Излезот од крепосништвото
Објавено во: Колумни 11 Април, 2013
пишува д-р Драган Тевдовски
На почетокот на Големата депресија во триесеттите години на минатиот век една шега била особено популарна: “Ако ставите двајца економисти во една просторија ќе добиете две различни мислења, освен ако еден од нив не е Лордот Кејнз во кој случај ќе добиете три.” За жал, во нашава земја веќе со години нема никаква дебата за економијата.
А, што се случува во меѓувреме? Богатење на една мала група, а осиромашување на сето останато население. Познатата поговорка вели: „една слика вреди повеќе од илјада зборови”, затоа погледнете ја првата слика. Таа ја покажува распределбата на доходот во Македонија по различни групи на население во 1998, 2002, 2005 и 2009 година. За споредба прикажана е и распределбата на доходот по групи на население во соседна Србија во 2009 година. Податоците се релевантни – превземени се од Светската банка. Прва година за која Светска банка има објавено податок за распределбата на доходот во Македонија е 1998 година, а последна 2009 година. Сликата покажува неколку непобитни факти. Учеството во доходот на земјава на најбогатите 20% од населението се зголемува од 37% во 1998 година на 49% во 2009 година, и веќе во 2009 година најбогатите 20% од населението имаат скоро ист доход колку и останатите 80% од населението. Притоа, овој процес се одвива на сметка на најсиромашните 20%, вторите 20% (ниска средна класа) и третите 20% од населението (централна средна класа). Збирното учество во доходот на овие три групи се намалува од 40% во 1998 година на 29% во 2009 година. Колкав е овој доход? Втората слика покажува дека учеството во доходот на најбогатите 10% од населението изнесува 32% од вкупниот доход во 2009 година. Значи две третини од населението (најсиромашните 20%, вторите 20% и третите 20% од населението) во 2009 година имаат понизок доход од најбогатите 10% во земјава. Дополнително, постои и јасен тренд на зголемување на учеството во доходот на најбогатите 10% од населението во периодот 1998 до 2009 година (од 22% на 32%), со исклучок на периодот 2002 – 2005 година кога релативното учество во доходот на оваа група бележи намалување. Релативното учеството во доходот на најсиромашните 10% од населението се намалува во наведениот период и во 2009 година тоа е за 15 пати помало од она на најбогатите 10% од населението во споредба со 1998 година кога тоа било за 7 пати помало. Добро би било да се види што се случува со релативното учество во доходот на најбогатите 3% (или 1%) од населението во земјава, но за ова нема податоци (Државниот завод за статистика би требало во иднина да објавува податоци за релативното учество во доходот на различни групи на население). Секако дека нееднаквата распределба на доходот се случува и во многу други земји. Дури и многу познати економисти, како Штиглиц и Кругман, како најважна причина за глобалната финансиска криза, покрај дерегулацијата на финансиските пазари, ја наведуваат растечката нееднаквост во распределбата на доходот во развиените земји. Сепак, проблемот на Македонија е што распределбата на доходот е многу понеправедна во споредба со други земји од регионот, како на пример, Албанија, Босна и Херцеговина или Србија. Ако се земе Србија учеството во доходот на 20% најбогатото население во 2009 година изнесува 37% или колку во Македонија во 1998 година. Треба да се потенцира дека Македонија во 2009 година е лидер во Југо-источна Европа (ЈИЕ) по неправедност на распределбата на доходот и нејзината распределба на доходот може да се спореди со една Грузија, а сериозно се приближува и до латино американските земји. Дополнително, после 2009 година треба да се очекува дека неправедната распределба на доходот уште повеќе е влошена во земјава. Растечката неправедност во распределбата на доходот во услови на низок и бавно растечки доход на земјава е јасен показател за осиромашување на мнозинското население и негова се поголема економска зависност од една мала група на луѓе. Дали се потребни примери? Веројатно не, но, сепак малку помош. Како се добива вработување во земјава? Како