24 Април, 2024
0.0375

Интервју Каевски: Како млади политичари настојуваме на дијалог на повисоко ниво

Објавено во: Интервјуа 17 Јуни, 2019

Добивај вести на Viber

Гласот на младите и нивните заложби донесоа големи промени во македонското општество благодарение на повеќе автономни движења кои се побунија против лоши политики. Во тек е носење на нов Закон за младинско учество во кој придонес имаат повеќе младински организации, како и подмладоците на партиите. Власта започна да го реализира и најголемиот проект кој го ветуваше пред изборите со европската младинска картичка, а веќе функционира и Законот за високото образование кој треба да гарантира автономија на универзитетите и независно студентско организирање и раководство. Сите политики кои ги води Агенцијата за млади и спортво последниот период се актуелни и поради европската титула на Вардар која донесе прослава кај дел од навивачите со говор на омраза, додека пак политичките елити се обидоа да освојат свои поени по ефуријата која го зафати македонскиот народ. За сите актуелни теми и предизвици за младите разговараме подетално со Дарко Каевски директор на Агенцијата за млади, но воедно и претседател на Социјалдемократската младина при СДСМ.

Фактор: Може ли да ни објасните подобро што значи „Европска младинска картичка“, кои се главните бенефиции за нејзините корисници и какви се платежни услуги планирате да воведете. Колку ќе чини овој проект на годишно ниво и дали корисниците ќе треба нешто да платат како надомест?

Каевски: Европската младинска картичка е алатка преку која се овозможуваат попусти и поволности за младите луѓе од 15 до 29 години, во разни области од нивното секојдневие. Картичката опфаќа повеќе категории и тоа: култура, спорт, угостителство, едукативни центри, обуки за стручни вештини, транспорт и останати, преку кои најпрвин финансиски се олеснува секојдневието на младиот човек, а дополнително се отвораат можности за информираност, поврзаност и мобилност.

Во буџетот на Агенција за млади и спорт, за овој проект годинава имаме предвидено 4 милиони денари, кои се наменети за реализација, издавање и дистрибуција на картичките, а во делот на трошоци за промоција имаме поддршка од партнерите во проектот. Во секој случај, најголем дел од трошоците за овој проект ги покриваат компаниите, преку попустот што го обезбедуваат за младите, со што тие директно вложуваат средства преку кои се овозможува успешна реализација на проектот.

Европската младинска картичка е бесплатна и секој млад човек на возраст од 15 до 29 години може да аплицира и да биде корисник на истата. Апликацијата се врши преку веб страната: www.mladinskakarticka.mk

Фактор: Прославите на втората европска шампионска титула на Вардар предизвикаа поларизација на јавноста, партиите го искористија моментот за лов на евтини политички поени, а дел од навивачите скандираа националистички и шовинистички пароли полни со говор на омраза. Од друга страна пак, ракометарите се покажаа како вистински херои и ја направија нацијата горда. Затоа ова прашање има два аспекта, како АМС придонесува во намалување на вандализмот и омразата кај навивачките групи, а од друга страна што правите за долгорочна поддршка на развојот на македонскиот спорт?

Каевски: Спортот обединува и не познава бариери на различности, токму затоа како институција се залагаме за промоција на овој концепт помеѓу спортистите и навивачките групи, но и генерално помеѓу сите граѓанина нашата држава. За ова имаме одлична поддршка од страна на Националните федерации и спортските клубови, за да покажеме еден нов сегмент на заедништво и да создадеме една нова култура на меѓусебно почитување и промовирање на вистинските вредности во спортот.

Ние постојано работиме на искоренување на сегментите на говор на омраза и вандализмот кај навивачките групи, за таа цел изработивме кампања со кратки видеа, која беше промовирана кон крајот на мината година. Дополнително преку тековни активности кои вклучуваат едукација и соработка со засегнатите страни работиме на намалување на негативните појави и промоција науспехот и квалитетот во македонскиот спорт. Агенција за млади и спорт се залага за развој на спортот и поддршка на спортистите и спортските клубови, а преку бројните мерки кои ги спороведуваме директно ја поддржуваме работата на клубовите и овозможуваме нивен развој и напредок.

Фактор: АМС во минатото беше носител на неколку големи проекти, дел од нив беа и оценети како контроверзни од јавноста. Успеавте ли досега да направите ревизија на сите спорни средства, имало ли злоупотреби во изградбата на спортските игралишта, на кого се давале пари и врз кои основи и постојат ли истраги за овие предмети, ќе видиме ли епилог пред лицето на правдата?

Каевски: Веднаш по моето назначување на позицијата директор на Агенција за млади и спорт, пристапив кон детална анализа на документацијата и сите предмети кои беа спорни беа предадени на надлежните институции на увид, а нивна должност е да се произнесат по истите. Секој предметили проект кој бил реализиран спротивно на законите, треба соодветно да биде санкциониран.

Во тек е изработка на новиот Закон за младинско учество и младински политики. До каде е процедура, дали сите засегнати страни учествуваат во дебатата и дали ќе бидат прифатени сите забелешки на младинските организации. Која е главната цел на новиот закон, што треба да се постигне со него?

