19 Март, 2025
0.0298

Минхен 2024 – Минхен 2007

Објавено во: Колумни 17 Февруари, 2025 08:19

Добивај вести на Viber

Денес и утре ќе има два настана од кои треба да дадат појасна слика што ќе се случува во Европа и потесно со Украина. Францускиот претседател, Емануел Макрон ја покани кај него на гости да дојде европската елита. На дневен ред е Украина во светлото на разговорот на американскиот и рускиот претседател, Доналд Трамп и Владимир Путин, но и она што можеше да се чуе на Минхенската конференција за безбедност одржана кон крајот на минатата недела. Очигледно Макрон сака да биде нов лидер. Во отсуство на вистински лидер на ЕУ, во момент кога германскиот канцелар, Олф Шолц, е на заминување од политиката, а се’ друго се политичари кои Путин ги нарече „кученца, кои ќе мафтаат со опашките, кога ќе застанат пред газдата“. Мислејќи на Трамп. Кого во Минхен го најавија како „нов шериф во градот“. Вториот настан е најавена средба на американски и руски дипломати и експерти околу Украина, но и подготовката на средбата на Трамп И Путин.

Пред девет години на овие страници го објавив текстот „„Студените војни“ на Черчил и Путин!“ Едниот повод беше 70 годишнината од прочуената Фултонска реч на Черчил од 1946 година, кога беше ставен темелот на „Студената војна“. Вториот повод беше речта на Владимир Путин на Минхенската конференција за безбедност во 2007 година, која некои на Западот ја нарекоа најава за нова „Студена војна“. Настапот на Путин беше сензација. Рускиот лидер директно и жестоко ја претстави својата позиција околу клучните прашања за вкупната безбедност  во светот. Мотото наКонференцијата за безбедност, во 2007 година беше: „Глобални кризи - глобална одговорност“. Путин внимателно се подготвувал за оваа конференција. Тоа се виде и од содржината на неговото обраќање, но и од реакциите на присутните и одгласите во целиот свет. Тој уште на почетокот на излагањето најави дека ќе ја избегне одвишната љубезност, која повеќе приличи на дипломатите, отколку на таков собир.

Рускиот претседател почна со актуелноста на зборовите на Франклин Рузвелт дека „каде и да се наруши мирот, светот насекаде е во опасност и под закана“. Тој нагласи дека само пред две десетлетја светот бил идеолошки и економски поделен, а неговата безбедност ја осигурувале големите стратешки потенцијали на две суперсили. Но, по крајот на „Студената војна“ имало обиди за создавање на „еднополарен свет“, но и тој не загосподарил. Путин, поставувајќи прашање: „Што е еднополарен свет“ одговори: „Колку и да го украсуваме тој термин, тој во практиката значи – еден центар на власт, еден центар на сила, еден центар за носење решенија. Тоа е свет на еден господар, на еден суверен. И во крајна линија е погубен не само за сите што се наоѓаат во рамките на тој систем, туку и за самиот суверен, затоа што го разурнува него однатре. И тоа нема ништо заедничко со демократијата. Зашто демократијата е владеење на мнозинството со почитување на интересите и мислењата на малцинството. „Нас,  Русија,  постојано не’ учат на демократија. Но тие што не’ учат, сами, како да не сакаат многу да учат, рече Путин. За него не е прифатлив еднополарниот свет и не е можен. Тој смета дека дискусиите за она што се случува во светот, се последица токму на обидите за вградување на таа концепција во светските работи – концепцијата за еднополарен свет. 