се доаѓа до тендер? Кога се исплаќаат субвенциите? Зошто едно семејство со две минимални плати не може да ги покрие минималните животни трошоци? Зошто две третини од вработените имаат плата пониска од просечната во земјава? Зошто е сè полесно работодавач да отпушти работник? Зошто се повеќе луѓе ја напуштаат земјава? Ако растечката неправедност е факт, тогаш најважно е како таа да се намали. А, за да се намали треба да се знае што ја создава. Постојат две главни причини за растечката неправедност во распределбата на доходот во земјава. Првата е форсирањето на неолибералната парадигма во одредени елементи на економијата, а втората е злоупотребата на системот која што се врши од страна на владеачката елита. Можеби на прв поглед ова изгледа чудно, бидејќи во двете причини се гледаат двата спротиставени економски концепти: првата причина се однесува на слободниот пазар (Хајек), а втората причина е неговата критика – државната интервениција (Кејнз). Но, во тоа и е проблемот. Затоа, одиме по ред. Неолибералната филозофија може лесно да се препознае во најмалку три елементи. Прво. Се зголемува флексибилноста на трудот. Од година во година работничките права се повеќе се кратат и трудовото законодавство застанува на страната на работодавачите. Дека ова не е субјективно гледање потврдува и индексот за регулација на пазарот на труд, кој е објавен во базата на Економската слобода во светот (Economic Freedom of the World). Вредноста на индексот за Македонија се зголемува од 5,9 во 2005 на 7,8 во 2010 година, притоа индексот може да земе вредност од 1 до 10, каде 1 значи дека пазарот на трудот е силно регулиран (е на страната на работниците), а вредноста од 7 и повеќе значи дека пазарот на трудот е флексибилен (е на страната на работодавачите). Во 2010 година (последната година за која има податок) Македонија има највисока вредност на индексот во регионот на ЈИЕ, после Црна Гора (8,0). За споредба, Србија има 5,7, Албанија 5,9, а економскиот лидер на Европа – Германија има вредност на индексот од 5,4. Второ. Рушење на моќта на синдикатите. Синдикалното движење од година во година ја губи својата сила и наместо да биде главниот борец за работничките права, се повеќе станува привезок во рацете на власта. Како показател на тврдењето може да се користи еден индекс на колективното договарање на платите кој го објавува Светскиот економски форум (World Economic Forum) во својот извештај за конкурентноста на земјите во светот. Индексот исто така може да земе вредност од 1 до 10, каде 1 значи дека платите во земјата се определуваат преку централизиран процес на колективно преговарање, додека 7 и повеќе значи дека секоја индивидуална компанија ги поставува платите. Македонија има највисока вредност на овој индекс (8,3) во ЈИЕ во 2010 година. За споредба, Србија и Албанија имаат 6,9, а Германија 3,5. Трето. Рамниот данок. Рамното одданочување воопшто не придонесува да се корегира нерамномерната распределба на доходот во земјава, туку го прави токму спротивното – се фаворизира текот на доходот кон богатите и надвор од земјава. Другите елементи на неолибералната филозофија можат да се видат во уривањето на системот на јавно здравство и неговата замена со приватни болници, доброто котирање на земјава на рејтинг листи за условите за водење на бизнис (се сеќавате бевме трети во светот, рамо до рамо со Сао Томе и Принципа) и слично. За волја на вистината сите земји од ЈИЕ, порано или подоцна, прибегнаа кон воведување на некои неолиберални елементи. Проблемот на Македонија е што воведените неолиберални елементи воопшто не ги остварија своите основни цели: не се отворија нови работни места, продуктивноста на индустријата не се зголеми и конкурентноста на економијата не се подобри. Туку се случи токму спротивното. Државата стана се поважна. Буџетските дефицити се зголемуваат. Јавниот долг на земјата значајно расте. Се зголемува државната потрошувачката преку изградба на споменици, музеи и административни згради. Власта одлучува: кој бизнис ќе преживее, а кој не; на кого ќе му го врати долгот, а на кого не; кого ќе го сруши, а кого не. Се ова