27 Април, 2024
0.0283

Ќе бара ли Грција и колективна лоботомија за сите што се чувствуваат Македонци

Објавено во: Колумни 20 Февруари, 2018

Добивај вести на Viber

На повидок било решението за името на нашата татковина - Република Македонија, име со кое проблем има нашиот јужен сосед Република Грција. Освен Грција, проблем со нашето име нема никој, но заради непринципиелната солидарност на најголем број земји членки на Европската унија, како и членки на НАТО, спротивно на Повелбата на ООН и на принципите на меѓународното право, се врши невиден притисок да го преиначиме името на нашата држава, а со тоа и се што оди со него - јазикот и името на доминантниот македонски народ што живее во Република Македонија. 
До сега бевме навредувани и понижувани како македонци, лично така го доживував секое доаѓање на кој било претставник на меѓународната заедница, бидејќи во изјавите што ги даваа, нашата држава беше безимена, сите помали заедници на нашите сограѓани беа нарекувани со нивните етнички имиња - албанци, турци, роми, срби, а за нас македонците се измислуваа најразлични безлични флоскули кои понижуваат и болат, ретки беа тие што не удостоија и именуваа со нашето име - македонци, македонски народ.

Последниот шамар го доживеавме неодамна при посетата на генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, кој јасно им стави до знаење на нашите авторитети дека без промена на името, нема надеж за членство во НАТО и покрај тоа што стратешки гледано и НАТО алијансата е заинтересирана за наше полноправно членство, колку што сме и ние. Вака НАТО нема целосна контрола и доминација на Балканот, особено што Република Србија и Република Српска експлицитно се против членство во таа воено политичка организација и развива исклучително плодна воено економска соработка со Руската федерација, која се поагресивно се наметнува на овие простори.
Република Македонија мора да разгледува и алтернативи во однос на нејзината безбедност и иднина. Впрочем, за сопствениот развој мора да се имаат предвид и алтернативни решенија, можеби потешки, понеповолни, но достоинствени. Сполај му на бога, немаме територијални аспирации кон ниту една земја од опкружувањето, немаме ниту намера, ниту потреба со некого да војуваме, ниту пак имаме потреба да учествуваме во окупацијата на Авганистан (?!) или Ирак (?!), а учествуваме под знамето на НАТО.

И покрај тоа што имаме и други пријатели кои се постојани членки на Советот за безбедност на ООН, а се економски и војнички моќни и не признале со нашето уставно име, врзувањето со нив не би бил добар избор. Меѓутоа, неутралност во вакви услови, како уценета земја и народ, е алтернатива, за која треба да се размислува.
Актуелните политички елити се тие што треба да го изнајдат решението за проблемот што грците и нивните непринципиелни поддржувачи го имаат со нашето име и дај боже побргу да го решат. Меѓутоа, ако нешто решаваат, може да решаваат за името на нашата држава во комуникацијата со Грција, а не и за идентитетските прашања - името на народот и неговиот јазик, впрочем мандатот доверен од ООН на медијаторот Метју Нимиц е да посредува во спорот со името на државата. 
Сега излезе дека три прашања биле усогласени, а за уште четири се преговара (?!) Белки две од четирите нерешени прашања не е договор за колективна лоботомија на секој што се чувствува и декларира како македонец; и како ќе треба да се преименува Македонски Брод и Македонска Каменица?! 

Очигледно е дека грчките националисти така и го разбираат принципот ерга омнес - се инсистира на промена на Уставот и новото име да се користи и меѓу нас, во внатрешната комуникација, како и во вкупната меѓународна комуникација дури и со оние на кои не им пречи нашето име. Ова може да се заклучи и од последното интервју од 17.02. на грчкиот министер за надворешни работи Коѕијас, дадена за грчката ТВ Алфа. 
Нема човек што ќе ги погази делата на македонските дејци - светите браќа Кирил и Методиј, светите Климент и Наум, Русински, Цепенков, Прличев, Миладиновци, Делчев, Груев, Карев, Антевски - Дрен, Јосифоски - Питу, Рацин,што ќе ги избрише од меморијата изгорените домови, разорените македонски села од грчките андарти, протераните деца, мајките и семејствата од егејскиот дел на Македонија, со декрет сменетите топоними на селата и градовите во кое живеело македонско население и уште илјадници и илјадници како нив. Тие дејци, кој со перо, со интелектуален придонес или со оружје в рака, го основоположиле и јазикот и името на оваа нација која се врзува со територијата на која со векови живеела?! Тоа многу добро го знаат и актуелните грчки лидери и особено нивните ментори, многу добро ги знаат своите злодела од минатото, тие им стојат над глава и никогаш нема да можат да се ослободат од тие гревови, тоа е нивниот проблем, не името на нашата татковина.

Не може да се преговара за тоа како нашите прадедовци, дедовци, нашите родители национално се чувствувале, како ние и нашите деца национално се чувствуваме и ќе се декларираме, ниту еден референдум не може го реши проблемот. Тоа што се чувствуваме како македонци е во генетскиот код, во завештението од дејците, знајни и незнајни кои погоре во текстот се спомнати. Тогаш кога тие (спомнатите дејци) ќе можат да се откажат од своите дела, од сопствените коски со кои е градена оваа држава, кога тие ќе се откажат од својот вековен ужас без крај, тогаш кога тие ќе можат да се декларираат некако поинаку, тогаш ќе прифатиме тоа што новиот кум ќе ни го надене како име на еден обезличен народ, само тогаш и без референдум. Кому не му е јасно дека тоа е прашање за кое едноставно нема разговор, нема пазар.

Никој не може да си поигрува со светиите во кои се втемелени коските, крвта, вековните судбини и ужаси на нашите предци. Нема да поминат "добрите" намери на елитите, без разлика кои се и од каде се, ако чепнат во идентитетските прашања, а ниту нивните поколенија аир ќе видат. Впрочем, ако некој не ја прочитал, нека ја прочита, а ако ја прочитал, нека ја препрочита песната на Прличев - В'хиљада седумстотин шесдесет и второ лето, особено нејзините последни стихови, таму е пораката за сите.

Има многумина интелектуалци кои ги релативизираат прашањата поврзани за името на државата, името на народот, на јазикот, премолчувајќи ги одредбите од Повелбата на ООН, принципите на меѓународното право, но најстрашно од се, забораваат дека Република Македонија како држава не ја создале тие, ниту доколку би се чекало на нив, некогаш би ја создале.

Само како илустрација, кога САД после втората светска војна одби да го признае Националниот совет на Франција за легитимна влада на француската држава, генералот Дегол, како претседател на советот кратко прокоментира - "Тоа што сме ние денес и тоа што ќе бидеме утре, не зависи и нема да зависи од никој друг, освен од нас самите"!

Е, драги мои, го имаме ли ние нашиот Дегол?!


Воислав Зафировски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД