20 Јули, 2019
0.0401

Како да се спречи нелегалниот одлив на капитал?

Објавено во: Колумни 18 Февруари, 2019

Меѓународната организација Global Financial Integrity врши анализи на движењето на нелегалните парични текови ширум светот. Според оваа организација, околу 1 трилион долари на годишно ниво нелегално се одлеваат од земјите во развој како резултат на криминал, корупција и даночно затајување. 

Субјектите коишто се занимаваат со горе наведените нелегални активности ги насочуваат средствата кон т.н. даночни раеви, основаат анонимни друштва и shell компании (компании школки) со цел да го прикријат својот идентитет, да ги исперат нелегално стекнатите средства, а по легализирањето на парите да можат слободно да уживаат во плодовите на својот бизнис. 

Global Financial Integrity користи повеќе методи во своите анализи. Еден од тие методи е проценката на големината на нелегалните парични текови врз основа на т.н. misinvoicing, односно неконзистентноста на цените на одредено добро со неговата објективна вредност. Секое отстапување на објективната цена од објективната вредност на одреден производ или услуга, барем на почетокот може да претставува индиција дека се работи за невообичаена трансакција којашто мора подетално да се истражи.

Притоа, субјектите коишто се занимаваат со перење пари се свесни дека постојат ситуации кога на банката и е многу тешко да изрази сомневање во веродостојноста на документот кој треба да послужи како основа за извршување на трансакцијата. Банкарските службеници не можат да ја знаат вредноста на сите стоки и услуги кои се предмет на тргување на меѓународниот пазар. 

Ситуацијата кај трговијата со стоки е нешто поповолна за банката кога истата има намера да изрази сомневање во поглед на веродостојноста на износот наведен во фактурата (или друг документ). Банката може да провери на интернет или да добие информација од берзите на стоки за цената на одредена стока. Дури и да има флуктуации во цената, најчесто станува збор за транспарентни промени со кои банката може да биде во тек. Комитентот може да ја правда разликата во цената од фактурата со вредноста на таа стока на пазарот со квалитетот на стоката или другите нејзини карактеристики. Тоа можеби ќе биде и прифатено од страна на банката, па ќе биде дозволено извршување на трансакцијата по цена која отстапува од пазарната. Но, доколку износот наведен во фактурата подрастично отстапува од општо познатата и прифатена вредност на таа стока, банката е должна да провери за што станува збор, да изврши детална анализа и да изведе заклучок за евентуалната (не)сомнителност на трансакцијата.

Се поставува прашањето што е со оние стоки (артикли) кои обично не се предмет на тргување на стоковите берзи. На пример, комитентот на банката купил уметничка слика во странство и сака да плати со дознака. Банката, се разбира, не е во можност да се впушта во толкувања за вредноста на сликата. Не само поради претпоставената некомпетентност на банкарските службеници за оценка на вредноста на уметнички предмети, туку и поради тоа што таквиот предмет покрај материјална, содржи и нематеријална вредност. Токму таквата ситуација може да биде злоупотребена од страна на субјектите кои се занимаваат со перење пари кои ќе настојуваат во името на набавка на стоки од странство да ги префрлат „жешките" пари и да им дадат легитимитет.

Ситуацијата во сферата на трговијата со услуги е уште понеповолна за банките кога е во прашање откривањето на сомнителните трансакции. Во овој случај речиси и да не постои начин на кој банката ќе ја открие вистинската вредност на извршената услуга. Субјектите коишто перат пари единствено мора да внимаваат да не претераат во поставувањето на неконзистентната цена за одредена услуга. На пример, одредено истражување на пазарот во една мала земја тешко може да чини неколку милиони евра. Дури и во случај кога банката ќе се посомнева во одредена трансакција, докажувањето е исклучително тешко од причини што услугите не се физички присутни. Физичката неприсутност на услугите овозможува крајно релативизирање на работите при одредувањето на нивната вредност, а тоа ја прави неконзистентноста на цените практично недокажлива.

Со оглед на тоа што банките се соочуваат со голем број на отворени прашања и дилеми кога е во прашање неконзистентноста на цените на увозните или извозните фактури, тој проблем треба да се решава на национално ниво. Надлежните државни органи треба да креираат одредени стандарди или параметри по примерот на најдобрите светски практики коишто ќе им овозможат на банките полесно да ја утврдуваат некозистентноста на износите наведени во фактурите во споредба со вистинската вредност на стоките, односно услугите. Со тоа и борбата со перењето пари ќе стане поефикасна, а нашата земја ќе котира многу подобро во извештаите на Global Financial Integrity.


д-р Гоце Трајковски

Во текстот се изнесени лични ставови на авторот коишто не мора да кореспондираат со официјалниот став на Народната банка на Република Северна Македонија


Можеби ќе ве интересира

Империјата го возвраќа ударот

Империјата го возвраќа ударот

„Слугата на народот“ ќе ја освојува Украина

„Слугата на народот“ ќе ја освојува Украина

Бугарски турист

Бугарски турист

Главни карактеристики на Европскиот модел на земјоделството

Главни карактеристики на Европскиот модел на земјоделството

Мајтапчиите, Заев и Зеленски

Мајтапчиите, Заев и Зеленски

Доцна стигна Вучиќ, на Косово поле

Доцна стигна Вучиќ, на Косово поле