти лажните политички ветувања, кои, според него, ги даваат двете големи политички партии. Разговаравме и за економските предизвици на земјава, за условот на ДУИ за Албанец-премиер, но и за договорите со Бугарија и Грција...

Се чини дека главната идеја водилка која граѓаните можат да ја слушнат од Вашата кампања е дека конечно е дојдено време за промена на политичката карта во земјава, во која двете најмоќни партии од македонскиот политички блок би требало да ја изгубат својата доминантност, а Вашата партија да стане еден вид коректор на новата власт. Како ќе ги убедите граѓаните кои традиционално се навикнати да гласаат за СДСМ или за ВМРО-ДПМНЕ, сега токму Вас да ви ја дадат довербата? 

Богојески: Редно е граѓаните да ги победат политичарите на овие избори. Оттука не станува збор за партија, туку за граѓански листи со поддршка од СДУ Скопје. Ако излеземе масовно на гласање, особено оние кои се најразочарани од сето она кое се случува на политичката сцена во земјава во последните 30 години, победата е обезбедена. Каков било бојкот на изборите ќе биде конечна победа на политичарите врз граѓаните и засекогаш ќе ја запечатат судбината на сите нас, а државата ќе остане во рацете на истиот естаблишмент кој нè доведе до тука. Затоа и настапуваме со слоганот „Последна шанса“, зашто нормалноста исчезнува од ден на ден, а во иднина тешко дека некој ќе се посвети на воспоставување на нормалност во државата, за нормална држава, како што тоа енергично го правиме ние денес, на овие избори. 

Секогаш изговор бил фактот што сме немале избор и сме избирале од двете зла, помалото. Сега создадовме, сега понудивме алтернатива, имаме избор, имаме бр.10 на гласачкото ливче, па нема потреба да бираме помеѓу двете зла, туку помеѓу доброто и лошото. Само треба да имаме желба да и погледнеме на вистината во очи, да се соочиме со фактот дека ништо нема да се промени кој и да победи од двата „големи“ политички блокови, коалиции на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. Тие се управувани од еден ист центар. Тие се меѓусебно координирани и секогаш наоѓаат начин претходната управувачка гарнитура да не одговара за стореното во својот мандат. Тие се штитат меѓусебно за направените гревови кон нашите граѓани и нашата држава. 

Само бр.10 е гаранција дека ќе има одговорност, дека ќе се воспостави пракса на одговорност и граѓанска контрола во Парламентот, политичките партии да не може да создадат Влада без наша согласност. За тоа се потребни само минимален број од три пратеници па нагоре, зашто разликата помеѓу двете коалиции нема да биде поголема од тоа. 

Како ќе ги убедиме да гласаат за нас, освен да направиме се што можеме да ги соочиме со фактите за поминатото триесетгодишно поведение на политичарите. Сега е моментот, не треба да се чека друга шанса. Таква Ве уверувам дека ќе немаме. Како што господин Заев не направи доволно да го казни господин Груевски, така попусто е да гласате за господин Мицкоски, кој ќе ја продолжи таа пракса за неказнивост и ништо нема да направи за да го казни господин Заев. Само нашата граѓанска волја за тоа, може да даде резултат во таа насока.

Изјавивте дека на изборите кои ќе се одржат на 15 јули, разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ нема да биде поголема од тројца пратеници, па Вие ќе бидете клучен фактор во формирањето на новата Влада. Што мислите, кој ќе ја формира новата Влада, кој ќе ја однесе победата? 

Богојески: Кој и да победи, ако на нас ни дадете три и повеќе од тоа пратеници, ние ќе бидеме клучниот фактор за формирање на идната Влада. Големите коалиции ќе се движат околу бројката од 50 пратеници. Ако СДСМ има 51, тогаш ВМРО ДПМНЕ ќе има 49 и обратно. Тоа значи и со коалиција со една од условно наречените албански партии, нема да ја постигнат бројката од 61 пратеник без нашите три пратеници. 

Ако ни дадете доверба за тоа, Влада нема да се формира без претходно да се донесат нужни закони за длабока демократизација на политичкиот систем во земјава, антикорупциски пакет и одлука за отворање на Уставот, со цел воспоставување систем на управна и контролна власт во земјата. Тоа по цена да не се формира Влада и да се повторат изборите. Партиите или ќе прифатат длабоко да се демократизираат по сила на нов закон за политички партии, да го измениме изборниот модел или нема да бидат дел од власта. Тие се познати по жедта за власт, па не верувам дека ќе одолеат да не седнат на власт, а да не ги подржат нашите проекти. Така ќе успееме да реализираме огромен дел од нашите политики уште пред да се формира Владата. Тоа е таа наша граѓанска шанса да ги победиме партиите, а Републиката да си ја земе власта во свои раце, преку нашиот глас во Парламентот. Ако се случи да се повторат изборите, тогаш граѓаните ќе имаат доказ пред себе дека тоа што го ветуваме, тоа го исполнуваме, па ќе имаат можност или да не наградат со дополнително влијание или да не казнат и да ни ги одземат мандатите за само неколку месеци. Наше е да побараме шанса, а граѓаните нека одлучат кој треба да ги носи одлуките во идниот Парламент, дали нови лица во политиката или докажаните стари бандити. Сега е последна шанса за конечната одлука за нормализација на државата и општеството.