ЕДНОСТРАНИ ДЕЈСТВА

И тука Путин почна со напад на таквите обиди. Најмногу критики беа на адреса на САД. На проширувањето на НАТО. „Мислам дека е очигледно дека процесот на проширување на НАТО нема никаква врска со модернизацијата на самата алијанса или со обезбедувањето безбедност во Европа. Напротив, тоа е сериозно провоцирачки фактор кој го намалува нивото на меѓусебна доверба. И ние имаме праведно право искрено да прашаме: против кого е оваа експанзија?“, рече тој. Едностраните, често нелегитимни дејства не решиле ниту еден проблем истакна Путин. Напротив, тие станаа генератор на нови човечки трагедии и јадра на напнатост. Нема помалку локални и регионални војни. И се’ повеќе луѓе гинат во тие војни. Не се почитува меѓународното право, рече тој и додаде дека , пред се’, САД ги пречекориле сите  норми на однесување. А тоа некому не му се допаѓа. И никој не се чувствува безбеден. Хипертрофија во примената на воена сила во меѓународните односи, одење од конфликт во конфликт. „Го гледаме пренебрегнувањето на основните принципи на меѓународното право. А правото на САД ги пречекори своите национални граници во секој поглед и се наметнува врз други држави“, рече Путин и повика сериозно да се размисли за целата архитектура на глобалната безбедност. Тој ги спомна и обидите на Западот преку НВО, финансирани од него, конкретно го спомна ОБСЕ, да се меша во внатрешните работи на други земји. Да им се наметнува на тие држави, како треба да живеат и да се развиваат.

Завршувајќи го своето излагање тој нагласи дека често слуша повици кон Русија од странските партнери,особено европски, таа да игра повеќе и поактивна улога во светските работи. Неговиот одговор на ова е:„ Нема потреба да не поттикнуваат или да не стимулираат кон тоа. Русија е земја со над илјада годишна историја и практично секогаш таа ја користеше привилегијата да спроведува независна надворешна политика“.

Западот беше вџашен од зборовите на Путин, но не одговори никако на неговата загриженост од тогашните состојби. И работите продолжуваа по старо. НАТО се прошируваше, САД го зацврстуваа својот хегемонизам, војни, интервенции без одобрување на ОН. Но и Русија веќе во 2008 година одговори на воената на провокацијата, подготвена од страна на грузискиот претседател, Михаил Саакашвили, по што дојде до отцепување на две грузински автономии од државата. Во меѓувреме во Украина дојде до уривање на власта на Виктор Јанукович, поддржана од САД, па до воени дејства во Донбас, со руска помош на проруските сили, па анексија на Крим од страна на Русија, па неспроведување на Минските договори, со саботирање од страна на Украина, Германија и Франција, како гаранти на договорот. Врв на се беше игнорирањето на САД и НАТО на барањето на Русија да се разговара за нејзината безбедност, по што дојде до агресија врз Украина. Војната трае веќе три години. 

ЕВРОПСКИ КОШМАРЕН СОН

Ако Минхенската конференција за безбедност во 2007 година од Западот беше означена како нова „Студена војна“, минатонеделната не помалку ги вознемири и ги вџаши Европјаните. Сегашниот „виновник“ за тоа е потпретседателот на САД, Џеј ди Венс. Раководителот на Конференцијата Кристоф Хојсген, смета дека форумот годинава, во некоја смисла, стана „европски кошмарен сон“. Минативе денови беше многу пишувано за се’ она што кажа Венс или другите американски претставници на геополитички план во Минхен, од што Европјаните како да беа пикнати во глувчешка дупка. Најглавното од Венс. Во прв ред, тој реско ја критикуваше политиката на ЕУ и на одделни земји. Поодделно, на пример, за поништувањето на изборите во Романија, нарекувајќи го „оттргнување од демократијата“. „Кога европски судови укинуваат изборни резултати, тогаш прашуваме, сепак, какви се тие стандарди?, рече Венс.