нема врска со неолиберална филозофија, и дури најсилната критика на ваквите случувања се напишани од самиот татко на неолибералната филозофија – Хајек. Во ред, можеби ова што се случува е Кејнзијанска доктрина? Најдобриот начин да се одговори на ова прашање е преку еден од клучните концепти што Кејнз ги воведе – фискалниот мултипликатор. И тоа преку најекстремен пример кој е даден од Кејнз за неговата важност. Кејнз вели: „Ако Министерството за финансии наполни стари шишиња со пари, ги закопа длабоко во напуштени рудници и ги покрие рудниците со ѓубре од градот, а потоа ги остави приватните претпријатија по добро испробаните принципи на laissez-faire да ги ископаат парите повторно, тоа ќе влијае на намалување на невработеноста, на зголемување на реалниот доход на заедницата и на нејзиното богатство. Секако дека е поразумно да се градат куќи и слично, но ако постојат политички и практични пречки во тоа, тогаш претходниот начин е подобар отколку ништо.” Одличен пример. И притоа, најважно е дека Кејнз никаде не вика дека парите треба да се украдат. А, за политичките и практичните пречки во градењето на куќи и слично кај нас, вреди да се размисли. И уште малку Кејнз. За време на Големата депресија тој постојано ги советуваше домаќинките колку можат повеќе да трошат како би и помогнале на економијата. Сепак, мнозинството на македонски домаќинки веќе немаат што да трошат. Тие се хероите на нашето време, кои скоро и без пари успеваат да врзат крај со крај, ден со ден, но се повеќе живеат на кредит. Можеби сега е појасно зошто од една страна гледаме реклами и сме убедувани колку се добри условите за водење на бизнис во Македонија, а од друга страна слушаме експерти и владини претставници како го објаснуваат мултипликаторот од градењето на споменици (дел во Италија), музеи и административни згради. Можеби и не. Но, факт е дека на Македонија и се случува најлошата мешавина на двете економски политики која има само една цел - една мала елита да се збогати. И тоа на чиј грб? На сите останати. Кој ја плаќа и кои ќе ја плаќа сметката? Сите останати. Затоа работничките права се кратат. Затоа е лесно работник да се отпушти од работа. Затоа синдикатите се задушени. Затоа сме се подобри во условите за водење на бизнис. Затоа имаме рамен данок. Затоа се повеќе одиме во приватни болници, наместо во државни. Затоа градиме споменици и музеи, а не хидроцентрали и термоцентрали. Затоа не е важно што се повеќе се задолжуваме. Затоа ... Немојте да мислите дека нашиве се гении. Не го измислија тие ова. Ако сакате примери за други земји побарајте ја книгата „Зошто нациите не успеваат: причините за моќта, просперитетот и сиромаштијата” на Дарен Ацемоглу и Џејмс Робинсон. Тие во основа велат дека не е проблемот во капитализмот, туку во институциите. Земјите се сиромашни не поради географската положба, не поради историјата, не поради природните богатства, туку поради нивните институции. Институции кои се „алатки” во рацете на владеачките елити. Ако сте дел или близок до владеачките елити, судовите ве гледаат со поинакви очи, шансите да добиете тендер ви се повисоки, можностите да најде работа некој од вашето семејство се повисоки и слично. И сега, како да излеземе од крепосништвото? Со преродба во 100 чекори? Со преродба во 1000 чекори? Секако не. Секогаш елитата ќе најде начин како парите да завршат главно кај неа. Некогаш со повеќе креативност преку споменици и жални врби, некогаш со помалку. Некогаш индиректно со пензии, субвенции и социјална заштита до повеќе гласови, некогаш директно. И секако, и со преродба во милион чекори сите останати ќе добијат коска, а елитата сè, освен ако не се реши еден проблем. Еден, единствен проблем: злоупотребата на системот од страна на владеачката елита да престане и репрезентативната демократија повторно да ги претставува останатите. Како да се направи тоа? За тоа да се направи во земјава мора да се демонтира маската. А, маската се етничките тензии. „Големите” патриоти македонци и албанци никогаш не ја дозволија втората тензија во општеството. Поважната. Помеѓу елитата и останатите. Тензија која ќе