КРАТОВЧАНЕЦ ЖИВЕЕ ОД ПРОИЗВОДСТВО НА МЕД: Kолку треба да вложиш за добра заработка?
Објавено во: Агробизнис 04 Февруари, 2019
Да може да живее едно четиричлено семејство од производство на мед, треба да одгледува повеќе од 60 пчелни семејства, вели кратовчанецот Антонио Стојановски.
Тој уште во 2014 година почнал да се интересира и да учи како се одгледуваат пчели, а во 2016 година почнал да се занимава со пчеларство. Неговиот пчеларник се наоѓа во селото Страцин, Кратовско каде моментално има 17 кошници.
„Имам порака до младите пчелари кои сакаат да одгледуваат пчели да не почнуваат со многу семејства, максимум 5, а минимум 2 за првата година затоа што не е толку едноставно и лесно да се одгледуваат пчели, секоја работа има своја тежина. Нормално дека бараат грижа и нега исто како да се грижиш за мало дете, исто така треба и со пчелите. На младите им советувам повеќе да слушаат совети од постарите и да читаат литература за пчелите од интернет, да си купат или позајмат некоја книга“, вели Стојановски.
Лани извадил 20 кг мед по кошница, и вели дека секоја година приносот варира.
„За оваа година ке покаже времето се надевам над 15 килограми да биде, па ќе видиме. Медот го продавам по роднини, пријатели, познаници, секаде“, вели тој.
За својот пчеларник, Стојановски раскажува дека досега вложил 3.000 евра, а оној кој сака да купи кошница со пчела објаснува дека тоа ќе го чини околу 100 евра. За три до пет години оној кој ќе почне да се занимава со пчеларство може да ги поврати парите кои ги инвестирал.
Сепак, смета дека кај нас луѓето тешко се решаваат да почнат бизнис со одгледување на пчели.
„Ретко кој се определува да одгледува пчели затоа што е потребна инвестиција и ако ве касне пчела прилично многу боли. Може да се реши некој, но да не успее ако нема пари за инвестирање“, додава пчеларот.
Тој за 3 до 4 години планира бројот на пчелни семејстава да го зголеми на сто.
Сања Атанасовска