Koj му се заканува на Иванов?
Објавено во: Македонија 07 Декември, 2018
Се вршат притисоци и закани кон мене, со цел да потклекнам и да отстапам од моите ставови во врска со политичките случувања во Република Македонија и политиките кои ги спроведува актуелната Влада, изјави шефот на државата, Ѓорѓе Иванов попладнево во своето обраќање до јавноста.
„По кој знае кој пат повторувам дека нема да отстапам од моите ставови“, кажа Иванов.
Тој додаде дека деновиве неговиот кабинет бил мета дури и на лажни искази дадени во судскиот процес за настаните од 27 април. Потенцираше дека за давање лажен исказ пред Суд, кривично се одговара и ги охрабри сите оние кои го обвинуваат слободно да се обратат до надлежните институции, Министерството за одбрана, Армијата на Република Македонија, Агенцијата за разузнавање, Управата за безбедност и контраразузнавање и други институции кои се споменуваат, и да побараат веродостојни информации за планските и дневните активности на секој старешина, командант и војник.