Иванов ја повика Бугарија да ја одбрани вистината и да најде решение со Македонија
Објавено во: Македонија 21 Јули, 2021
Претседателот на „Демократска Бугарија“ Христо Иванов изјави дека мора да се најде решение со Република Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Софија.
Тој вели дека Бугарија мора да покаже цврстина, но и храброст и да најде решение за проблемот со Република Северна Македонија во новиот парламент. Вистината, вели дека треба да се одбрани, но исто така и треба да се најде начин заедно да станеме членови на европското семејство. Според Иванов, тоа е бугарскиот национален стратешки интерес. Иванов во Собранието изјави дека нивните приоритети ќе бидат справување со новиот четврти бран на коронавирусот и борбата против корупцијата.
46-тиот состав на бугарскиот парламент е конституиран денеска со полагање заклетва на 240-те пратеници, но без јасна потврда за формирање на ново мнозинство кое би застанало зад идната политичка влада. Со седницата претседаваше највозрасната пратеничка Мика Зајкова, која им посака добра работа на пратениците, за остварување на соништата на бугарскиот народ.