04 Јуни, 2020
0.0222

Кaко функционираат offshore банките?

Објавено во: Колумни 06 Февруари, 2020

Што се тоа offshore (офшор) банки? Како тие банки фунционираат во праксата? Дали нивното работење е покриено со превезот на тајноста како што се верува од обичните луѓе? Дали вратите на овие банки се отворени за сите, или пак, само луѓе чие богатство се изразува во милијарди долари можат да станат клиенти на offshore банките? Како настанал поимот оffshore? Овој поим потекнува од локацијата на Каналските Острови кои и припаѓаат на Велика Британија, но физички се одвоени од нејзиното крајбрежје (или, што би се рекло на англиски, тие се оffshore). Покрај на Каналските Острови, offshore банки можат да се сретнат и на низа други острови на Карибите или Индискиот и Тихиот Океан, но и во земји кои немаат никакви допирни точки со морињата и океаните. Типичен пример за тоа се Швајцарија, Луксембург или Андора. 

Што се крие под поимот offshore банка? Во суштина тоа е банка која прибира депозити од странски државјани, нејзиното седиште се наоѓа во земја која претставува даночен рај и истата обезбедува голем број на финансиски и правни привилегии за своите клиенти. Offshore банките многу често се врзуваат со сивата економија, даночната евазија, анонимните (шифрираните) сметки, перењето пари и сл. Со оглед на тоа што работењето на овој вид на финансиски институции обично е заштитено со концептот на банкарската тајна, мистеријата за нивните активности уште долго време ќе биде присутна. Во кои земји обично се формираат offshore банки? Обично тоа се земји кои што немаат договори за размена на даночни податоци со други држави, лесно и брзо се основаат нови претпријатија, постојат одлични електронски комуникации, како национална валута обично се користи некоја од главните светски валути - американскиот долар или еврото и постои голем степен на зависност на земјата од секторот на финансиски услуги. 

Доверливоста е на исклучително високо ниво, а девизна контрола не постои. Самите offshore банки на своите клиенти им нудат пристап до стабилни политички и економски системи. Поради големиот степен на банкарска дерегулација, овие банки можат да работат со ниски трошоци, а на клиентите да им понудат повисоки каматни стапки за нивните заштеди, отколку што е тоа случај во домицилните земји на тие клиенти. Фактот што приходот од заштедите, односно каматата не се оданочува ги прави овие банки поконкурентни во однос на другите банки во светот. Посебен интерес привлекуваат анонимните (шифрираните) сметки кои, на некој начин, претставуваат заштитен знак на оффсхоре банките. 

Идентитетот на сопственикот на анонимна сметка се чува во тајност од страна на банката. Најчесто вакви сметки се отвораат од страна на лица кои не сакаат да платат данок во матичната земја или настојуваат да го скријат потеклото на своите пари. Во борбата за поголем број на клиенти, некои банки кои отвораат анонимни сметки дури и престанаа да бараат одреден депозит како минимум при воспоставување на деловен однос. Сепак треба да се истакне дека во денешно време и анонимните сметки не се целосно анонимни. Сопствениците на тие сметки можат да бидат откриени од страна на банката на трети лица врз основа на судски налог, посебно кога се работи за откривање на банкарска измама или даночна евазија. 

Offshore банките имаат улога во развојот на земјите каде што се лоцирани. Овие банки, заедно со туризмот, служат како движечка сила на островските земји. Привлекуваат странски инвестиции и креираат поголем економски развој. На некој начин, вршат реалокација на финансиската моќ од развиените земји во земјите во развој. Географски гледано, поголемиот дел од оffshore дестинациите се доста оддалечени од Европа. Посетата на тие дестинации е скапа, па затоа најчесто се отвораат сметки без физичко присуство на клиентот. Деловниот однос се воспоставува преку интернет, а во одредени ситуации (за да не се остави пишана трага) и преку телефон. 

Обично оffshore сметки отвораат богати луѓе кои имаат интерес своите пари да ги насочат надвор од нивните матични земји. Оffshore банкарството опфаќа значаен дел од меѓународниот финансиски систем. Експертите веруваат дека половината од светските текови на капитал се одвиваат преку оffshore финансиските центри. Во земјите кои имаат третман на даночен рај живее околу 1,2% од населението во светот, а тие земји поседуваат 26% од светското богатство. Се проценува дека од 13 до 20 илјади милијарди фунти се насочени на оffshore сметки во светот. 

д-р Гоце Трајковски 

Во текстот се изнесени лични ставови на авторот коишто не мора да кореспондираат со официјалниот став на Народна банка на Република Северна Македонија

Можеби ќе ве интересира

КОВИД-19 - шансата на векот за македонската економија?

КОВИД-19 - шансата на векот за македонската економија?

Битиќи VS Лазаров: Ќе му помогнат ли ваучерите на домашниот туризам

Битиќи VS Лазаров: Ќе му помогнат ли ваучерите на домашниот туризам

ФЕР e ...

ФЕР e ...

Хоби или бегање од секојдневјето?

Хоби или бегање од секојдневјето?

Производна ориентација на македонскиот агрокомплекс

Производна ориентација на македонскиот агрокомплекс

Наркоманска лицемерна нација!

Наркоманска лицемерна нација!

Трамп го затвора отвореното небо!

Трамп го затвора отвореното небо!

Тоне ли извозот и извозните компании: Битиќи vs Лазаров

Тоне ли извозот и извозните компании: Битиќи vs Лазаров