05 Декември, 2025
0.3814

Зеленски „под контрола“!

Објавено во: Колумни 01 Декември, 2025 08:29

Добивај вести на Viber

Американскиот преговарач Стив Виткоф денес лета за Москва. Во вторник тој треба да се сретне со претседателот на Русија, Владимир Путин. Виткоф на Путин ќе му ги пренесе резултатите од вчерашните преговори на САД со Украина во Мајами. На 4 и 5 декември Путин ќе биде во Њу Делхи во официјална посета на Индија.

Со што ќе патува Виткоф во Москва? Судејќи по изјавите на американскиот претседател, Доналд Трамп, постои добра шанса да се склучи зделка. И покрај тоа што во Украина има „проблеми со  корупцијата“. Трамп смета дека американската делегација добро работела на средбата во Мајами. Во текот на летот од Мајами кон Вашингтон тој изјавил дека нема намера на Русија да и поставува краен рок за завршување на војната во Украина. „Мојот дед-лајн ќе биде кога ќе се заврши војната“, изјави Трамп. Тој смета дека како и Украина и Русија е заинтересирана за завршување на војната во Украина.

Од информациите што доаѓаа од Мајами во текот на преговорите се разгледувала можноста за размена на територии меѓу Русија и Украина. Меѓу отворените прашања што останале е и настојувањето на Русија за меѓународно признавање на териториите под нејзина контрола. Пред почетокот на преговорите се соопштуваше дека на нив ќе се разговара за барањето на Русија за територијалните прашања, барањето на Русија Украина да се повлече од Донбвс, за гаранциите за безбедност. Станало збор и за роковите за изборите во Украина.

Ако се суди според изјавите на водачите на двете делегации, државниот секретар, Марко Рубио и секретарот на СНБУ, Рустем Умеров, и покрај искажаниот оптимизам од Трамп, нема конечен договор за спорните прашања. Марко Рубио, изјави:„ Денешната средба со Украинците беше доста продуктивна. Ние уште треба да работиме“. Како и пред извесно време тој и вчера кажа дека Москва „треба да биде вклучена во равенката“ за решавање на руско-украинскиот конфликт“. Според Рубио, има уште многу работа и покрај вчерашната продуктивна и полезна сесија на која е постигнат дополнителен напредок. Тој смета дека се појавува визија која се однесува не само за самото завршување на војната, што е важно, туку се работи и за да се обезбеди иднината на Украина, иднина која, како што се надева, ќе биде попросперитетна, откога било порано.

НЕМА КОНЕЧЕН ДОГОВОР

И водачот на украинската делагација, Рустем Умеров, дека има опиплив прогрес на патот на воспоставување праведен мир„ „Средбата беше содржајна и успешна. Пред нас има уште многу работа“ изјави тој. Како и РУбио и тој не кажа за што е постигнат конкретен договор. Но од овие зборови јасно е дека конечни договори не се постигнати. Умеров му реферираше на претседателот Владимир Зеленски. „Постои значаен напредок во промовирањето на достоинствен мир и зближување на нашите позиции со американската страна“, рече тој. Умеров истакна дека клучните цели на Киев, како што се безбедноста, суверенитетот и трајниот мир, остануваат непроменети и нив ги дели и американската страна. Допрва се чекаат нови консултации и работа за усогласување на заедничко рамковно решение.

Не се знае што ќе му донесе Витокф на Путин во вторник. Но третата непозната од равенката, Русија, низ устата на рускиот претседател на прес конференцијата во четвртокот во Бишкек, Киргизија, јасно ги истакна своите очекувања за идните настани. „Кога украинските трупи ќе ги напуштат териториите што ги држат, борбите ќе престанат“, изјави Путин. „Ако не, ќе го постигнеме ова со воени средства“, додаде тој.

Во меѓувреме, Владимир Зеленски е под растечки политички притисок на домашната сцена во услови на мировни преговори, бидејќи украинската влада се мачи со корупциски скандал што го принуди неговиот близок помошник и началник на кабинетот, Андреј Јермак, да поднесе оставка. По оставката ослабеа и внатре политичките позиции на украинскиот претседател, а членови на неговата партија во парламентот, “Слуга на народот“, може да преминат во опозиција. На тој начин партијата ќе го изгуби простото мнозинство во парламентот. Потребно е „бегство“ само на четири пратеници. Сега партијата има 229 , а за просто мнозинство е потребни 226 пратеници. Наредното гласање за буџетот ќе биде показател, дали пратениците решиле да си заминат или пак ќе го поддржат буџетот, а со тоа и претседателот.

