Исчезна новинарот кој го истражуваше убиството на Оливер Ивановиќ
Објавено во: Балкан 14 Јуни, 2018
Новинарот Стефан Цветковиќ од Бела Црква, кој го истражувал убиството на лидерот на косовските Срби, Оливер Ивановиќ исчезнал синоќа, објавија српските медиуми.
Министерството за внатрешни работи на Србија соопштило дека полицијата во Бела Црква го пронашла паркираниот автомобил за кој е утврдено дека го користел новинарот и дека е распишана потрага по него. За овој случај е известено и надлежното обвинителство.
Очевидците сведочат дека автомобилот е со отворена врата и дека покрај него биле пронајдени лични предмети на Цветковиќ.
„Исчезнувањето на новинарот е повеќе од загрижувачко и очекуваме полицијата итно да утврди што навистина се случило“- велат за агенцијата „Бета“, претседателите на Независното здружение на новинари на Србија, Славиша Лекиќ и Независното друштво на новинари на Војводина, Недим Сејдиновиќ.
Ако е киднапиран, велат дека тоа ќе биде многу лош сигнал.
Цветковиќ во февруари во Белград одржа прес-конференција насловена „Колку чини ликвидацијата на северот на Косово“ и покажа и фотографија на лица кои наводно се вмешани во ликвидацијата на Ивановиќ, и тврдеше дека тој атентат е платен 40.000 евра.