Лавров бара Марија Бутина да биде ослободена
Објавено во: Свет 21 Јули, 2018
Рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров му рекол на американскиот колега дека обвинувањата против жената која е приведена за шпионажа во САД под сомнение дека е руски агент „се измислени“ и дека треба да ја пушти на слобода.
Сергеј Лавров за случајот на Марија Бутина искоментирал во телефонскиот разговор со државниот секретар на САД Мајкл Помпео, на кој целта му е подобрување на билатералните односи, навело руското Министерство за надворешни работи.
Руската државјанка е уапсена во понеделникот во САД и е обвинета за „дејствување како агент на Руската Федерација во Соединетите Држави.“
Министрите разговарале и за подобрување на хуманитарната состојба во Сирија.
Не е случајно што руската државјанка Марија Бутина била уапсена во САД токму пред самитот на рускиот и американскиот претседател, Владимир Путин и Доналд Трамп, вели нејзиниот адвокат Роберт Нил Дрискол.
Бутина (29) неодамна беше приведена, а во понеделникот беше обвинета дека е тајна агентка на Кремљ. Таа се товари дека се обидувала да се инфилтрира во Националната асоцијација за оружје (НРА), за да влијае на Републиканската партија и самата американска влада. Бутина, според истрагата на ФБИ, сакала да развие тајни канали за комуникација со американските политичари, кои имаат пристап до власта, за да ја спроведат агендата на Русија, пишува „Гардијан“.