Господине Богојески, двете најмоќни партии ветуваат зголемени плати дури и до 40 отсто, нови работни места, даночни промени... Кое е Вашето клучно ветување, Вашата голема приказна на која би можеле да се налепат граѓаните, кои, патем, се и уморни од нереални ветувања? 

Богојески: До тој степен се изнаслушавме лажни политички ветувања во оваа кампања, срам да го фати човек да каже свое нормално и реално ветување. Затоа велиме воведување на кривично дело „Лажно политичко ветување“, па нека повелат на следните избори нека продолжат со ова скандалозно поведение. Ние промовиравме серија политики за нашата визија за граѓанска држава со граѓанска нација, во која сите ние сме Македонци, а тоа се политики во разни области, кои ги класифициравме во три групи во нашата три С Програма 2020 (слобода, спокој и солидарност). Проектите од делот Слобода, ќе овозможат воспоставување на фер општество, како Корективна Влада, Пратеници волонтери, Слободна политика, Држава без етнички партии, Финансиска лустрација и потекло на имот на сите политичари, Електронски надзор на луксуз на функционерите со државни пари и слично. Во делот на економијата или делот Спокој, имаме проекти кои треба да донесат извесна иднина за секој од нас, за да започнеме спокојно да живееме, како Слободни банки, Јавни овластувања на приватниот сектор, Партнерство со младите, Државен шалтер, Правдата прогледа, Ликвидност и развој на големата петка - земјоделие, туризам и ИТ индустрија кои ќе ги хранат образованието и здравството, Ефективно здравство и слично. Третиот дел - Солидарност, е веќе круна на нашите политики со кои се амбицираме да воспоставиме ново општествено прифатливо поведение, солидарност пред се помеѓу нас граѓаните, но и на државата кон граѓаните. Тука се проектите Обештетување на граѓаните кои настрадаа од транзицијата, Не сте сами - за ранливите категории на граѓани како деца со пречки во развојот, самохрани родители и слично, екологијата во Конечно стратегија, Сончевата субвенција, Земја без ѓубре и слично, Политика во втор план за спортот, Глас на животните за вистинска грижа за бездомните животни, Заштитена историја за историско-културното наследство на нашата татковина и многу многу други конкретни и корисни проекти, со конкретни буџетирања и рокови за нивна реализација. Ако ни дадете шанса да бидеме клучен фактор за формирање на идната Влада, сето ова ќе стане реалност, зашто се е тоа реално остварливо. Тоа ќе доведе до нормална држава и фер општество во кое ќе имаме подеднакво шанса сите граѓани.

Што е она што двете партии во изминатите 30 години не го направија за земјава, а требаше и мораше? 

Богојески: Не само двете, туку сите партии ја насадија државата на криво. Ако ги оставиме да продолжат, дрвото ќе продолжи да расте на криво и еден ден ќе се сруши самото од себе. Буквално вакви султан партии ќе ја срушат државноста на Македонија, а тоа е нашата кауза. Македонската државност е нашата кауза со која ние од Македонски концепт не правиме компромиси. Оттука и нашиот мотив да се појавиме со понуда на овие избори. Мотивот е да си ја заштитиме државноста. Да ги спречиме, да ги ограничиме политичките банди да продолжат да тргуваат со истата. Знаеме како и знаеме зошто. Верувајте дека нема да направиме ниту чекор отстапка со државниот, со националниот интерес на нашата земја и нашата нација. Ние во Парламент ќе бидеме чувари на државноста. Партиите многу не направија последниве 30 години. Граѓаните подобро од мене знаат што и како. Ако тука набројувам ќе треба да пишувам фермани. Криминал, корупција, злоупотреба на позиција и овластувања, негрижа за народот...милиони работи. Доста трпевме, ова е последна шанса да ги спречиме!

Кои се луѓето здружени во Македонски концепт, дали се тоа реализирани личности со капацитет и визија да донесат свежина на македонската политичка сцена и да привлечат гласачи? 

