19 Декември, 2025
0.2838

ПОЧИНА АРХИТЕКТКАТА КРЕАТОР НА ЕДНИ ОД НАЈПОЗНАТИТЕ ХОТЕЛИ ВО МАКЕДОНИЈА: Викторија Поп-Стефанија беше позната по своите дела

Објавено во: Македонија 21 Февруари, 2025 10:38

Добивај вести на Viber

Вчера почина Викторија Поп-Стефанија, бележит архитект со импозантен опус од околу триста проекти и студии. Добитник е на бројни признанија, меѓу кои „Борбина плакета“ за хотел „Метропол“ во Охрид во 1975 година; „Специјално признание на БИМАС“ за реконструкција и ревитализација на „Рибен ресторан“ во Охрид во 1979 година и „Специјално признаниена БИМАС“ за ентериерното решение на хотелот „Молика“ на Пелистер, Битола во 1995 година.

Како што соопшти нејзиното семејство, Викторија Поп-Стефанија ќе биде погребана денеска, петок, 21 февруари, во 12 часот, на градските гробишта во Охрид. 

Викторија Поп-Стефанија (13 јули 1945 година – 20 февруари 2025 година) е родена во Охрид, во семејство со богата творечка традиција. Матурира во охридската гимназијата „Свети Климент Охридски“ во 1964 година. Студирала на Архитектонскиот факултет во Белград, а потоа и во Скопје, каде што дипломира во 1969 година на тема: „Духовниот и културен центар Свети Климент Охридски на Плаошник во Охрид“, кај проф. Борис Чипан.

Целиот опус на Викторија Поп-Стефанија е обележан од автентичен контемплативен однос кон православниот христијански светоглед. Таа е творец на просторни креации за обликување и воздигнување на храмовите: „Св. Димитриј Солунски“ и „Св. Григориј Палама“ во Струмица; „Св. Прохор Пчински“ во Мелбурн, Австралија;  „Св. Богородица“ во Демир Хисар и др. 

Покрај примарниот интерес за архитектонско проектирање, своето професионално знаење и искуство Викторија Поп-Стефанија го преточува и во две капитални теоретски студии „Логосот во архитектурата“ и „Обликот на храмот“ во кои таа, поаѓајќи од својот творечки опит, нуди промислување на архитектонските феномени со есеистички јазик. 

Според академик Георги Старделов: „Делото „Обликот на храмот“ од нашиот виден архитект, Викторија Поп-Стефанија - како продолжување на нејзината претходна книга „Логосот во архитектурата“ - е оригинално замислено, длабокоумно обмислено и вдаховено напишано. По својот широк содржински зафат (продлабочена егзегеза на Светото писмо) и долгиот временски опфат (проследување на историјата на облиците на храмот од создавањето на Стариот завет и, милениуми потем, од Новиот завет до денес), „Обликот на храмот“ на Викторија Поп-Стефанија претставува прво такво дело во историјата на македонската култура. Тоа се гради и воздигнува врз столбовите на боговдахновените содржини на Светото писмо: Светот е создан како Божји храм, Божјиот храм како светот.“

Проф. д-р Иван Додовски за ова книга истакнува: „Има многу дела во кои се истражува христијанската архитектура во Македонија и во поширокиот регион, но книгата на Викторија Поп-Стефанија „Обликот на храмот“ е редок пример на промислување на архитектонските феномени со еден богословски поглед, со ерудиција и критичност, со способност за трансисториска синтеза. Тоа ја прави оваа студија уникатна, но и незаобиколна за секој што сака да проникне во тајните и во наследството на православната византиско-словенска култура.“

Интересот на Викторија Поп-Стефанија беше свртен кон важните прашања на слободата во творештвото и односот кон традицијата. Таа особено компетентно го илустрира тоа во нејзината трета студија „Охридската урбана иконографија“, која претстои да се објави.  Во овап оследно нејзино дело таа го анализира процесот на создавање на сликата на градот според универзалните и првообразни вредности, откривајќи ја логосната димензија на историското јадро на вечниот град Охрид.

Во рецензијата за ова дело, проф. д-р Елизабета Шелева вели: „Охридска урбана иконографија е автентично замислен и слоевит херменевтички труд, кој хронолошки ја истражува и типолошки ја опишува идиосинкратичната магија на градот, изворно граден според парадигматичниот урбан модел на империјалната престолнина Константинопол, иако, подоцна, стана популарен и познат како (словенски) Ерусалим или Ерусалим на Балканот ...   Во време (епоха), кога нашироко се манифестира (та дури и свесно се стимулира) нарцизмот и егзибиционизмот, една авторка, каква што е  Викторија Поп-Стефанија - се „дрзнува“ да глаголи на сосема инаков начин, за да нé потсети на аскетско-мистичниот опит на архитектот и архитектурата, односно, на спиритуалната предодреденост и мисија, својствена на архитектонскиот пристап, што денес, за жал, најмалку се вреднува, а одвај и да се дозволува!“.


Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Полицијата го уапси Бујар Дардишта, поранешен директор на Управата за водење на матични книги

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Полицијата го уапси Бујар Дардишта, поранешен директор на Управата за водење на матични книги

Тошковски објасни во кои случаи полицијата ќе одзема возило

Тошковски објасни во кои случаи полицијата ќе одзема возило

Младите на 9 години почнуваат да пушат цигари?

Младите на 9 години почнуваат да пушат цигари?

Toшковски откри кога „Безбеден град“ ќе се спроведе на целата територија на Македонија

Toшковски откри кога „Безбеден град“ ќе се спроведе на целата територија на Македонија

Орце Ѓорѓиевски: Со едногласна одлука, реизбран сум за претседател на ЗЕЛС

Орце Ѓорѓиевски: Со едногласна одлука, реизбран сум за претседател на ЗЕЛС

ИЈЗ: Кога квалитетот на воздухот е лош – заштитете го вашето здравје!

ИЈЗ: Кога квалитетот на воздухот е лош – заштитете го вашето здравје!

СДСМ ИЗГУБИ НА СУД ОД МИЦКОСКИ: Апелација пресуди дека изнесувале невистини и клевети против него

СДСМ ИЗГУБИ НА СУД ОД МИЦКОСКИ: Апелација пресуди дека изнесувале невистини и клевети против него

ПОВЕЌЕТО ОД ОСУДЕНИТЕ ЗА 27 АПРИЛ, ДОБИЛЕ УСЛОВЕН ОТПУСТ: Издржале повеќе од две третини од казните

ПОВЕЌЕТО ОД ОСУДЕНИТЕ ЗА 27 АПРИЛ, ДОБИЛЕ УСЛОВЕН ОТПУСТ: Издржале повеќе од две третини од казните

Европското знаење го применува дома: Милијана Богданоска праќа големи пораки преку еко начинот на живот

Европското знаење го применува дома: Милијана Богданоска праќа големи пораки преку еко начинот на живот