Каевски: За прв пат во нашата држава се носи Закон за младинско учество и младински политики, на еден ваков начин, каде со вклученост на сите засегнати страни од почеток до крај, се креира предлог текст на законското решение. Овој процес започна пред година и 6 месеци, каде од страна на Клубот за младински прашања и политики при Собранието на РСМ имаше иницијатива за формирање на работна група, која ќе креира предлог текст за законот. Работната група што се формираше ја сочинуваат: пратеници од Клубот за младински прашања и политики, претставници на инситуциите, претставници на младинските организации и политичките подмладоци. На овој начин со вклученост на сите засегнати страни,преку широка дебата и дискусија од страна на работната група се креираше предлог текст на законот. Во моментот таквиот предлог текст се презентира на регионални консултативни средби со млади, каде што се запознаваат младите со целиот процес и содржината на законот, а дополнително тие имаат можност да достават коментари, сугестии и забелешки во однос на текстот, со цел да креираме законско решение кое ќе биде од интерес на сите млади. По завршување на консултативните средби сите забелешки ќе бидат разгледани и од она што го имаме како инпут до сега, можам слободно да кажам дека во голем дел ќе бидат прифатени, затоа што се конструктивни забелешки во насока на подобрување на предлог моделите или формулирањето на одредени делови во текстот.

Со овој закон ќе се создадат механизми за директно учество на младите во процесот на донесување одлуки и ќе се гарантира вклученоста на младите во креирањето политики. Законот ќе ги уреди формите на маладинско организирање и младинското учество на национално и локално ниво, сервисите и политиките за млади,

Фактор: Национално претставничко тело на млади е категорија која е дел од предлог законското решение, а истото е предвидено да се финансира од Буџетот на Р.С.Македонија. Што ќе значи тоа за независноста на едно вакво значајно тело од државни интервенции и притисоци од владејачката партија?

Каевски: Националното претставничко тело ќе биде финансирано од страна на Буџетот, само во делот на опретивните трошоци за негово непречено функционирање. Во однос на неговата работа и надлежности нема да има никаква можност за влијание од страна на било која Влада и телото ќе работи независно и во интерес на младите. Идејата за формирање на вакво тело, доаѓа по предлог од младинските организации и целта е да се создаде тело кое ќе ги претставуваи застапува интересите на младите.

Фактор: Дали младинските организации на политичките партии воспоставија монопол врз процесот на претставување на ставовите на младите и застапување на интересите при носењето одлуки на институционално ниво. Речиси секогаш изборите за студентски лидер се прашање на живот или смрт, а и во автономните младински движења видовме личности кои направија политички и партиски кариери. Поделеноста во општеството, зависноста од партиите како агенции за вработување штом се освои власта и слепото следење на партиските директиви се еден од најголемите проблеми во македонското општество, а со тоа и високиот степен на иселување на младите кои не се пронаоѓаат во партиските штабови, лепењето плакати и селење од митинг на митинг. Што направивте и што ќе направите за промена на овие состојби и гледате ли сооучество и од ваша страна како предводник на СДММ?

Каевски: Како Социјалдемократска младина на Македонија секогаш работиме во интерес на младите и се трудиме постојано да бидеме коректив на мерките и политиките кои се носат од страна на институциите, наместо слепо следење на партиските директиви. Активно ги промовираме нашите предлози и мерки за креирање успешни политики за младите и важни ни се интересите и размислувањата на секој млад човек, не само на нашите членови. Токму затоа организираме трибини и настани на кои се поканети сите млади луѓе, со цел отворено да разговараме за перспективите на младиот човек и очекувањата на младите од институциите. Постојат голем број на млади кои не сакаат да бидат дел од организирано делување, но сепак можат да дадат свој придонес и да ги споделат своите размислувања во однос на актуелните политики за млади. Во таа насока и креирањето на Законот за младинско учество и младински политики, каде како подмладок активно учествуваме, овозможува вклученост на младите кои не се дел од организации и го дефинира терминот неформална група на млади. Од друга страна при креирањето на локалните младински совети, на локално ниво се овозможува младите сами да ги изберат своите претставници, без влијание на политичките партии или претставниците на општините.

Со новиот Закон за високо образование се гарантира независноста во студентското организирање, што беше една од нашите заложби уште пред доаѓањето на партијата на власт. На овој начин успеваме да ги имплементираме нашите заложби за младите преку институциите и како претседател на СДММ ќе настојувам да продолжиме во таа насока, за креирање на квалитетни политики за млади. Во сето ова настапуваме заеднички и важна ни е вклученоста на секој млад човек. Активно соработуваме со младинските организации и сме членка - основач на Националниот младински совет на Македонија, придонесуваме во работата и функционирањето на НМСМ и креираме заеднички решенија кои се од интерес на младите. Исто така одржуваме средби со подмладоците на остнатите политички партии каде настојуваме, како млади политичари да креираме пивисоко ниво на политички дијалог, особено за прашања поврзани со младите.


Х.С.

Можеби ќе ве интересира

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“