влијае на спречување на злоупотребите и пофер доход за сите. Зошто во останатите спаѓа мнозинството на македонците, на албанците, на турците, на србите, на власите, на ромите... Единствениот начин за ова е партиите да станат мултиетнички. А, прва партија што треба да собере сила да тргне во оваа насока е СДСМ. И тоа што побрзо. На почеток тоа би значело вклучување на неколку млади и добро образувани Албанци во раководството на партијата (јас веќе имав среќа да запознаам неколку такви дечки - пораснати во Македонија, учени по светот, кои ја сакаат земјава). Не е патриотски? Тогаш, дали е патриотизам кога се тепаат деца на Калето, кога се палат цркви или џамии, кога се убиваат недолжни луѓе, додека некои си делат тендери? За мене не само што е патриотизам, туку тоа е и единствениот начин нашите деца македонци, албанци, турци, срби, власи, роми и други да живеат во мир. Вистински патриотизам. Македонски патриотизам. Ние мораме да почнеме да ја градиме нашата заедничка македонска нација, која досега се градеше во две спротивни насоки кои водат единствено во распад и војна. Симболично тоа ќе значи двата плоштада – кои сега се македонски и албански да се измешаат. Така, Скендер бег ќе дојде до Даме Груев, а Гоце Делчев ќе отиде на плоштадот од другата страна. Одејќи по оваа патека ќе ни остане време да мислиме за големи работи. А, голема работа е како да се избориме за иднината на нашите деца. И целите на економската политика ќе се променат. Наместо една стапка на одданочување за сите, ќе се воведе повисока стапка на одданочување на најбогатите во земјава, а за сите останати граѓани стапката на одданочување ќе бида пониска од сегашните 10%. Наместо сегашните 5 милиони евра за поттикнување на вработувањето, ќе се издвојуваат барем пет пати повеќе. Наместо сегашните 300 илјади евра за поддршка на развојот на малите и средните претпријатија ќе се издвојуваат 30 милиони евра. Стотиците милиони евра кои сега се трошат за споменици, музеи и административни згради ќе се пренасочат во изградба на патишта и енергетски објекти. Социјалната помош вистински ќе се зголеми за да обезбеди минимум приходи потребни за живот. Правата на лицата со посебни потреби, наместо само на хартија, ќе се обезбедуваат со инвестиции и пари од државниот буџет. Субвенциите во земјоделството ќе растат, но притоа најважно ќе биде дали го зголемуваат производството (а не како досега да го намалуваат). Македонските универзитети ќе треба да се тркаат со Љубљана и Копенхаген, а не со дисперзираните студии од градовите во земјава. Ќе се создадат институти за професионално образование по примерот на Германија и Холандија кои ќе имаат задача да оформат работна сила според потребите на бизнис секторот. Парите во јавното здравство ќе се зголемат со цел добрите лекари да останат во државните болници и со плавите картони да се добие квалитетна услуга. И ќе треба да се решат следните прашања: како социјалниот дијалог вистински да профункционира?; како да се врати моќта на синдикатите?; како пензискиот систем повторно да се стабилизира?; под кои услови да позајмиме пари од надвор?; која е оптималната монетарна стратегија за земјава?; како да се врати довербата во судството?; како вистински да се зголеми ефикасноста на јавната администрација?; како медиумите да станат независни? И ќе се отворат уште многу други прашања. А, само Европскиот социјален фонд при влезот во ЕУ ќе ни донесе милиони евра за борба против невработеноста, а членството во НАТО уште повеќе ќе ја зацврсти безбедноста и ќе ги зголеми инвестициите. И секако. На овој начин ќе остане многу помалку за најбогатите, но само вака може да се обезбеди иднината на Македонија. Вреди да се обидеме. И на крајот ви останав должен за две работи. Прво. Одговорот на Кејнз за шегата од почетокот била: „Кога фактите се менуваат и јас го менувам своето мислење, а вие господине?”. Второ. Најзначајната книга на Хајек се вика „Патот кон ропството (Road to Serfdom)”. Крепосништво е поблаг збор и се однесува на друг период. д-р Драган Тевдовски, Економски факултет Скопје* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.