Коѕијас ќе оствари средби со македонскиот државен врв
Објавено во: Македонија 23 Март, 2018
Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас денеска ќе оствари средби со македонскиот државен врв.
Коѕијас најпрво ќе се сретне со македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров. Според планираната агенда тие ќе имаат тет а тет средба, а потоа следуваат пленарни разговори меѓу двете делегации. Двајцата министрите потоа ќе одржат заедничка прес-конференција.
Според најавите од МНР, разговорите на министрите Димитров и Коѕијас ќе бидат во контекст на напорите за надминување на разликата околу името, како и на други билатерални прашања од заднички интерес, со акцент на имплементацијата на мерките за градење доверба.
Коѕијас за време на неговиот престој во Македонија ќе биде примен и од претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, како и од заменикот претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи.Тој нема да се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, а тоа, како што велат во кабинетот на шефот на државата, не било ни побарано од грчка страна.
Посетата на Коѕијас се одржува на покана на македонскиот министер за надворешни работи.Тој беше пречекан од македонска делегација, а потоа се смести во хотелот Мериот.
По разговорите во Скопје, министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас ќе имаат нова средба на 30 март во Виена на која ќе биде и посредникот на ОН, Метју Нимиц.