Тој ја обвини Европа во нарушувањето на слободата на говорот. Дека отстапила од „нашите заеднички вредности“. „Ако САД можеа да ги преживеат годините со зборовите на Грета Тунберг, тогаш и Европа ќе го потрпи Илон Маск пар месеци“, рече Венс. „Демократијата се заснова на принципот дека гласовите на луѓето мора да се слушнат и не треба да се замолчуваат“, нагласи Венс. Тој, исто така, изјави дека главни закани за Европа не се Русија и Кина, туку проблемите се внатре во самата ЕУ. Венс не им остана должен и на организаторите на Конференцијата. Поради забраната на неа да учествуваат претставници на крајната десница и левица. Венс додаде дека е подготвен да патува во Москва на преговори за Украина. И изрази увереност дека САД можат да стават крај на војната, додавајќи дека со Русија треба да има договор за завршување на војната. Ја спомна и миграцијата, главен проблем на САД и Европа, како продукт на политички решенија.

Настапот на украинскиот претседател, Владимир Зеленски, во Минхен, беше крајно конфронтационен во однос на Доналд Трамп. Тој бараше од него да не преговара со Путин, се’ додека не ја усогласи заедничката позиција со Украина и Европа. Го обвини Трамп дека ниту еднаш не чул од него дека и Европа треба да биде на столот за преговори. Тој се сомнева дека Европа и е потребна на Америка како сојузник и се надева на европска армија во која би биле и воените сили на Украина. Ако кон ова се додаде и судирот на Зеленски околу договорот што го понуди Трамп за минералните суровини, тогаш се чини Зеленски во целост не се согласува со агендата на Трамп, за брз мир врз основа на компромис со Путин, за минералните суровини, за односите со Европа...На ваквиот однос Зеленски беше поттикнуван од некои западни политичари, поддржувачи на војната, уште по телефонскиот разговор на Трамп со Путин. И веројатно смета дека заедно со Европа ќе може да го натера Трамп да ги засили украинските интереси на преговори.

ДО МИР СО ДИЈАЛОГ

Ваквиот однос е ризичен. Прво не се знае каква ќе биде реакцијата на Трамп и дали тој може да предизвика обратен ефект. Се’ до забрана на испорака на американско оружје од страна на САД. Иако, пак, Трамп изјавува дека Европа може да купува оружје од САД за Украина. Што оди во прилог на Американците. Не е јасна ни позицијата на Европа. Односите со САД сега стануваат се понапнати. Дали тие можат сега да се кавгаат и со САД и со Русија? Или, пак ќе сакаат да покажат некакви намери кон Кина? За да имаат некоја економска полза. Па и односи со Русија, економски, на пример, за добивање поевтин гас? Секако ова е далеку од реалноста. Но како и да е, без Америка, ниту Европа, а уште помалку Украина ќе можат да се спротивстават на Русија. Што во крајна линија ќе се одрази  врз судбината на Украина. Некои медиуми во Украина го потсетуваат Зеленски на неговиот настап во Минхен во 2022 година, кога исто така беше категоричен, по што дојде руската агресија. Зеленски тогаш бил убедуван од видни политичари, меѓу кои и канцеларот Олаф Шолц во својата реч да се откаже од влегување во НАТО, со што сметале дека не би дошло до војна. Но Зеленски, не само што не се откажал од влегување во НАТО, туку ја спомнал можноста за враќање на нуклеарно оружје во Ураина. Што Путин вешто го искористил, како еден од мотивите за агресија.

Учеството на руски официјални лица на Конференцијата е „замрзнато“. Сепак, некогашниот претседател на политичката партија „Јаболко“, Григориј Јавлински, бил официјално поканет, но поради обврски не можел да дојде во Минхен. Сепак тој испрати свое излагање до Конференцијата, кое заслужува внимание. Во прв ред тој ги нарекува реакциите на западни медиуми и политичари, на разговорот меѓу Трамп и Путин, хистерични, кои за жал сведочат за нивниот популизам и неодговорност, наместо да го поздрават контактот на двата претседатела, кој е почеток на формирање на некаква конструкција за преговори меѓу САД, Европа, заедно со Русија и Украина. Нагласувајќи дека последниве години на Минхенската конференција за безбедност се носеле решенија во духот на постигнување на мир со сила, тој истакнува дека во 21. век таквите решенија се погубни. И предлага главниот политички принцип да биде постигнување мир со дијалог, наместо со сила.

