Кумуцакос: Koѕијас индиректно ги прифаќа тврдењата на Скопје дека наводно Грција има иредентистички аспирации
Објавено во: Балкан 13 Април, 2018
Oдговорниот за надворешна политика во грчката опозициска Нова демократија, Јоргос Кумуцакос во реакцијата по вчерашната изјава на шефот на македонската дипломатија вели дека логиката на идентификација на Грција и Скопје во прашањето со иредентизмот е неприфатлива и ги поткопува националните позиции.
Кумуцакос како што јави дописничката на МИА од Атина, упатува критики до грчкото МНР, поради изјавата на Никола Димитров на вчерашната прес-конференција со Никос Коѕијас, за делот во кој шефот на македонската дипломатија вели дека двете работни групи „практично го усогласија текстот за идната соработка во различни области и работеа исто така на текст за спречување на иредентизмот од двете страни“.
„Се чини дека министерот за надворешни работи ги прифаќа, иако индиректно, тврдењата на Скопје дека наводно Грција има иредентистички аспирации кон соседната земја. Логиката на заемност или идентификација на Грција и Скопје во прашањето со иредентизмот ги поткопува нашите стабилни национални позиции и е неприфатлива“ – наведува Кумуцакос во пишаната изјава испратена до медиумите.
Тој бара грчкото Министерството за надворешни работи да одговори „за што има разговарано и за што се согласи со другата страна“.