Богојески: Апсолутно да! Луѓе од народот, за народот. Граѓани за граѓаните. Во нашите листи буквално ќе најдете од научници и иноватори, универзитетски професори до армирачи на бетон. Буквално Македонија е пресликана кај нас. За нас секој граѓанин има своја вредност и свое место во општеството. Многу млади, но и луѓе со огромно искуство, со опит во бизнисот и јавниот сектор. Ние се ќе направиме, следната Влада да има силен економски тим, кој ќе се носи со предизвикот кој ни доаѓа на есен, а тоа е големата светска и домашна економска криза. Имаме подготвена наша експертска група, која ќе ја понудиме да биде дел од тој тим. Исто така, имаме уникатно решение за проблемот со администрацијата и функционалноста на државата. Со само два проекти, Јавни овластувања на приватниот сектор и Државен шалтер, работите од корен ќе се сменат за само една година. Имаме и идеи и луѓе за реализација. Знаеме што, знаеме како и со кого! Тоа е Македонски концепт, граѓанска платформа за промоција и реализација на иновативни решенија за реалните проблеми на граѓаните.

Што мислите за програмите на двете најголеми партии, дали сето тоа што го нудат во програмите е можно да се оствари, и дали актуелната корона криза која силно ја погоди економијата ќе дозволи и реално да се реализираат тие нивни планови? 

Богојески: Веќе истакнав дека сме соочени со небулозни и срамни политички ветувања. СДСМ ветува се она што можеше да го реализира и досега или се што реализира обратно и погрешно, сега ветува дека ќе го смени во сосема друга насока, како даночната политика, а ВМРО ДПМНЕ ветува скандал над скандалите, реиндустријализација или најава за третиот најголем грабеж во земјава. Два преживеавме, оној со приватизацијата и со груевизацијата, за третиот во најава не верувам дека ќе го преживееме. Затоа дадете ни шанса да ги спречиме неспособните економисти во земјава, полтрони на „големите политички лидери“ од двата блока да нè уништат економски и буквално да не доведат до питачки стап на есен. Сега е време за сериозни луѓе, компетентни луѓе, свои на своето место. Внимателно избирајте, зашто може да нема време за исправка во иднина.

Бидете искрен во одговорот на ова прашање. Доколку во идната Влада влезе и ДУИ која како главен услов го поставува изборот на Албанец за премиер, дали Вие со тоа ќе се согласите и ќе влезете во една таква влада? 

Богојески: Па тоа е најголемата глупост во овие избори. Секако дека наметнување на етнички клуч за донесување на кои било решенија е спротивно на нашата идеологија за европеизација на нашата земја. Тоа е смешно што го тврди ДУИ. Не е проблем да биде премиерот Албанец, за нас секој граѓанин може да биде премиер, без разлика на етничкиот идентитет кој го носи во себе, таков може да биде и кадар од Македонски концепт, не мора од ДУИ. Но, начинот на промоција на такво решение, обидот за наметнување на етнички, а не граѓански клуч, е целосно спротивно на нашите заложби и нема да биде подржано од нас.

Каков е Вашиот став кон Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија, дали било која идна Влада треба да си дозволи нивно „чепкање“ или е најдобро колку може да се унапредуваат? 

Богојески: Многу јасен, чист и едноставен. Сега сме во позиција да ја валоризираме загубата од Преспанскиот договор, се што значи реверзабилен процес во таа насока, ќе биде погубно за македонската државност. Сега е време за Европа, да седнеме на исто столче, на исто ниво со нашите соседи. Има време за се во историјата. Таа ние ја создаваме. Сите политичари кои Ви ветуваат поништување на двата договори, безочно Ве лажат. Многу лажат. Срамно лажат. Договорот со Бугарија е добра основа за реализација на нашата визија за оставинска постапка со нашите братучеди од Бугарија. Таму живеат повеќе од два милиони Македонци, имаме подеднакво право на нашето заедничко историско и културно наследство од нашите прадедовци. Тие со нивната еднострана рамковна позиција се прогласија себе си за единствени наследници, на се што е македонско. Е не ќе може така драги пријатели. И ние имаме право на наследство на сето она што тие тврдат дека е нивно. Ќе мора да спроведеме оставинска постапка и секој да си тргнеме по својот пат кон сонцето. Двата договори можеме да ги валоризираме во македонска насока, само треба да умееме како. Ние тоа го можеме. Знаеме како.

Што мислите за Вашите конкуренти од редот на помалите политички партии, кои, меѓу другото, бараат и ревизија на овие договори. Дали е тоа можно? 

Богојески: Тоа се пајтон партии на големите коалиции, создадени да го кажуваат она што нивните партиски шефови, Заев и Мицкоски не можат јавно да го кажат. Не им верувајте на партиите на овие избори. Верувајте на граѓаните. Верувајте на себе. Да останеме свои на своето, зашто каменот најмногу тежи на своето место. Не трчајте по глупости и лажни ветувања. Повторно ќе зажалите за тоа. Повторно ќе погрешите како во последниве 30 години. Доста е! Време е за разум и напредок, за јасна визија за иднината, која ние ја имаме и Ви ја нудиме.

