Колку пари направи „Витаминка“ за пола година?
Објавено во: Економија 23 Август, 2018
„Витаминка“ за половина година има раст на продажбата за 2 милиони евра до износ што надминува 15 милиони евра. Зголемениот обем на производство со новите инвестиции носи и добивка од 742.000 евра што е безмалку пола милион евра повеќе од истиот период лани. Новата инвестиција ги зголеми кредитните обврски на компанијата до ниво од 20 милиони евра
Прилепската прехранбена индустрија „Витаминка“ за првата половина годинава има значајно подобар резултат во споредба со истиот период лани, покажуваат официјалните податоци од финансиските извештаи што таа компанија ги објави на сајтот на Македонската берза за хартии од вредност.
„Витаминка“ во првите шест месеци има приходи од продажба во износ од 15,24 милиони евра и тие се за 1,97 милиони евра повисоки од истиот период лани односно бележат раст од 15 отсто. Тоа е одличен раст на приходи од продажба и укажува на зголемен производствен капацитет и збогатен производствен асортиман. Од структурата на продажба се гледа дека компанијата направила значаен продор на домашниот пазар во првите шест месеци во споредба со истиот период лани. Имено продажбата дома е 9,14 милиони евра за половина година и таа бележи раст од 28 отсто односно 2 милиони евра повеќе во однос на првото полугодие лани. При тоа компанијата го одржала извозот на исто ниво како и лани односно реализирала девизен прилив од 6,1 милиони евра. Во овој период компанијата значајно ги зголемила и своите залихи – тие пораснале за 39 отсто и достигнале 1,3 милиони евра.
Оперативните расходи во оваа половина година достигнале 15,1 милиони евра и пораснале за 2,06 милиони евра. Најголемо учество во растот на трошоците имаат суровините и други материјали кои пораснале за 19 отсто односно за 1,5 милиони евра до износ од 9,38 милиони евра. Овој податок во корелација со зголемените приходи од продажба укажува на тоа дека е зголемено производството. Значајно зголемување има и кај трошоците за вработени кои изнесуваат 2,49 милиони евра односно 21 отсто или 434.500 евра.
Оперативната добивка на компанијата за првото полугодие изнесува 915.000 евра и бележи раст за 177 отсто односно 584.000 евра повеќе од истиот период лани. Нето добивката на компанијата е 742.000 евра и таа е за безмалку половина милион евра поголема од добивката во истиот период лани.
Од билансите се гледа дека компанијата годинава има нова инвестиција затоа што има зголемувања на вредноста на недвижностите и на останатите материјални средства. Вредноста на недвижниот имот во споредба со истиот период лани е зголемена за 2,7 милиони евра, а вредноста на останатите материјални средства е зголемена за повеќе од 11 пати и за разлика од лани сега изнесува 6,2 милиони евра.
Од билансот на состојба се гледа драстично зголемување на обврските на компанијата, а тоа се должи на кредитната изложеност на компанијата.Обврските по краткорочни кредити изнесуваат 4,48 милиони евра на крајот на јуни годинава, а долгорочните кредити се на ниво од 15,36 милиони евра. Вкупните обврски на крај на јуни изнесуваат 23,86 милиони евра, а во истиот период лани биле 9,62 милиони евра.
Р. Ф.