Неговиот т.н. Минхенски план за Украина има три точки. Прво договор на двете страни, Русија и Украина, за прекин на огнот со давање стимул на обете страни да го почитуваат режимот на прекин на огнот, па договор за размена на воени заробеници, „сите за сите’, и прв проект за создавање на демилитаризирана зона со јасни граници, имајќи предвид дека сега должината на фронтот реално е околу 2.200 километри. Второ, гаранции за повоена безбедност на Русија и на Украина и трето, нова концепција и мерки за стабилизација на руско-западните односи. Јавлински предупредува дека: „Доколку во текот на еден месец по Конференцијата, со учество на САД и водечки европски земји, не се формулира таков план за прекин на воените дејства меѓу Русија и Украина тогаш тоа ќе биде  огромен пропуст.

ЛЕКОТ ДА НЕ ГО УБИЕ ПАЦИЕНТОТ

Многу поскептик кон иднината на Украина е поранешниот литвански министер за надворешни работи Габриелус Ландсбергис. По завршувањето на Минхенеската конференција тој напиша:„„Ја напуштам Минхенската безбедносна конференција во депресивно расположение. И, иако сум согласен со тоа, дека изјавите на американскиот потпретседател Венс беа неопходен лек за летаргичната Европа, само се молам лекот да не го убие пациентот“. Главните заклучоци што Ландсбергис ги извлече од изјавите на претставниците на американската администрација на конференцијата се следните: Прво, „Украина повеќе не може да смета на американска помош. Американскиот претседател сака договор, и тој го сака тоа брзо. Брзите зделки го чинат купувачот повеќе, но САД не сакаат да ја платат сметката. Така на крајот Украина ќе ја плати цената“. Второ, „САД повеќе не се среќни да бидат главниот гарант за безбедноста во Европа. Се зборува за делумно повлекување на војниците“ и трето, „Украина повеќе не може да смета на помошта од САД’.

Ландсбергис, исто така, даде свое предвидување за понатамошниот тек на настаните: "Постои голема веројатност дека средбата меѓу Путин и Трамп ќе заврши со договор. Путин е во позиција да бара сè. Тој може да бара избори, окупирани територии и украинска неутралност. Сите овие идеи се веќе искажани. Ако Трамп се согласи, што е сосема можно, Путин ќе ја прогласи својата целосна победа". Следно, рече тој, Трамп „ќе го фрли овој договор пред вратата на Европа и ќе каже, земете го или оставете го. И тогаш Европа мора сама да одлучи дали да застане во одбрана на Украина и да го поддржи нејзиното откажување од зделка“, обезбедувајќи помош и поддршка за продолжување на војната. Покрај тоа, според Ландсбергис, може да се зголеми и улогата на Кина во европските прашања. Што само би ги усложнило работите. Па за да се избегне такво сценарио во Европа, смета Ландсбергис, мора да се појави „водач со одлучност на Черчил“. 

Кој може да биде европски Черчил? Реално, во моментов, никој. Германија е пред избори. Додека таму состават нова влада ќе поминат неколку месеци. А на Трамп му се брза. И како тогаш да се заземе заеднички став околу намерите на американскиот претседател? Макрон? Тој дома нема доверба, па да не зборуваме за Европа. Кир Стармер? Велика Британија е традиционално најголемиот непријател на Русија. И секако, заедно со САД на Џо Бајден, беа најголемите поттикнувачи на војната во Украина. Па дури и противници на договорот од Истанбул, со кој војната ќе завршеше во април, мај 2022 година. Стармер не му е ни до глуждот на Черчил. Доналд Туск ја завршува листата на мажите кои би можеле да бидат Черчил. Но, Полска има лошо историско минато со Русија, па сигурно не би сакала да биде водач на европската фаланга. И тука завршува списокот на можните черчиловци. Остануваат лидерите на некои други земји, кои никој не ги знае, или пак се лидери на земји, еден вид американски протекторати. И тешко дека би му се спротивставиле на Трамп во неговите намери. Од жените, тука е премиерката на Италија, Карла Мелони. Може ли таа да го глуми Черчил? Или пак Урсула фон дер Лајен? А што може да се каже за Виктор Орбан, пуленот на Трамп или за Роберт Фицо?