Колку пратеници очекувате дека ќе добиете на претстојните парламентарни избори? 

Богојески: Ние ќе бидеме благодарни да имаме еден или сто и една илјада гласови. Граѓаните одлучуваат. Напоменавме дека со само три пратеници, сето ова кое Ви го зборувам е остварливо. Со повеќе и да не зборуваме. Очекуваме граѓаните да ја препознаат различноста во нас и да дадат голема поткрепа на сето ова што го работиме. Ако ни дадат доверба, започнуваме со реализација уште на 16 јули. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ПОЧИНА ЕДЕН ОД ОМИЛЕНИТЕ ПРОФЕСОРИ НА МАКЕДОНСКИТЕ АКТЕРИ ШТО СТУДИРАЛЕ ВО СОФИЈА, АЛЕКСАНДАР ИЛИЕВ: „За сите кои бевме дојдени од странство за да студираме во Софија, се грижеше како за свои деца“

ПОЧИНА ЕДЕН ОД ОМИЛЕНИТЕ ПРОФЕСОРИ НА МАКЕДОНСКИТЕ АКТЕРИ ШТО СТУДИРАЛЕ ВО СОФИЈА, АЛЕКСАНДАР ИЛИЕВ: „За сите кои бевме дојдени од странство за да студираме во Софија, се грижеше како за свои деца“

„ЗА РАЗЛИКА ОД МЕНЕ, ТИЕ ПРЕД ОЧИТЕ НА ЦЕЛА МАКЕДОНСКА ЈАВНОСТ ИЗЛЕГОА ВО АЛКОХОЛИЗИРАНА СОСТОЈБА“:Јакимовски му возврати на Муцунски заради неговиот коментар за малиот број гласови на Стевчо

„ЗА РАЗЛИКА ОД МЕНЕ, ТИЕ ПРЕД ОЧИТЕ НА ЦЕЛА МАКЕДОНСКА ЈАВНОСТ ИЗЛЕГОА ВО АЛКОХОЛИЗИРАНА СОСТОЈБА“:Јакимовски му возврати на Муцунски заради неговиот коментар за малиот број гласови на Стевчо

„НОЌЕВАЊЕ ВО ОХРИД ЗА ДВЕ ИЛЈАДИ ДИНАРИ“: Еве како српски „Б92“ им го претстави македонскиот бисер на Србите

„НОЌЕВАЊЕ ВО ОХРИД ЗА ДВЕ ИЛЈАДИ ДИНАРИ“: Еве како српски „Б92“ им го претстави македонскиот бисер на Србите

АНДРЕЈ ПЕТРОВ:Признаваме дека ВМРО ДПМНЕ направи подобар резултат

АНДРЕЈ ПЕТРОВ:Признаваме дека ВМРО ДПМНЕ направи подобар резултат

ОСМАНИ ПОБЕДИ ВО БЕРЛИН И МИНХЕН, ПЕНДАРОВСКИ ВО ВАШИНГТОН, А ТЕСНА БИТКА СЕ ВОДЕЛА МЕЃУ СИЛЈАНОВСКА И ВАНКОВСКА ВО ЉУБЉАНА: Како гласаше македонската дијаспора?

ОСМАНИ ПОБЕДИ ВО БЕРЛИН И МИНХЕН, ПЕНДАРОВСКИ ВО ВАШИНГТОН, А ТЕСНА БИТКА СЕ ВОДЕЛА МЕЃУ СИЛЈАНОВСКА И ВАНКОВСКА ВО ЉУБЉАНА: Како гласаше македонската дијаспора?

КАКВО ВРЕМЕ ЌЕ ИМАМЕ ВО МАЈ, ЈУНИ И ЈУЛИ?: Очекуваме за степен до два повисоки температури од вообичаените, но ќе растат условите и за временски непогоди

КАКВО ВРЕМЕ ЌЕ ИМАМЕ ВО МАЈ, ЈУНИ И ЈУЛИ?: Очекуваме за степен до два повисоки температури од вообичаените, но ќе растат условите и за временски непогоди

„СДСМ КО ЕДВАЈ ДА ЧЕКАШЕ ДА ИЗГУБИ“: Колозова во нејзин стил, вели нема кој да не вади од паланкава

„СДСМ КО ЕДВАЈ ДА ЧЕКАШЕ ДА ИЗГУБИ“: Колозова во нејзин стил, вели нема кој да не вади од паланкава

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Се сумираат резултатите од изборите, Силјановска со голема разлика пред Пендаровски

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Се сумираат резултатите од изборите, Силјановска со голема разлика пред Пендаровски

ХАЈРЕДИНИ: Што ќе се случи ако Македонците се обединат?

ХАЈРЕДИНИ: Што ќе се случи ако Македонците се обединат?