Кучи ги почитува референдумите, но државата не се откажува од рудниците за злато
Објавено во: Економија 13 Мај, 2017
Министерот за економија Дритон Кучи чиј сектор ги доделува и одобрува концесиите за истражување или експлоатација на одредена локација со суровини смета дека волјата на граѓаните изразена преку референдум има големо значење но, исто така и компаниите кои веќе добиле концесии и ги исполниле законските услови имаат право да продолжат со активностите за отворање на рудници.
– Волјата на граѓаните треба да се почитува, но треба да бидеме претпазливи и да видиме дали концесионерите ги имаат завршено сите нивни обврски и дали е се согласно Законот за минерални суровини и законите кои се под ингеренции на Министерството за животна средина, истакна Кучи по промоцијата на сертицифираните СХЛ обучувачи во туризмот.
Македонија е земја која донесе стратегија за привлекување на странски инвеститори во рударството, и е една меѓу најевтините во Европа кога е во прашање концесиската стапка, а и самото законодавство и праксата се во полза на концесионерите.
Најголеми критики сепак, има за рудниците за злато кои имаат најголем импакт врз животната средина, поради самиот вид на отворен коп, потенцијалните опасности од влијание врз почвата и водата, како и пуштање на опасните хемиски средства меѓу кои цијанид и арсен во природата и долготрајно уништување на плодната почва.