„ВОЕНА ПАРТИЈА“

Европа прво треба да се обиде да биде единствена. Но таа денес е поделена внатре, во Унијата, а да не зборуваме и во поглед на Украина. Денес во Париз ќе дебатираат. Каква одлука да донесе Европа, таа ќе влезе во уште голема криза. Доколку Америка се откаже од поддршка на Украина, а има најави и за повлекување на војски од Европа, тогаш земјите членки на ЕУ и Британија ќе треба да направат огромни дупки во своите буџети. Секако ако се договорат за поддршката. Итниот собир денес во Париз, свикан од Макрон, кој е еден од главните претставници на западната „воена партија“, повеќе може да се смета за демонстрирање на поддршка на Украина. Тој ќе биде како дување ветер во грбот на украинскиот претседател Зеленски. Можеби да го поттикнат да ја продолжи војната и да се откаже од понудата на САД.

Многу важно ќе биде кој се’ ќе дојде на собирот во Париз. Не помалку важни ќе бидат резултатите од него. Но доколку тој заврши без конкретни резултати или на него отсуствуваат некои земји, тогаш тоа ќе биде знак за Украина и посебно за Зеленски, да ги прифати понудите на Трамп. А тоа значи, САД и Русија се договараат, па ако се договорат ја повикуваат Украина на преговори. Во меѓувреме Европјаните треба да одговорат на американскиот прашалник, по што и тие би биле викнати на преговорите.

Се’ ова погоре се можни варијанти за учесници, поединци, земји, резултати, околу иднината на војната во Украина. Но реалноста е сосема поинаква. Нити Русија, ниту Украина не се за прекин на огнот, барем во официјалните изјави. И Обете сакаат траен мир, ама да биде праведен. А тоа во услови кога има стотици илјади жртви на обете страни тешко може да се оствари.  Трамп зборуваше за мир за 24 часа, па беа спомнувани 100 денови,а сега државниот секретар Марко Рубио зборува за 180 денови. Во Кореја во подготовките за потпишување примирје, без мировен договор се одржале 159 средби во текот на две години. Договорт не е потпишан до ден денес.

Затоа треба малку да се олабави целата оваа работа. Убаво вели Јавлински, до мир со дијалог. Не со сила, ни од страна на САД, ниту од „европската воена партија“. Туку веднаш да се пристапи кон прекин на огнот, а потоа да се преговара, иако тоа не го сакаат ни Русија, ни Украина. Од она што го манифестира Трамп се гледа дека тој е себичен, дури и кога зборува во името на Америка.  Тој сака слава, сака Нобелова награда.  Понекогаш е и коцкар, а секој коцкар е и блефер. Доволен е примерот со Мексико и Канада. Веднаш ги повлече санкциите, откако ја постигна целта. Но со Путин тешко дека ќе може да игра, како со овие две држави. И тој може да блефира. Влоговите да бидат големи. Се’ до употреба на нуклеарно оружје. А таквиот резултат од играта  никој не го сака.

Простор за оптимизам нема и покрај упорноста на Американците. Да видиме што ќе се случи во Саудиска Арабија. Но, во крајна линија, последната Минхенска конференција за безбедност ќе остане запаметена по американската словесна инвазија врз Европјаните. Не е најава на нова „студена војна“, ниту пак „жешка“. Ќе остане запамтена по „плачот“ не европските политичари до кои ги доведоа Американците. А и реалниот на домаќинот Хојсен на крајот од Конференцијата. Сите тие се почуствуваа како напуштени љубовници. Еднаш очарани, а сега разочарани.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Почнува одбројувањето за мир во Украина

Почнува одбројувањето за мир во Украина