ПРИТИСОЦИ

Целта на опозицијата во украинскиот парламент е да придобијат пратеници од мнозинството, па на тој начин да го стават  Зеленски „под контрола“. А не обратно, како што беше досега, кога Кабинетот на претседателот беше главниот, а веројатно во согласност со Зеленски, за носењето на одлуките од страна на пратениците. Одлуки кои не им се допаѓаа на многумина. Слабоста на партијата на Зеленски е во тоа што таа беше создадена набрзина, па во неа луѓето беа собирани од „улица“. Некои од пратениците се качија во возот до парламентот благодарение на поддршката од олигарсите или преку изборите, надвор од партиските списоци. И така беше направено простото мнозинство, кое сега може да пукне. И да му одземе на Зеленски дел од моќта што ја има. Украина е парламентарна-претседателска република, но претседателите секогаш се наметнувале врз парламентот со купување на пратеници. Па така успева да го манифестираат својот авторитарен порив. Така беше со двајцата леонидовци, Кравчук и Кучма, со Виктор Јанукович...

Притисокот дома, притисокот од војната и притисокот од преговорите за мир прават на Зеленски да не му цутат рози. И за него зборуваат дека пројавува авторитаризам. Уште пред војната. Со затворање медиуми, забрана на партии, а потоа забрана на црква, јазик и сл. Што впрочем денес му го потенцира и ЕУ во некоја смисла.

Ако се суди според некои негови блиски соработници, Како да му е дојдено преку глава од претседателствувањето. Украинскиот портал Strana.news,пренесе дека Зеленски решил да потпише прекин на огнот и на Нова Година да изјави дека поднесува оставка. Порталот се повикува на изјава на еден водечки политиколог од Кабинетот на претседателот Владимир Петров. „Не мислам дека претседателот ќе ни го каже ова, но јас помислив дека Зеленски решил да нè за*бе сите. Не се шегувам“, вели Петров. „Мојата прогноза е целосно неоснована, без никаква анализа. Станува збор за следново: ќе потпишеме прекин на огнот до 15 декември. До 15 декември ќе има тивка баханалија, огромна количина вести, некакви движења, политичка хистерија и сè друго. На Нова Година, Зеленски ќе им се обрати на луѓето и ќе каже: „Минатата Нова Година реков дека се кандидирам за претседател (осврнувајќи се на изјавата на Зеленски во ноќта на 1 јануари 2019 година - ред.), а оваа Нова Година ви велам дека поднесувам оставка“. Потпишавме прекин на огнот. Понатаму претседателот на парламентот ќе ги води преговорите наместо мене. И тој (Зеленски - ред.) ќе се повлече и нема да се кандидира на изборите. И нема да создаде нов политички проект“, пишува политичкиот стратег. Тој, исто така, јасно става до знаење дека Зеленски и неговата сегашна партија нема да можат да создадат таков проект, бидејќи „Слугата на народот“ „не е потребен во неговата сегашна форма“. „Го гледам и разбирам дека повеќе не сака. И не е дека е уморен од војната. Туку е дека е уморен да ни објаснува на сите зошто, до ку*ца , ни треба сето ова“, додаде Петров, појаснувајќи дека станува збор за неопходноста од натамошно војување, за што се залага Зеленски, но кое не го сакаат другите.

КАДРОВСКИ ЛИЦИТАЦИИ

Ако ова го вели соработник од Кабинетот на претседателот, иако тврди дека прогнозата е неоснована и е без анализа, може да се замисли што вели или што подготвува опозицијата. После оставката на најблискиот соработник и шеф на неговиот кабинет, Андреј Јермак, многумина помислија сега на ред е Зеленски. Пишуваат новинари, аналитичари, политичари...Најголем број од нив до вчера молчеа. Сегашните критичари очекуваат и Зеленски да замине благодарејќи на истрагите на Националното антикорупциско биро на Украина (НАБУ). Има и такви теории. Зеленски самиот да замине без да го потпише договорот за прекин на огнот, па тоа да го направи в.д. претседател  на државата, односно претседателот на парламентот.. Но нов, кој би го избрало новото парламентарно мнозинство.. Како што беше направено, кога го тргнаа Виктор Јанукович од власт, избраа нов претседател на парламентот и тој, според уставот, беше времен претседател до новите претседателски избори.

Веќе се лицитира со името на таквиот претседател. Некој сметаат дека тоа ќе биде Давид Арахамија, сегашниот лидер на фракцијата на „Слуга на народот“ во Парламентот. Други пак сметаат дека тоа најдбро би го правела некогашната премиерка, Јулија Тимошенко, која веќе има потпишувано документи со Русија. А таа во моментов, заедно со Петар Порошенко, поранешниот претседател, се единствените политичари од „тешка категорија“ кои би биле подготвени да стават потпис на секој важен документ. Се разбира, ова личи на народната „ја ставиле тавата на оган, а рибата е се уште во водата“.

Но дека нешто се подготвува во Украина станува јасно од однесувањето на влијателни личности. Зеленски секако ќе сака да биде претседател и натаму, но дали и да биде „под контрола“. Засега контролата врз парламентот е негова. Но лесно може дај ги изгуби политичките лостови за владеење, а може да ги изгуби и воените. Не се мали критиките на воените команданти. Па дури и главниот командант Александар Сирски, за воените неуспеси на Украина на фронтот. Може да се случи Сирски да биде сменет, под притисок на опозицијата, што ќе биде уште една потврда дека Зеленски е „под конгтрола“.

ПОЛИТИКАТА И ВОЈНАТА

Деновиве од Лондон, каде што е амбасадор се јави поранешниот главен командант, Валериј Залужњи. Како да бара реванш од Зеленски за „протерувањето“ од фронтот на дипломатска работа во Британија. Во порталот Liga.net тој искажа свое мислење за актуелните состојби во земјата, во вид на колумна, анализа , која, пак, може и да се протолкува како програма за евентуално кандидирање на претседателски избори. Да не се заборави дека тој е лидер во сите истражувања за евентуален нов претседател на државата. Можеби неговото обраќање до јавноста е случајно, но во политиката случајности не виреат. И токму во време кога Зеленски е под притисок од аферите со корупцијата, од Вашингтон за договорот и од Москва со војната.

Залужњи во .текстот посветен на политиката и војната  и реалноста наспроти очекувањата, прави преглед на се она што се случува и се случувало во Украина од февруари 2022 година, па до денес. Пред се’’ на воен план, но сето тоа проткаено со политиката. Па прашува „Зошто во војната критично е важно формулирање на политичката цел“?  Тоа е како скриен удар врз политичката власт во Украина. Особено врз Зеленски како претседател. Според Залужњи, во Украина не била формулирана политичката цел во војната. Залужњи спомнува и корупција и неуспешна мобилизација  Но тој сепак смета дека е можен мир со Русија. Според Залужни, при формулирањето на политичката цел на војната, важно е да се запомни дека таа не секогаш завршува со победа за едната страна и пораз за другата: огромното мнозинство војни завршуваат или со меѓусебен пораз, или со тоа што секоја страна е уверена во својата победа, или со други варијанти.

„Значи, кога зборуваме за победа, мора искрено да го кажеме следново: победата е распад на Руската империја, а поразот е целосна окупација на Украина поради нејзиниот распад. Сè друго е едноставно продолжување на војната“, тврди поранешниот главен командант. Па пишува. „Иако Украинците, секако, посакуваат целосна победа (распад на Руската империја), тие исто така не можат да ја отфрлат опцијата за долгорочен, повеќегодишен крај на војната, бидејќи токму ова е методата за завршување на војните, што е премногу честа во историјата на војните“, Тој верува дека мирот, дури и оној што тече во очекување на следна војна, нуди шанса за политички промени, длабоки реформи, целосно закрепнување, економски раст и враќање на граѓаните. Залужњи како да ја согледува реалноста, Но во моментов во Украина друг одлучува за војната и за мирот - Зеленски.

Некогашниот главен командант во неговите амбиции можат да го поддржат многу олигарси и политичари фрлени во немилост од страна на Зеленски. Некои дома, други во странство. Има теории дека Залужњи би бил предложен за премиер на „Влада на национално единство“. А  потоа би можел да се кандидира за претседател. Фракцијата на Зеленски во парламентот со помош на НАБУ, со закана со кривични пријави против пратеници, би била поделена. Покрај олигарсите и НАБУ во игра би биле и градоначалници, невладините организации блиски до Демократската партија во САД, кои беа „притиснати“ од Зеленски. Сите тие, дека,, наводно му работеле зад грб.

Единствената шанса за Зеленски, да не падне под контрола дома, во моментов е Европа. Тој денес ќе оди кај Макрон. Таму беше пред две недели. Тој очекува поддршка и од НАТО. Вчера се пофали дека разговарал со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и дека „во наредниве денови може многу работи да се сменат“. Веројатно очекува  со посетите и разговорите во Европа да му се зацврстат позициите и дома. Но, сепак, пресудни ќе бидат плановите на Доналд Трамп за мир, епилогот од корупциските скандали, кои би можеле да го опфатат и него, а не попмалку и од состојбата и развојот на ситуацијата на фронтот, која не е во негова полза. Доколку, пак, се разговарало вчера во Мајами и за рокови за избори,  тогаш неговата судбина е предречена.

Мирче Адамчевски

*Ставот изразен во колумната не е став на редакцијата

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?