30 Април, 2024
0.0361

Кога светците маршираат

Објавено во: Колумни 22 Мај, 2017

Добивај вести на Viber

Луис Армстронг, големиот и ненадминливиот, волшебно и со многу емоции ја свири When The Saints Go Marching In, или во превод, кога Светците маршираат, а јас потполно опуштена и со сладострастие ја впивам секоја нота од, за мене една од омилените нумери, кои, иако сте ги слушнале илјадници пати, секогаш ви будат пријатни емоции. И не знам што ми требаше за миг да ја намалам музиката и да го зграбам даљинското од телевизирот и да го појачам неговиот звук, кој дефинитивно ми ги размрда мозочните ќелии и ми направи пресврт во мојот емотивен набој. Всушност знам, самиот наслов кој одеше на кајронот ми го привлече вниманието и сета симболика со песната која ја слушав ми стана симпатична, но само за миг, бидејќи кога ја чув веста, искрено добив порив да врескам, чудејќи се на будалштините кои катадневно не навјасуваат.

  И кај нас почнале Светци да маршираат, и тоа рано наутро, во 3.30 часот и тоа на зграда која е дел од фамозниот и, простете ми што вака ќе се изразам, но кичерајски проект, Скопје 2014. Многу имам пишувано и говорено за овој проект и таман кога ќе си помислите дека лудилото заврши, сфаќате дека тоа нема крај и нова драмолетка го прати истиот. Чудни светци, извајани и проектирани, никнуваат во утра рани, штом зора се буди, поставени од работници за кои нема празник и делник, нема викенд, има само примање и извршување на наредби. Светците се поставуваат во неприкладно време, на неприкладно место, што би се рекло со социолошки речник, сквернавење на светото и сакралното. Барем малку да се имаше почит кон она што е свето, бар малку да се знаеше наменски нештото да се искористи, барем малку да се знаеше да не се вулгаризира религијата и употребува во катадневни и политички цели. Малку да се имаше почит кон нештото, малку да се согледаше целокупниот културен хабитус, малку да се разбереше уметничкиот дискурс и се ќе беше поинаку, вака само, како бисери се нижат глупостите, а шундот и кичот станаа заштитен знак на проектот Скопје 2014.

  Она што иритира и ве вади од колосек е, простете ми на вулгарноста, идиотизмот со кој се продолжува да се оди и без тронка страм, во духот на макијавелизмот, се гради и троши баснословно, се фрлаат наши пари, да, пари од секој чесен граѓанин, кој плаќа придонеси и даноци. А се запрашал ли некој како тие пари, што се фрлаат на споменици, склуптури, вајани светци, би се употребиле покорисно и наменски или за тоа воопшто не ви е важно, бидејќи профитот ако испратиш некого на лекување е невидлив, но затоа кај вајаните светци и те како е видлив. Простете ми на речникот, но отиде се во бестрага, прекумерно е и бесполезно веќе да се говори, кога не ги допира гласот ама воопшто надлежните. И ајде големи демохристијани, да ве прашам јас, знаете ли дали светец треба да се ваја и каде да се постави или само се слика и поставува на нему соодветно место? Зарем верските храмови, кои се чистилиште за лошите мисли и дела и храм на покајание за човековата грешна природа, но и места каде морално и духовно се прочистувате и вдахновувате, може да бидат заменети со згради во кои има можност и да се стори некој блуд или неморален акт? Или можеби и затоа ги ставате светците, за да веднаш се проштеваат гревовите. О мои демохристијани, толку од познавањето на религијата и вашата вера.

  П.с. Еразмо Ротердамски, кога денес би ја пишувал безвременската “Пофалба на глупоста”, би напишал минимум десет тома. Колку пофалби на будалштините имаме овие години, што врвни литерати не би стасале сето тоа да го стават на хартија. И ајде веќе мислите дека ова е последна пофалба на глупоста, кога гледате сечење на лента на новата зграда на Македонската филхармонија...оп оп оп сиров материјал за следната колумна...

Проф. Д-р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД