29 Март, 2024
0.0811

Интервју Јовановски: Ако не се реши аерозагадувањето ќе има и граѓанска непослушност

Објавено во: Интервјуа 28 Февруари, 2020

Добивај вести на Viber

Најавениот масовен протест против последиците од загадувањето на воздухот кој требаше да се одржи во Скопје и низ целиот Балкан поради стравот од ширење на корона вирусот е одложен, но заложбите на организаторите не застануваат. Младиот Горјан Јовановски кој со години се обидува преку неговата апликација Moj Воздух/Air Care преку податоци да го прикаже проблемот со загадениот воздух вели дека борбата продолжува и ако е потребно ќе води кон граѓански непослушност. За него најважно е да се задржи интегритетот на податоците кои ги покажуваат штетните честички во воздухот од кои годишно во Македонија умираат околу 3000 луѓе. За жал, состојбите бавно се менуваат, па институциите често го ставаат него и самата апликација на тапет, а слични предизвици има и во регионот каде е активна AirCare апликацијата. Јовановски вели дека треба да се искаже незадоволството, а овој проблем со оглед на тоа што изворите на загадување се слични може да се реши и со искуства од регионот.

Фактор: Требаше да се одржи првиот синхронизиран протест за спречување на последиците од загадениот воздух но, го одложивте поради опасноста од ширење на корона вирусот. Што планирате наместо протестот, и како овој проблем стана регионален, постои ли можност неговото решавање да се издигне на Балканско ниво?

Јовановски: До овој протест дојде кога еко организации од сите балкански држави сфативме дека се соочуваме со ист проблем на загадување и институционална незаинтересираност за решавање на проблем кој со децении споро убива голем број на наши сограѓани. По иницирање на белградската група „Не Давимо Београд“, се собравме здруженија од 5 земји каде што решивме во ист ден и ист час да има протест, за да покажеме дека сме сплотени во оваа борба.Верувам дека изворите на загадување се слични кај многу наши соседи, и треба заеднички да се седне на маса со нив за да се разгледа која држава што до сега има пробано од мерки. На тој начин може да се најде најефикасното решеније.

За жал, со појавата на корона вирусот во регионот, решивме протестот да го одложиме до крајот на епидемијата. Здравјето и заштитата на граѓаните за нас е на прво место, дури и од причинители што не се аерозагадување. Сепак, за да го одбележиме трудот на сите наши колеги од балканските земји што дадоа многу од себе за овој настан, денес во 18:00 часот ќе има специјално изненадување онлајн на ФБ страните на AirCare и Fridays for Future Skopje за сите оние што ја дадоа поддршката на овој настан, така да stay tuned.

Фактор: Петоците како да станаа резервирани за еколошки протести и собири за климатски промени и загадување на животната средина. Добива ли масовност еко движењето кај нас и кои би биле следни чекори во дејствувањето?

Јовановски: Еко движењето се зголемува секоја година сè повеќе и повеќе, и тоа искрено ме радува! Битно е да се покаже масивност, а доколку дојде до тоа, и граѓанска непослушност. Доколку надлежните ги игнорираат основните човекови права за чиста животна средина, тогаш и граѓаните може да го искажат своето незадоволство преку акти на непослушност. Мора да сфатиме дека луѓето на позиции не се богови или луѓе со супер моќ над нас. Тие се еднакви како нас, но располагаат со повеќе ресурси за решавање на ваков комплексен проблем, и доколку не ги искористуваат тие ресурси, тогаш не се погодни за нивното работно место.

Фактор: Што тебе лично те мотивира да преземеш акција и кои се препораките за граѓаните и компаниите, како да го намалат загадувањето?

Јовановски: Јас сум еко активист со години, и се грижам за иднината на нашата планета. Гледам како се топат глечери, се зголемува загадувањето и се шират болести. Скоро се ова е поради лоши човекови одлуки. Доколку сакаме да опстанеме како човечки род, тогаш мора да начуме да ги менуваме сопствените лоши навики.

Како граѓани, мора да излеземе еднаш засекогаш од нашата комфорт зона. Во Македонија, луѓе се зависни од своите автомобили, како да не постои градски превоз или велосипед. Да, не сме Амстердам на тема инфраструктура, но јас со години возам точак низ градот без поголеми проблеми.

За фирмите, посебно големите фабрики, имаат морална одговорност да се грижат повеќе за средината отколку за нивниот профит. Не смеат да дозволуваат алчноста да ја доведува животната средина и здравјето на граѓаните во прашање! Разбрав дека казните за непочитување на еколошките закони се минијатурни во споредба со нивните заработки, така што тоа мора веднаш да се ревидира, и тие казни мора да удрат силно по џебот на индустриите кои прават прекршоци!

Фактор: Една од твоите најголеми битки е да го прикажеш проблемот на загадувањето преку податоци. Како успеваш да го одржиш интегритетот на AirCare и зошто често си на тапет на институциите?

Јовановски: За жал на Балканот, не сме научени да примаме критики. AirCare е критика за секоја влада која не успева да се справи со загадувањето, и секако дека нема да им се допадне. Морам да признаам дека со текот на годините полека ни се подобрува соработката со институциите, и помалку ја гледаат апликацијата како закана. После 5 години ова конечно е состојбата во Македонија, но во Србија каде што ова ни е прва голема година, се гледаат истите постапки на тамошните институции како што беше тука пред 5 години.

Интегритетот е битен, зошто податоците се многу битни. Се придржуваме до европски стандарди за прикажување на податоците, и сме целосно транспарентни од каде се податоците, кога има, а кога нема информации. Верувам дека кога еден граѓанин е целосно информиран со квалитетни податоци, тој може да носи многу посовесни одлуки, и AirCare се стреми да го постигне баш тоа.

Фактор: Како функционира AirCare во останатите држави, има ли подобар пристап до податоци, кои искуства ги научи и што може да се понуди во македонската верзија на апликацијата?

Јовановски: AirCare веќе е достапна во 11 држави на 7 јазици, и немам план да престанам да ја ширам. Таа многу добро се вклопува со локалното население со помош на локални невладини организации, и иако секогаш има пречки од институциите, добро напредува.

Земји како Хрватска имаат многу стабилен и простран систем за мерење на загадувачи, со голем број на станици. Сите треба да се стремиме да имаме слични системи! Косово, Босна и Црна Гора имаат до сега најслаб систем кој е доста фрактуриран низ различни институции, и иако успеваме да пристапиме до нивните податоци, тоа е со големи маки. Најниско би ја ставил Албанија, каде што иако имаат мерни станици, податоците не ги објавуваат - така бевме известени директно од нивните институции. Од целиот регион, само тие не ги даваат податоците за загадувањето, што е многу лош пример за како не треба да изгледа едно отворено општество базнирано на податоци.

Најновото нешто е мапирање на локали во кои се или не се пуши во Македонија со помош на податоци од граѓани. Со ова сакаме да ставиме притисок врз локалите да ги почитуваат законите, да се грижат за здравјето на нивните гости, и институциите да прават вистински контроли на овие места.

Х.С.